Дрска и неоснована атака врз Бигорскиот манастир

За космополитскиот дух на монашкото братство на Бигорскиот манастир сведочат и многубројните пријателства со браќата по крв, Македонците муслимани, но и со Албанците мухамеданци

 

Последниве денови на социјалните мрежи и портали на албански јазик се појавија серија текстови со кои се прават очајнички обиди да се присвои дваесетвековната историја на македонското древно светилиште Бигорскиот манастир, „Св. Јован Крстител“, а мијачката носија да се албанизира.

Некои од актерите што сакаат да ја извалкаат светоста на Бигорски обвинија дека архимандритот Партениј немал право да тврди дека манастирот најмногу го граделе и го унапредувале православните Македонци. На ваквите обвинувања остро реагира Партениј, кој вели дека крајно дрско и неосновано е да се тврди дека монашкото братство го присвоило манастирот само за себе, кога е очигледно дека тој им припаѓа на сите.

– Нашето монашко братство веќе 21 година пожртвувано се труди за одржување, обновување, надградување и разубавување на бигорското светилиште, кое до пред две децении се наоѓаше во процес на распаѓање. Освен тоа, братството, во духот на Христовата љубов и гостопримство, навистина верно ја продолжи традицијата на Бигорски како светилиште и културно-историски споменик за сите, без разлика на нивната народност, вера, социјална, политичка или културолошка припадност. Бигорскиот манастир денес е најпосетуваната знаменитост во Западна Македонија, од домашни и од странски посетители – вели игуменот Партениј.

Тој додава дека во манастирот доаѓаат православни, римокатолици, протестанти, муслимани, будисти, хиндуисти и атеисти од секаде во светот.

– Во овие изминати две десетолетија манастирските порти не биле затворани за никого. А своите верски потреби можеле и можат да ги вршат сите православни, се разбира, доколку ги исповедаат догмите и учењето на едната света православна црква, а не разни празноверија и суеверија – вели игуменот Партениј.

За космополитскиот дух на монашкото братство на Бигорскиот манастир, игуменот Партениј истакнува дека сведочат и многубројните пријателства со браќата по крв, Македонците муслимани, но и со Албанци мухамеданци.

– Во рамките на нашите можности никогаш не сме откажале помош на некој што го побарал тоа од нас. Монашкото братство со најискрена љубов и внимание им помогна на неколкумина Албанци муслимани да се спасат од погубните окови на наркоманијата, без никаков надомест за возврат. И никакви провокации во иднина нема да ја променат почитта кон сожителите од албанска народност – вели игуменот Партениј.

Тој истакнува дека неаргументирано е и мислењето дека Мијаците не се Словени, оти дошле од Солунско.

– За словенското потекло на Мијаците зборуваат и безброј други автори, научници, историчари, филолози, етнографи. Дали треба да се пишува нешто повеќе за славните Мијаци, архимандрит Анатолиј од Лазарополе, митрополит Партениј од Галичник, Ѓорѓија Пулевски од Галичник, Ѓурчин Кокале од Лазарополе и редица други, кои пожртвувано се бореле народниот словено-македонски говор да биде воведен во црковната богослужба, во народните школи – вели тој.

Игуменот Партениј додава дека првиот основач и претседател на првата македонска книжевна дружина, учесник во многу востанија и војни за ослободување на македонскиот народ и формирање сопствена држава, знаменитиот македонски преродбеник од 19 век, Ѓорѓија Пулевски, во 1875 година ќе ја напише и дефиницијата за македонскиот народ: „Што се велит народ? Народ се велит луѓе кои се од еден род и кои зборуваат еднаков збор и кои живеат и се другарат еден со друг и кои имаат еднакви обичаи, песни и весеља, тие луѓе се викаат народ. Така и Македонците се народ и местото нивно е Македонија“.

Така пишувал Мијакот, Македонецот од Галичник, чие име и презиме се чисто македонски. На македонскиот народ му подари два речника на три и на четири јазика.

Во дел од текстови објавени на албанските портали, авторите се осмелија да се мешаат во етничкиот идентитет неосновано обидувајќи се да ја албанизираат традиционалната мијачка носија. Притоа, ја злоупотребуваат сличноста и заедничките елементи на народните носии од балканското културно подрачје, кои трпеле разни културни влијанија.Членовите на Здружението за културна афирмација на Мијаците (КАМ) од Галичник, од името на сите Мијаци, со соопштение ја изразија огорченоста од крајно неетичкото и злонамерно, а истовремено и неаргументирано тврдење во написите што се појавија на порталите на албански јазик. За посебноста на мијачката носија кратка анализа направи посветениот етнолог Влатко Деловски, кој вели дека сме сведоци на неетичко присвојување на културното наследство на македонскиот народ од страна на други етноси.

– Оваа посесивност веќе редовно се користи за дневнополитички цели. Но овој чин на злоупотреба се повторува како рефрен во музиката, и на тој начин остава траен белег низ историјата, а истиот е тумор за вистината и е во служба на квазинауката. Оваа анализа всушност е остра реакција, односно нужна интервенција околу манипулацијата со етничките начела и симболи на мијачката етничка заедница, најжилавиот и најзаслужниот бит на македонската преродба – вели Деловски.Имено, станува збор за една фотографија од почетокот на 20 век, која ја направил прилепчанецот Георги Трајчев, истакнат деец на Македонската револуционерна организација, просветен работник, етнограф и фотограф.
– На фотографијата се прикажани поклоници во манастирот, облечени во насекаде препознатливата мијачка народна носија. Но, за жал, оваа фотографија, крајно тенденциозно и ненаучно се злоупотребува од страна на повеќе албански интернет-портали, кои личностите на фотографијата ги претставуваат како православни Албанци. За да престане заблудата, и во јавноста и кај авторите на текстовите од порталите, мораме да предочиме дека на предложената фотографија се прикажани поклоници во манастирот, мажи, жени и деца од мијачката етничка заедница во секојдневна, ќе нагласиме, мијачка народна носија – вели Деловски. Народната носија на Мијаците има вековна традиција. Создадени како колективна придобивка на целиот македонски народ, носиите се пренесувале од поколение на поколение, а во долгата низа години во себе вклопиле многу елементи од разните културни влијанија што се вкрстувале на овој дел на Балканот. Основата и најстариот културен слој е старословенскиот, на кој се надоврзало влијанието на византиската цивилизација и православието.

– Така се создале народните носии во Македонија како израз на народните колективни, естетски и духовни диспозиции. Во долгиот развоен пат, носиите се оформиле како специфична етничка издиференцирана гранка на народното творештво, па, така, преку облеката се покажувала територијалната, верската и етничката припадност, социјално-брачната положба и сл. Основна одлика на народните носии во Македонија е нивната зачуваност со многу архаични елементи, особено во затворените селски средини, како и во оние со посебна етничка и групна самосвест. Ваков пример се Мијаците, впрочем од нив почнала и македонската преродба – вели Деловски. Тој додава дека до денес носијата кај Мијаците претставува еден симбол на етничка издржливост и непокорност и затоа редовно се носи на големите празници (на пример на Петровден во Галичник, на Илинден во Лазарополе, на Голема Богородица во Гари, на Водици во Битуше итн.).

Инаку, мијачката заедница во Македонија ја смета за сериозна навреда политичката злоупотреба на споменатата фотографија.

– Не е праведно да се присвојува нешто туѓо. Специфичната мијачка култура е сржта на македонскиот етникум. Затоа нејзиното лажно прикажување како нешто туѓо е директен напад на македонската самобитност. Крајно време е албанските националисти да се свестат дека не можат да ја приграбуваат нашата мијачка култура. Си имаат тие своја култура, нека си ја истражуваат и нека пишуваат за неа, но во нашата да не се мешаат. Мијаците се основата на современиот македонски народ, а од нив почнала и македонската преродба во 19 век – вели Коста Граоркоски, архитект и публицист од Галичник, кој е автор на десетина книги за Галичник и Мијаците. И порано имало слични написи од Албанци за извртување на историјата и за негирање на сѐ што е македонско.

– Но, нам Мијаците многу одамна ни е јасно зошто сме трн во окото. Да немаше Мијаци во западниот дел на Македонија, во Албанија и во областа Гора (на Косово), многу лесно Албанците ќе ги оствареа инспирациите за голема Албанија. Ако некои албански историчари упорно тврдат без никакви историски докази дека Мијаците се албанско племе, тогаш значи Албанците се Словени – Македонци, бидејќи Мијаците се најсилниот градивен елемент на македонскиот народ. Бесмислена е тенденцијата мијачката носија да се прикажува како албанска. За нејзината уникатност пишувале многумина научници, етнолози, историчари, културолози. Затоа да се обидува некој да докаже дека таа не е чисто македонска, е исто како да сака да докаже дека Кинезите се Американци – изјави 84-годишниот Гапе Ажиевски, кој е потомок на првиот владика на Балканот, митрополитот Партениј Зографски.
Во овие изминати две десетолетија манастирските порти не биле затворани за никого – Игуменот Партениј