Во таинствената атмосфера на петтата седмица од Светата и Велика Четириесетница, кога Црквата Христова со своите величествени духовни содржини ги собира расеаните мисли на верните и ги приведува во покајничко прибежиште пред престолот на Божјата милост, нашата Свештена Бигорска Обител ноќеска се облече во небозрачна светлина. Светлина тивка, милна, длабока, светлина на благодарност, светлина на несоздадената Љубов. Зашто през ноќното доба, во храмот на Чесниот Претеча беше отслужено умилителното бдение по повод Акатистната сабота – небоземното Восфаление на Пречистата Богомајка.
Од мракот на вечерта до зората на новиот ден, неуморно, срдечно, возљубено, нашата монашка заедница заедно со многубројните верни ѝ ги пееше радосните химни на Мајката на Животот, Пречистата Дева Марија. Во сечие срце одекнуваа зборовите на Архангелот: „Радувај се, Благодатна“, а усните непрестајно возвраќаа со жива вера, со нелажна радост и срдечно умиление: „Радувај се, Невесто Неневестна!“
Браќата и псалтите од хорот „Митрополит Козма Пречистански“, со моќни и распеани гласови го пееја прекрасниот благодарствен канон на Пресвета Богородица, а нашиот мил Старец, Епископот г. Партениј, со трепетен глас и со синовска љубов, ѝ ги упатуваше на Мајката песните на величание, исполнувајќи го верно завештанието на Архистратигот Гавриил. Секоја стихира, секој кондак, секој икос беше излив на покајно и растреперено срца пред Царицата Небесна, пред Онаа Која премудрите ги надминува по разум, а чистите со девството.
Таа е лествицата по која Бог слезе, мостот од земјата до небото, виновата лоза којашто го раѓа виното на девството и на чистотата, сеницата на Словото, школата којашто Божјиот бисер го приоизведе, пристанот од морето на жалостите, Царицата на луѓето и на ангелите.
Изутринава бдението заврши со Божествената архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Старецот со посебна литургиска љубов и со молитвена вдлабоченост. Храмот, пак, беше исполнета со верен народ, со многубројни поклоници, како и со сестрите монахињи од Рајчица, Пречиста и Кнежино, коишто дојдоа да ѝ оддадат синовска почит на Покровителката на родот монашки, на Онаа Која ги прегрнува сите и ги приведува кон разум и спасение.
Во оваа ноќ, кога „виното на благодатта што истекува од Пренепорочната нè опива со Божествена радост “, кога грешникот не станува отфрлен, туку преобразен, ние ја почувствувавме Небесната Мајка како вистинска победоносна Војвотка на нашиот живот, Застапница несоборлива и Трпеза на премудроста Божја, којашто нè храни со Словото Кое преку неа стана тело.
И никогаш не ќе замолкнеме да повторуваме: Радувај се, Невесто Неневестна! Пееме не само со уста, туку и со срце, со ум и со душа. Та, по Нејзините молитви и застапништва, да се удостоиме на благодатта Христова, на Неговото Воскресение и на Царството вечно. Амин.