(Фото) По 80 години бигорските монаси отслужија литургија на врвот Голем Крчин на 2.341 мнв

Монасите и монахињите од Бигорската Обител за прв пат по повеќе од 80 години отслужија литургија на врвот Голем Крчин на надморска височина од 2.341 метар, пишува bigorski.mk. Литургијата ја отслужиле во непосредна близина на остатоците од некогашниот храм посветен на Преображението Господово.

– На Литургијата, која на ова чудесно место се отслужи за прв пат после осумдесетина години, молитвено учество зеде голем дел од нашето братство и сестринство, како и околу четириесетина планинари, што радосно притекнаа да го соединат својот восхит од природните Божји убавини со духовната наслада од Божествената Евхаристија.

И несомнено, беше тоа едно длабоко благодарење кон најголемиот Уметник и Творец, и небесен Татко, Кој изобилно ги дарува Своите верни деца со секакви убавини, и вештествени, и духовни. А тоа силно благодарење беше истовремено и молитвен спомен и големо признание за верата на нашите предци, што од љубов кон Бога граделе храмови на најнепристапни места, за и таму да се слави името Негово – се вели на сајтот на манастирот Св.Јован Бигорски. 

Инаку врвот Голем Крчин се наоѓа спроти манастирот Јован Бигорски, и планинарењето кон него почнува над селото Битуше. Од таму, има неверојатен поглед и манастирот се гледа како на дланка.

Извор и фото: bigorski mk.