И петтиот летен камп во духот на христијанската љубов

Миговите поминати со децата, нивните насмевки и прегратките со кои нè опсипуваат се верни сведоци на едно благодатно поминато време – време што како најдраг гостин нè посетува и ни носи дарови на радост, не само сега, туку и тогаш кога за него ќе си спомнеме во иднината. Зашто спомените не се само неми сведоци на нешто што поминало, туку се и громогласни проповедници за она што се вкусило и доживеало – за вкусената духовна веселба во рајските градини, за доживеаната божествена љубов во прегратките на Црквата.

Во изминатите пет дена, четириесетина деца од Охрид како цветови ги украсуваа двете рајски градини на Бигорската и Рајчичката Обител, насекаде ширејќи ги своите миомирисни насмевки со кои силно го сведочеа своето задоволство од престојот во нив. Особено силна беше радоста во мигот на заедничката средба со нашиот Старец, Архимандрит Партениј, пред кого децата ја изведоа точката што беа ја подготвиле со благочестивата г-ѓа Снежана Петреска. Благословот, пак, на Св. Јован Крстител и на Св. Вмч Георгиј Победоносец, нека се излее и врз пожртвуваните придружници на децата – Валентина Спасевска, Горица Гаџос и Даниел Колевски. Од оваа прекрасна неколкудневна дружба со најмладите, ви принесуваме и видео запис, како и дел од нивните пишани впечатоци:

Андреј Радески, 14 години: „Во летниот камп во манастирот Св. Јован Бигорски научив дека треба да ги цениме мирот, редот и новите другари. Најмногу ми се допадна тоа што научив како се меси просфората, како изгледа олтарот, часовите по пеење и Веронауката. И сакам да им се заблагодарам на отец Партениј и на браќата“.

Лука Колевски, 7 години: „Голема благодарност до нашиот драг и почитуван игумен Партениј што секогаш со голема љубов и внимание се грижи за нас најмладите. За време на овој камп, покрај секојдневните богослужби, најповеќе ми се допаднаа поуките кои се читаа за време на трпезите, а и тоа што монасите секогаш нѐ поучуваа на Исусовата молитва“.

Филип Ѓорѓиевски, 12 години: „Во летниот камп научив како се дели љубов, како да ги почитуваме луѓето, како и редот во манастирот. Сакам да се заблагодарам за благословот којшто ми го даде о. Партениј“.

Андреа Ристеска, 7 години: „Возбудата траеше многу долго и јас не можев да дочекам за да одам во манастирот. Сестрите нѐ научија многу нови работи, заедно со нив учевме, пеевме, се радувавме, и беше многу убаво. Научивме многу нови нешта за Бога. Уште од првиот ден знаев дека ќе си поминам многу убаво“.

Исидора Костовска, 11 години: „Спомените се прекрасни чувства, а сите ние имаме спомени. Најдобрите спомени се од детството, тогаш се сите лудории и сите прекрасни нешта. Како првиот училишен час, првото излегување, првата учителка, првата екскурзија. А првата екскурзија е тема на која и сега ќе зборуваме – мојата екскурзија во летниот камп во Рајчица. Сигурна сум дека ова ќе ми биде еден прекрасен спомен и ќе го паметам цел живот. Тука имаме секакви часови, тука се и сестрите кои, се разбира, многу ни помагаат. Тие ни се како учителки и се грижат за нас како за сопствени деца. Ние за тоа им возвраќаме на секаков начин, им помагаме во кујната, ги расчистуваме собите…многу нѐ сакаат, а и јас многу ги сакам нив. Добри се и прават сѐ за ние да се чувствуваме добро. Бог нека ги чува сите нив. Амин!“

Кристина Калановска, 13 години: „Тука целото време беше добро испланирано, научив многу нови нешта кои ќе ми се потребни во животот благодарение на сестрите. Многу им сум благодарна. Нетрпеливо ќе чекам повторно да ги видам. На крајот сите срца се полни со љубов и радосно ќе си заминеме од овој најубав манастир и ќе бидеме полни со сила за искушенијата кои ќе ни ги донеси животот“.

Анастасија Грбалевска, 13 години: „Животот нѐ учи на сѐ, а животот ни е подарен од Бога. Слава Му. Сите ние треба да сме благодарни за сѐ ова што ни го дарил до сега, и можеме да Му заблагодариме со тоа што ќе Го славиме Неговото Свето Име. Дојде денот што го очекував со нетрпение. Пристигнав во манастирот во Рајчица каде ме дочекаа прекрасните насмевки на сестричките, кои ме огреаја како сонце што ми го милува лицето, нивната прегратка дарува спокој што никаде го нема. После сето тоа нѐ очекуваше Литургија на која пееја сестрите, а пеејќи ни доаѓаше благодат. Од благодатта на моето лице се тркалаа солзи, кои како да сакаа и тие да слушнат дел од тоа пеење. Активностите кои нѐ очекуваат беа како круна на одморот. Колку мили карактери постоеле на овој свет. Однесувањето на сестрите нѐ разнежнуваше, немаше миг а да престанат да нѐ прегрнуваат. Нивните ангелски лица ќе ми останат врежани во моите спомени за цел живот. На часовите по Веронаука научив многу нешта за верата, ја научивме и „Оче наш“ на Англиски јазик. Во манастирот е како да се наоѓаш во некоја рајска градина во која има многу кокичиња, рај каде што има многу ангели кои те сакаат. Господи Боже, колку убави нешта си создал, слава Ти колку си Милостив и Добар. Нека се слави Твоето име насекаде. Амин“.

Михаела Ристевска, 13 години: „… Најважното нешто беше тоа што сите бевме заедно и сите се дружевме. Сестричките нѐ научија на многу работи кои ќе ни се потребни во животот. На часовите по Веронаука сестрата ни раскажуваше на многу интересен начин, и преку тоа веднаш ги допираше нашите срца. Имавме час по Византиско пеење, се воодушевував од гласот на сестрата која нѐ учеше. Часот по Англиски поминуваше многу убаво, и часот по каширање икони беше многу забавен. Многу ќе ни недостасуваат сестрите и дружењето со нив. Слава Му на Бога што ме доведе на ова рајско место. Манастирот е рај каде што живеат ангели. Овие денови кои премногу ми значат верувам дека до крајот на животот нема да ги заборавам“.

Сара Богданоска, 13 години: „Моменти, благодат, љубов, среќа, верност… Манастирот е место каде што мојата душа е спокојна. Тука постои многу искреност и огромна љубов. Овие два манастири се познати по тоа што браќата и сестрите имаат огромна љубов кон сите нас, нивните молитви ги исполнуваат нашите срца и нѐ поучуваат да одиме по патот на верата, односно патот на Христа“.