Торжествува сега целата земја, огреана од животворните зраци на Христовата победа! Неговата љубовна прегратка има моќ да ги стопли и возрадува сите срца, да го посети секој дом, да внесе утеха и надеж дури и таму каде што не ја очекуваат. Во сите катчиња, па и најтемните, да внесе чудесна светлина, да насели неискажлив мир. Онаа иста сила која се излеа од Гробот и ја објави насекаде победата на животот, сега како светлоносен факел ги пронижува душите и ја разгорува во нив искрата на верата, ги обновува во надежта, ги раѓа за љубовта, па сега срце со срце зборува и љубовно се прегрнува, со серадосниот поздрав: Христос Воскресе!
А со своето срце на сите наши срца ни е обрати нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј:
„Мили мои, оваа ноќ и ова утро сите ние стоиме со свештен трепет и со благодарност пред големиот и единствен настан во историјата на овој свет. Тоа е Воскресението Христово. Преку него човештвото доби живот вечен. Животот човечки доби нова смисла. Бог, Кој толку го возљуби светот, го испрати накрај и Својот Единороден Син да стане како еден од нас.
Злото од овој свет направи сè за да го уништи доброто. Синот Божји беше понижуван, удиран со шлаканици од рацете на Неговите Созданија. Беше прикован на Крстот со клинци; во Неговата жед Му беше даден оцет да пие наместо вода. И накрај, на Својот Крст отпочина откако рече: „Сè е свршено!“ Со тоа Он го изврши нашето спасение. Колку злото и да беше силно; колку понижувањата и да беа злобни; колку клинците и да нанесуваа силна болка во рацете на Господ, колку Гробот и да беше запечатуван од Неговите гонители и непријатели, сепак, Он на крајот победи и воскресна.
Оваа ноќ и ова утро, во нашиот Манастир сме едно мало стадо – имено, нашето братство и малубројните гости кои се затекнаа во нашите свети манастири. Меѓутоа, знам дека оваа вечер нè гледаат многу луѓе на телевизија и по социјалните мрежи; многу верници кои посакуваат да бидат сега во своите парохиски храмови, во своите манастири што ги љубат. На сите нив им порачувам да не се обеспокојуваат! Да не ги опфаќа жалост нивните срца, бидејќи Христос воскресна за сите! Без разлика каде и да се наоѓаат. Да, навистина, храмот е она свештено место каде што сите се собираме, затоа што таму, во олтарот, се наоѓа Светата Трпеза, која е центар на секој храм и Светиња над светињите, од каде што се храниме со пречистите Тело и Крв Христови, кои ни даваат живот вечен. Но, сега сакам да им кажам на сите што нè гледаат во своите домови: во Литургијата според Свети Василиј Велики, помеѓу другото, свештениците се молат и за „сите оние кои се отсутни од оправдани причини“. Така што, мили мои, сите вие коишто сте во вашите домови сте оправдани. Светата христијанска Црква секогаш пожртвувано се грижи за животот на луѓето; нашите пастири, архиереи, духовници се грижат за своите луѓе, па токму затоа и ги послушаа мерките на властите, за кои Апостол Павле вели дека треба да им бидеме послушни. Токму затоа, овој Велигден повеќето од Христијаните во светот се наоѓаат во нивните домови. Но, Црквата ќе се моли за сите, затоа што, како што рековме, вие сте оправдано отсутни.
Мили мои, вие овде присутни и вие по домовите, радувајте се на Христовото воскресение! Овој Пост Господ ни допушти едно искушение – пандемијата со грипот. Да го искористиме ова искушение, бидејќи секое искушение е полезно доколку ја сфатиме Божјата порака и доколку се поправаме, го исправаме нашиот живот. Јас како духовен раководител заклучив дека многу од послушните Христијани, кои немаа можност да присуствуваат во храмовите на богослужбите, но имаа можност да бидат повеќе со своите семејства, ослободени од своите работодавачи, извлекоа голема поука. Постојано ми испраќаат пораки. Сакам да ви прочитам само две пораки од мои духовни чеда, кои, се надевам, ќе бидат за поука, а и многумина ќе се пронајдат во нив. Еве една порака од мајка на едно дете – тие се млад брачен пар и затоа имаат едно дете, а се надевам дека ќе имаат повеќе деца во иднина:
„Сите денови сме со вас, отец. И тажни и радосни во исто време. И денес е така. Тажни, оти не сме заедно сите, оти ќе ни фали бигорската чудесна радост, а радосни оти невозможно за Христијанинот е да не се израдува на Воскресението, каде и да е. Денес, кога ја гледавме црквата на Гробот Христов, празен храмот, ме потсети на деновите кога апостолите уплашени се скрија, се разбегаа, само неколкумина останаа, но потоа Го видоа воскреснатиот Бог и станаа најрадосните луѓе во светот. Заради нив постоиме ние. Нека ни даде Бог, после ова искушение, после оваа тага, на сите кои сме сега дома, да станеме посилни во верата, големи во љубовта и многу повеќе да ја сакаме Црквата, оти прв пат гледаме колку таа ни фали. Добро е тоа што Бог ни испрати ваква епитимија за да знаеме што сме изгубиле и да го цениме повеќе…“
Еве и една мајка, млада вдовица, што ми напиша:
„Овој Велигден е сосема подруг за мене… Во радоста ми е ист, но во амбиентот во кој се наоѓаме ми е поразличен. Оваа ситуација некако нè подразбуди од трката со времето… Се радувам, отец, што никогаш толку време не сум била со моите деца откако беа мали. Му благодарам на Бога и да Му се радуваме на Неговото Воскресение, Кој толку многу пострадал заради нас. Ве сакаме, отец! Добра Пасха!“
Да се надеваме, мили мои, и да се молиме, човештвото, после ова искушение во 21 век со пандемијата – која беше незамислива за модерниот човек – да извлече поука и да направиме еден нов свет. Секако, да се промениме прво ние, Христијаните, и да градиме свет втемелен на Воскресението Христово, на верата Христова, која е богооткриена. Таа не е религија како сите религии; ние веруваме во богооткриена вера. Секој Христијанин треба да биде светлина и сол на светот. Да помогнеме на овој многустрадален свет со нашиот побожен живот. Ги замолувам сите Христијани секогаш да се поучуваат од нашиот смирен Спасител, Кој заради нас се смири до крст и смрт. Тоа треба да биде одлика на секој Христијанин: послушност и смирение. За жал, имаше и такви во овој Пост, кои се занимаваа со сè друго освен со Христос: со апокалиптични приказни, со антихристот, со сеење страв, но не со творење добри дела, со ширење љубов, со утеха на ближните и со саможртва кон нашиот со-човек. А доколку еден Христијанин не го прави тоа – не се придржува кон милосрдието – другото сè е попусто. Затоа и на почетокот, Страдалната Семица започна со приказната за десетте девојки. Сите десет беа девственици, но само петте од нив се спасија, поради тоа што се придржуваа до милосрдието.
Ние Христијаните Го чекаме единствено Христос – друг никого нè очекуваме, единствено Него, а не антихристот – тоа е работа на тие што не веруваат. На нас Христијаните, Христос ни е сè. Со Него стануваме, со Него легнуваме. Во Символот на верата исповедаме дека „пак ќе дојде со слава да им суди на живите и на мртвите“ и дека „Неговото Царство не ќе има крај“. Така што, ние Него Го исповедаме, Него Го очекуваме и не треба од ништо да се плашиме. А Тој ќе нè препознае само доколку сме милосрдни. Доколку, пак, не се држиме до оваа добродетел и не сведочиме преку неа дека сме добри Христијани, тогаш ние со Него постојано ќе се разминуваме. Милосрдноста е една голема добродетел којашто треба да ја практикуваме, а која произлегува од најголемата добродетел – љубовта.
Имаше и такви кои велеа дека денес некои духовници многу зборуваат за љубовта. А за што друго да зборуваат христијанските духовници, ако не за љубовта?! Повеќето од вас ги слушавте Дванаесетте страдални евангелија на Велики Четврток. Првото беше од Свети Јован Богослов. Господ, зборувајќи им на апостолите, постојано им повторуваше: „Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг!“ Многупати тоа им го беше повторил и на крајот им кажа: „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици“. Христијанството на тој начин го преобразило светот; на тој начин целиот пагански свет, и тогаш цивилизираниот и оној крајно примитивниот, го претворил во една прекрасна христијанска цивилизација. Затоа, мили мои, благодатта Христова е иста како и од пред 2000 години. Воскресението ѝ припаѓа и на историјата и на денешнината, но и на иднината во Царството Божјо, зашто таму сите ние кои веруваме во воскреснатиот Спасител, бескрајно ќе се радуваме.
Така, од празниот Гроб во Ерусалим ни доаѓа утеха и надеж! Господ и оваа година нè удостои и со Благодатниот Оган.
Да се поучиме од ова искушение со вирусот, но никако да паѓаме во очајание и во духот. Бидејќи на Христијаните не им прилега од ништо да се плашат. Вистинските Христијани секогаш низ историјата биле бестрашни. Кротки како јагниња, а силни во духот, заради нивната вера, љубовта и милосрдието. Апостол Павле вели дека „против таквите нема закон“.
Да сте живи и здрави сите вие присутни и кои сега нè гледате од дома! Голема утеха од воскреснатиот Христос Бог, радост на сите и дај Боже до Спасовден да можеме да се собереме во нашите храмови и достојно да го прославуваме со радост Воскресението на нашиот Спасител!
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!“
ВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!