На главната церемонија која се одржа во една од свечените сали на Парламентот на Европската Унија во Брисел, во присуство на многубројни европратеници и гости, од страна на вицепретседателот на Европското собрание, г-ѓа Силви Гијом, на лауреатите официјално им беше врачена грамотата за почесниот европски медал. Потоа добитниците на оваа исклучителна награда беа поздравени и од Претседателот на Парламентот, г. Антонио Тајани.
Краткото резиме за личноста на отец Партениј, како добитник на наградата гласеше вака:
„Добитникот на наградата Европски Граѓанин од 2018, Игуменот на Бигорскиот Манастир*, Архимандрит Партениј, веќе две и пол децении интензивно се занимава со хуманитарна дејност, работејќи со социјално ранливи категории, коишто се особено актуелен проблем на денешницата. Во духот на Европската култура и цивилизација значајно придонесува за градење мостови и унапредување на соработката меѓу народите на културно и духовно поле, како и јакнење на соживотот и меѓусебното почитување“.
Среде бројните личности коишто му честитаа на отец Партениј за големата награда беа: сегашниот Претседател на Европскиот парламент, г. Антонио Тајани, поранешниот, г. Ханс Герт Петеринг, заменик-претседателот, г. Димитриос Пападимулис, како и неколку други политичари од Европската Унија. Со сите нив отец Партениј разговараше за евроинтеграцијата на Македонија и ги замоли да помогнат во тој процес.
Наградата „Европски Граѓанин“ била воведена во 2008 година, а Европскиот парламент ја доделува на граѓани и организации, коишто дале значителен придонес или исклучителна посветеност за подобро взаемно разбирање и потесна интеграција меѓу граѓаните на ЕУ, или за подобрување на прекуграничната и транснационалната соработка во ЕУ; придонес и за долгорочна, прекугранична и транснационална културна соработка што го зацврстува европскиот дух и хуманоста; за негување на вредностите опишани во Повелбата за основни човекови права во Европската унија. Таа е претставена преку почесен медал и грамота, потпишана од Претседателот на Парламентот.
Меѓу овогодишните добитници на наградата „Европски Граѓанин“ беа неколку добротворни организации од Романија, Грција и Кипар, од кои едната, „Кивотот на светот“, е раководена од православниот свештеник, отец Антониј од Грција, а се занимава со помагање и згрижување на напуштени и незаштитени деца. Меѓу добитницте се најде и академик Пјер Маврис од Франција, главниот иницијатор на програмата за размена на студенти „Ерасмус“. Најстариот лауреат е г. Михаи Сора од Романија, филозоф и есеист, роден во 1916 година. Тој одржа импресивен говор, во кој нагласи дека имал можност да ја види Европа во урнатини, крв, раскината од војни, поробена од диктаторски режими, и затоа сега многу се радува што ја гледа обединета, со демократски дух.
Архимандрит Партениј е првиот добитник на оваа награда од Република Македонија.