Богослужба на Крчин на 2.341 метар

На сртот на Голем Крчин, на 2.341 м, на македонско-албанската граница, во близината на остатоците од некогашната црква „Преображение Христово“, монасите на Бигорскиот манастир и монахињите на манастирот „Св. Ѓоргиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, отслужија Света златоустова литургија,, на која учествуваа и педесетина планинари од Гостивар и од Скопје.

– На ова чудесно место, првпат по осумдесет години, отслуживме Света златоустова литургија, во чест на големиот христијански празник Преображение. Во наредниот период, секоја година, два-три дена по Преображение, ќе одржуваме богослужба, ќе ја обновиме вековната традиција, а ќе се обидеме да ја обновиме и црквата посветена на Преображение Христово – нѐ информира неговото високопреподобие архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.

За убавата вест со посебна радост зборуваат и другите свештени лица присутни на свечениот чин.
– Таворската светлина од славното Преображение Христово со посебен сјај заблеска на врвот Голем Крчин, каде што се случи несекојдневен и преблагодатен настан. Јеромонах и јероѓакон од Бигорскиот манастир отслужија Света литургија, проследена со прекрасното пеење на монасите и монахињите. Монасите, монахињите и планинарите радосно притекнаа да го соединат својот восхит од природните божји убавини со духовната наслада од божествената евхаристија – ни рече отец Кирил.

Експедицијата на монаси и монахињи и на планинари од неколку планинарски друштва на Македонија го почна походот во понеделникот, во 4 часот наутро, од пред бигорскиот скит „Св. Кирил и Методиј“, кој се наоѓа над долнореканското село Битуше. По три часа и 40 минути пристигнаа на местото каде што се одржа литургијата. И покрај тоа што планинското беспаќе за дел од учесниците беше напорно, сепак сите заедно со неколку паузи за одмор ги пребродеа тешкотиите. Подолга пауза беше направена во дворот на црквата „Преображение Христово“, во подножјето на врвот Голем Крчин, изградена пред половина век од жителите на Битуше, како алтернатива на старата црква во 1948 година, по Информбирото, кога беше забрането да се посетува и да се одржуваат богослужби.

– За битушани црквата „Преображение Христово“, која беше изградена од камен на сртот на Голем Крчин, е од големо значење. По ослободувањето, границата минуваше низ средината на црквата. Влезот во црквата беше од страната на Албанија, а олтарот во Македонија. Се сеќавам на заедничките празнувања со жителите од околните села на Албанија, а најмногу доаѓаше населението од селото Крчишта – ни вели 80-годишниот битушанец Гале Фидановски, новинар и публицист. Според сведоштвото на учесникот на годинешното празнување, г. Иљо Богдани, Македонец, роден и израснат во селото Крчишта, кое е највисокото село на падините на Крчин од страната на Р. Албанија, оваа била првата литургија отслужена на врвот Голем Крчин по осумдесетина години. Имено, на самиот врв, месното население од Крчишта во 19 век изградило од камен прекрасен храм „Преображение Господово“, кој редовно го посетувало на овој голем христијански празник. Денес од овој храм има само остатоци од ѕидовите.

И годинава на 19 август, на Преображение, битушани ја одржаа вековната традиција и го посетија храмот „Преображение Господово“, кој го изградија под Голем Крчин, оддалечен околу 5 км од стариот храм. Притоа запалија свеќи за здравје и успех, а потоа останаа пред црквата неколку часа, каде што се послужија со посна храна и уживаа во недопрената природа.

Автор: Киро Кипроски