„Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието“ (1. Кор. 4,15)
Со духовно веселие и благоговејно расположение, во нашиот свештен манастир изминато ноќоденство одекнуваше славословие кон светите и славни, сефални, првоврховни апостоли Петар и Павле, тие столбови на Црквата, коишто со своето слово, мачеништво и љубов го утврдија Телото Христово на земјата. Во навечерието на празникот, како што доликува за овој голем ден, беше отслужено бдение во Претечевиот храм, каде што нашиот возљубен Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, со умиление и вдахновеност го водеше молитвениот собор на братството и притекнатите верници кон духовното озарение од животот и подвигот на двата Христови великани.
А денеска, на денот на самото торжество, светата Божествена Евхаристија беше венецот на апостолската слава, принесена од нашиот Старец, во сослужение со браќата свештенослужители.
По читањето на светото Евангелие, Преосвештениот Антаниски со вдахновен и трезвеномудрен глас ги упати присутните кон длабочините на апостолското призвание – тоа чудо на преобразувањето, кога обични луѓе, со слабости и немоќи, стануваат садови на Божествената благодат. Свети Петар, рибарот, стана камен-темелник на Црквата, и свети Павле, гонителот, се преобрази во најголемиот проповедник на Христовото Евангелие. Тие, кои во себе ја носеле слабоста на човечката природа, во Христа ја најдоа силата на обожението и ја пренесоа на целиот свет.
Денешниот празник за Бигорската Обител има уште едно длабоко духовно значење. Имено денеска навршуваат пет години од архиерејската хиротонија на нашиот сакан Старец, Епископот г. Партениј. Со благодарност кон дародавецот Бог си спомнуваме за изминатите пет години апостолско служење, тивката и неуморна грижа за монасите и монахињите, за народот Божји, за сите оние кои Го бараат Бога во нашите светињи. Пет архиерејски лета исполнети со молитва, поука, утеха и служење во духот на светите апостоли; пет години во кои тој како грижлив духовен отец продолжи да ги носи нашите немоќи, да ги прегрнува нашите рани, да нѐ води со благодатната тишина на Евангелието и со силата на Духот.
Нека Господ наш Исус Христос, по молитвите на светите Свои Апостоли, го чува нашиот Старец, го укрепува, и му дарува уште многу благословени години во апостолско служење – на радост на Црквата, на спасение на народот и на слава на Трисветиот Бог!
На многаја лета, наш возљубен Владико свети!