Архимандрит Партениј ја прими наградата од Европскиот парламент во Брисел

Во рамките на програмата „Наградување на исклучителни Европјани“, чијашто цел е да ги поттикнува хуманоста, мирот и доброљубието, Европскиот парламент оваа година награди педесет поединци и организации, меѓу кои и Игуменот на Бигорскиот манастир – Архимандрит Партениј, како единствен добитник на наградата од Македонија

На главната церемонија која се одржа во една од свечените сали на Парламентот на Европската Унија во Брисел, во присуство на многубројни европратеници и гости, од страна на вицепретседателот на Европското собрание, г-ѓа Силви Гијом, на лауреатите официјално им беше врачена грамотата за почесниот европски медал. Потоа добитниците на оваа исклучителна награда беа поздравени и од Претседателот на Парламентот, г. Антонио Тајани.

Краткото резиме за личноста на отец Партениј, како добитник на наградата гласеше вака:

„Добитникот на наградата Европски Граѓанин од 2018, Игуменот на Бигорскиот Манастир*, Архимандрит Партениј, веќе две и пол децении интензивно се занимава со хуманитарна дејност, работејќи со социјално ранливи категории, коишто се особено актуелен проблем на денешницата. Во духот на Европската култура и цивилизација значајно придонесува за градење мостови и унапредување на соработката меѓу народите на културно и духовно поле, како и јакнење на соживотот и меѓусебното почитување“.

Среде бројните личности коишто му честитаа на отец Партениј за големата награда беа: сегашниот Претседател на Европскиот парламент, г. Антонио Тајани, поранешниот, г. Ханс Герт Петеринг, заменик-претседателот, г. Димитриос Пападимулис, како и неколку други политичари од Европската Унија. Со сите нив отец Партениј разговараше за евроинтеграцијата на Македонија и ги замоли да помогнат во тој процес.

Наградата „Европски Граѓанин“ била воведена во 2008 година, а Европскиот парламент ја доделува на граѓани и организации, коишто дале значителен придонес или исклучителна посветеност за подобро взаемно разбирање и потесна интеграција меѓу граѓаните на ЕУ, или за подобрување на прекуграничната и транснационалната соработка во ЕУ; придонес и за долгорочна, прекугранична и транснационална културна соработка што го зацврстува европскиот дух и хуманоста; за негување на вредностите опишани во Повелбата за основни човекови права во Европската унија. Таа е претставена преку почесен медал и грамота, потпишана од Претседателот на Парламентот.

Меѓу овогодишните добитници на наградата „Европски Граѓанин“ беа неколку добротворни организации од Романија, Грција и Кипар, од кои едната, „Кивотот на светот“, е раководена од православниот свештеник, отец Антониј од Грција, а се занимава со помагање и згрижување на напуштени и незаштитени деца. Меѓу добитницте се најде и академик Пјер Маврис од Франција, главниот иницијатор на програмата за размена на студенти „Ерасмус“. Најстариот лауреат е г. Михаи Сора од Романија, филозоф и есеист, роден во 1916 година. Тој одржа импресивен говор, во кој нагласи дека имал можност да ја види Европа во урнатини, крв, раскината од војни, поробена од диктаторски режими, и затоа сега многу се радува што ја гледа обединета, со демократски дух.

Архимандрит Партениј е првиот добитник на оваа награда од Република Македонија.