Неколку илјади православни верници од цела Македонија, како и жители од долнореканскиот крај, го прославија празникот на патронот на манастирот Св. Јован Бигорски во близина на Дебар, кај реката Радика.
Празнувањето започна вечерта спроти празникот, на 10 септември. Со богослужбата чиноначалствуваше надлежниот архиереј Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки, митрополит г. Тимотеј,во сослужение со Брегалничкиот митрополит г. Агатангел, игумените на неколку манастири и други свештени лица.
Во текот на саботната богослужба во ѓаконски чин беше ракоположен Мики Миовски од Велес. Верниците палеа свеќи за здравје, славејќи го Св. Јован Крстител, патронот на манастирот. За гостите беше организирана посна вечера во манастирската трпезарија.
(З. М)