Бигорска мисија за промоција на нашата црква

Со враќањето на монаштвото во Бигорскиот манастир и на сестринството во метохот на „Св. вмч. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица и во манастирот „Пречиста“ кај Кичево, се вложија многу средства и труд за оспособување на црквите, манастирите, конаците, заживување на манастирската економија со обработување на плодните површини, обновување на овоштарниците, градинарството, одгледување пчели, овци, крави, кози. Сето тоа придонесува македонскиот народ да биде сѐ поприсутен во црковното живеење и да учествува на богослужбите, црквувањето, почитувањето на духовните вредности, традиции, а посебно е што младите во сѐ поголем број се присутни на богослужбите и активно учествуваат во молитвите, црковното пеење итн.

Минатата недела во прекрасната Солунска концертна сала, на втората вечер на Осмиот меѓународен хорски фестивал, се разнесоа милозвучните акорди на моќните гласови на членовите на македонскиот монашки хор на свештената обител „Св. Јован Крстител“, познат како Бигорски манастир, како и на сестринскиот хор на неговиот метох „Св. вмч. Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица и на манастирот „Света Богородица-Пречиста“, кај Кичево.

По настапот на монашките хорови од Македонија, архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, воодушевен од достоинствениот пречек што им беше приреден од грчките домаќини, како и на одличниот настап на хористите што величествено ја претставија нашата МПЦ-ОА и на целосната поддршка на публиката од високо општествено качество на Грција, за „Нова Македонија“ изјави: „Настапот имаше исклучително значење, бидејќи освен практичниот музички дел, тој претставува и еден вид силна црковна мисија за промоција на нашата црква и на нејзината широка евангелска дејност. Ваквите настани даваат и можност за понатамошно продлабочување на меѓусебните врски, но и за стекнување нови, кои во иднина би биле од голема полза за нашето меѓусебно зближување како два православни народа“.

Всушност, овој настап на монашките хорови во Солун, претставува продолжување на добрата соработка на Бигорски манастир со Грчката православна црква. Пред неколку месеци, на прославата на рождеството на свети Јован Крстител, патронот на Бигорски манастир, на 6 и 7 јули, на светата литургија и на вечерната богослужба учествуваше реномираниот византиски хор на „Св. вмч. Пантелејмон“ од Атина, Грција, чии членови заедно пееја со монашкиот хор на Бигорскиот манастир и беа изненадени од високиот квалитет на пеењето. Уште тогаш гостите од Грција ја изразија подготвеноста за продолжување и проширување на соработката, што и се случи. По овој настап монашкиот и сестринскиот хор добија покана за учество на вакви и слични манифестации во Грција.

Соработката се одржува и на други полиња меѓу двете православни цркви. Со голема евангелска љубов неколку момчиња од Македонија се примени и студираат на Богословскиот факултет во Солун. Портите на Бигорскиот манастир постојано се отворени за посета на верниците од сите православни земји, вклучувајќи ја и Грција. Оваа соработка се очекува и во наредниот период да оди по нагорна линија, а тоа е за благосостојбата на двата народа и на двете православни цркви.Настапот на овој реномиран фестивал, како што истакна архимандрит Партениј, покажува дека грчкото општество сѐ повеќе се отвора кон нашата МПЦ-ОА и во неа препознава жив и интензивен црковен, светотаински живот, со активно монаштво, редовна богослужбена практика – од каде произлегува искуството за изведба на вакви богослужбени песнопенија.

Инаку, колку за потсетување, пред 22 години беше возобновено монашкото братство на древното македонско светилиште „Свети Јован Крстител“, кое потсетува на светогорските манастири. За две години ќе го одбележи големиот јубилеј 1.000 години постоење, а во последниов период остварува значајни резултати во заживувањето на монаштвото, во селата на Мијачијата и на Долна Река поведе иницијативи, што и ги реализира, за автентично обновување на руинираните црковни објекти стари и по неколку века, за опстојување во препознатливата мијачка (македонска) архитектура, изградба на нови цркви, конаци, како и негување на вековните традиции посветени на црковните празнувања, реставрирање икони, иконостаси, фрески, црковни книги, одржување верска обука за најмладите итн. 

Најзначајно е тоа што монашкото братство постигнува забележителни резултати на враќање на македонскиот дух на црковно живеење во западниот дел на Македонија. И тоа не е сѐ. Со враќањето на монаштвото во Бигорскиот манастир и на сестринството во метохот на „Св. вмч. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица и во манастирот „Пречиста“, кај Кичево, се вложија многу средства и труд за оспособување на црквите, манастирите, конаците, заживување на манастирската економија со обработување на плодните површини, обновување на овоштарниците, градинарството, одгледување пчели, овци, крави, кози. Сето тоа придонесува македонскиот народ да биде сѐ поприсутен во црковното живеење и да учествува на богослужбите, црквувањето, почитувањето на духовните вредности, традиции, а посебно е што младите во сѐ поголем број се присутни на богослужбите и активно учествуваат во молитвите, црковното пеење итн.

Пред една година, во непосредната близина на Бигорскиот манастир, монашкото братство го изгради етно-ресторанот „Куќа на Мијаците“ посветен на нашите најистакнати црковни, просветни, културни и општествени дејци. Низ историјата Мијаците се одликувале со највозвишените човечки карактеристики: вера, благочестие, родољубие, целомудреност, ученољубивост, трудољубие, храброст, решителност. Напојувани од бистрите води на православната христијанска вера, тие оставиле голем и траен белег на духовната култура на македонскиот народ што, пак, силно се одразило и на материјална култура. Мијачката куќа што комплетно беше изградена во стилот на мијачката градителска традиција, и целта ја остварува, на посетителите и на гостите им го доближува духот на мијачката култура.

Напоредно со овие активности, монашкото братство и сестринство мисијата за афирмација на нашата црква ја остваруваат со воспоставување соработка со манастири на Света Гора, Грција, Бугарија, на Руската Федерација, на САД и со други манастири и цркви во светот. Соработката се одвива со заемни посети и со размена на искуства и претставување на нашето богато црковно, културно, архитектонско богатство, со природните убавини и со други наши вредности што се уникатни и привлечни за посетителите. Исто така, треба да се истакне и тоа дека сестринството на манастирот од Рајчица, во изминатиов период изработија неколку стотина митри што ги носат епископите, владиците на православните цркви на сите пет континенти во светот.