„Патот на Црешовото топче“ – сеќавање за слободољубивиот дух на нашите предци

Има нешто силно, внатрешно, таинствено, со кое нашиот слободољубив народ може најмногу да се пофали; нешто кое ниту вековите, ниту поробителите, ниту злобните ветрови на пропагандите не можеле да го разрушат. Тоа е неговиот духот – самобитниот, борбен дух на Македонецот, дух хранет со евангелската вера и огромната љубов кон Бога, а преку неа и кон Татковината. Тој дух поетски го опишал П. Константинов, ставајќи ги следниве зборови во устата на македонскиот револуционер:

„Јас, јас сум горскиот цар; јас сум планинскиот дух; јас сум волна птица, што лета по воздушните простори без сопир и без страв. Јас сум срдечен другар на духот на горите, живеам со духот на ветровите, ја имам неговата моќ. Ништо не ме плаши. Јас сум тоа што бев, што сум и што ќе бидам – уште пострашен, додека во мојата родна земја врлуваат тираните, додека гори во мене оној стремеж за слобода, кој го одгледале во мене македонската земја и мојот народ и којшто безумните тирани суетно се силат да го угаснат: тој гори, гори и неговите искри одат многу далеку! … Кој ќе ме отклони да го исполнам наложеното ми од великиот човечки дух предназначение – да се борам за слободата, подарена од Бога и завештана од вековите? Кој ќе ме запре да го излеам накипениот од ропските офкања и стенкања на мојот народ гнев и да го исполнам Божјото повеление?“

Ете, со овој евангелски дух биле исполнети нашите предци, кои ги полагале своите души за Бога и за ближните. Затоа, сеќавајќи се со благодарност на овие наши великани, и оваа година во пресрет на преславниот Илинден, Бигорската Свештена Обител, во која некогаш биле изработени четири црешови топчиња за Илинденското востание, беше домаќин на манифестацијата „Патот на Црешовото топче“. Овој пат во патриотскиот подвиг учество зедоа 14 млади комити: Гоце, Мики, Димитрија, Кире, Кочо, Тони, Тодор, Тошо, Димче, Елвир, Димитар, Дарко и Боро. Денес, по Светата Литургија, тие добија благослов од нашиот родољубив Старец и игумен, Архимандрит Партениј, кој им посака добар пат кон херојскиот град Крушево. Таму, пак, на 2 август, тие ќе бидат дел од централната прослава на Илинден.