Со заоѓањето на Сонцето и со изгревот на првите зраци од настапувањето на Светата и Велика Четириесетница, нашата Света Обител оваа вечер се наоѓаше во посебна духовна атмосфера, облагодатена со трогателноста и духовната сила на Умилителната вечерна на проштавањето. Ова уникатно богослужение, коешто традиционално, со голема посветеност и љубов се служи во нашата Обител, го означува свеченото влегување во светите денови на чесниот Пост – време на усрдно покајание, очистување и преобразување.
Како и секоја година, храмот на Чесниот Претеча беше претесен да ги собере сите благочестиви верници кои пристигнаа од сите краишта на нашата татковина, за заедно со монашкото братство и сестринствата да ги принесат своите молитвени воздишки пред Бога и да го испросат Неговиот благослов за духовното патешествие што претстои. А во името на сите нив, на сите присутни, но и на сите отсутни духовни чеда на нашата Обител, нашиот возљубен Старец, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, со умиление и со татковска топлина и грижа ги изговори молитвите за прошка на гревовите, за благослов и за благодатни сили во претстојниот посен подвиг.
На крајот од Вечерната, Старецот упати трогателно слово за суштината на постот, повикувајќи го целиот народ да се облече во светлината на простувањето, како во највозвишена добродетел што ја отвора душата за Божјата благодат. „Без прошка нема пост, без љубов нема воскресение“, истакна меѓу другото нашиот духовен отец, повикувајќи ги сите да си опростат едни со други и така, ослободени од духовниот товар, да тргнат по благословениот пат на блаженото воздржание.
По завршувањето на Вечерната, присутните имаа можност заедно да споделат манастирска трпеза на љубовта, која беше исполнета со молитвен дух и заедничарење. На самиот крај следеше возвишениот чин на меѓусебно проштавање, кога со смирение, мир и љубов, сите присутни, почнувајќи од Старецот, си побараа и си подарија прошка, со надеж дека нивните очистени и помирени срца ќе станат плодна почва за благодатта Господова.
Со ваква духовна радост и со осветлени срца, Бигорската Свештена Обител го започна своето благодатно патување низ светите денови на чесниот Пост, повикувајќи ги сите верни да зачекорат на патот на покајанието, на проштавањето, на милосрдието и на љубовта.
Добра и благословена Четириесетница на сите!