„Снежната кралица“ маѓепсува со мир и спокој

Манастир „Св. Георгиј Победоносец“ во село Рајчица, Дебарско

Св. Георгиј Победоносец бил своевиден економски дел на „Св. Јован Бигорски“. Метохот датира уште од 18 век, но возобновен е пред три години на старите темели, автентично на претходниот. Поради белината е наречен „Снежна Кралица“ и во него и околината се забораваат сите проблеми кои ја мачат душата.

Пишува: Весна Миленковска
Фото: Борис Грданоски

Ако има место кадешто природата ги дала сите убавини, тоа секако, е манастирот „Св. Георгиј Победоносец“, во селото Рајчица на самиот влез во Дебар. Чистиот воздух и Дебарското езеро само ја надополнуваат убавата глетка на уште поубавиот возобновен манастир, кој поради белата фасада го нарекуваат „Снежна Кралица“. Доаѓаш да се помолиш за спокој, за мир во душата, и не може да не се свртиш и да не ја видиш преубавата околина. Ова, секако, е место каде што за момент се забораваат сите проблеми што ја мачат човековата душа, зашто мирот и спокојот во манастирот маѓепсуваат. Забораваш дека веднаш крај него е патот за Дебар, туку се чувствуваш како да нема никој, како да си на врв планина.

Честица од крстот на кој е распнат Исус Христос

Во црквата има икона која содржи честица од крстот на кој е распнат Исус Христос. Честицата е стара повеќе од 2000 години и има чудотворна моќ. За тоа, како што раскажува сестра Јасмина, зборува и самиот начин на кој бил најден крстот. Кога царицата Елена тргнала во Светата земја да го бара крстот, по Божја промисла ги нашла сите три крста – на двајцата разбојници и на Исус Христос. Не знаејќи кој е Христовиот Крст, положиле мртовец на сите три крста. Кога го положиле на крстот на Исус, мртовецот воскреснал. Крстот потоа бил издигнат пред народот и тој празник се нарекува Воздвижение на чесниот и животворен крст. На тој ден била осветена црквата во Рајчица во 1835 год. Самиот Господ сакаше на истиот тој ден да бидат преосветени темелите за новиот манастир. По Божја промисла, ние тој ден го зедовме како ден за мала слава. Така сега имаме две слави. Главната манастирска слава е на Ѓурѓовден, а малата слава на Крстовден.

Манастирот низ историјата функционирал како економски дел на „св. Јован Бигорски“. Имал голем црковен имот, вклучувајќи го и денешното езеро, кое некогаш било лозов насад. Се произведувале пченка, пченица, зеленчук, а се преработувало и маслиново масло. Денес, во манастирскиот комплекс се сместени црквата посветена на св. Георгиј Победоносец, конак со келии за сестрите и параклис. Манастирот, како метох на св. Јован Бигорски датира уште од 18 век, но конакот е нов, возобновен пред три години, и е изграден на старите темели, автентично на претходниот. Единствено се додадени параклисот и камбанаријата. Старата црква, која е сместена во дворот е изградена на темели од 18 век, и по уривањето од страна на Османлиите, конечно во 1835 година е возобновена. Тоа било во време на игуменот Арсениј, највлијателниот игумен од Бигорската обител.

Лековита вода

Во дворот на манастирот се наоѓа чешма со лековита вода. Сестра Јасмина кажува дека кога постоел стариот манастир, водата си течела. Со доаѓањето на комунизмот, и затворањето на манастирот, водата сама од себе секнала. Кога почнал да се возобновува конакот, одново протекла и водата. И почнале да се случуваат чуда. Во една фамилија од Тетово, жената имала големи главоболки и ништо не помагало. Откако се напила од водата главоболките престанале. Нејзиниот сопруг и многу други од Тетово и денес доаѓаат да полнат вода. Од оваа вода полнат и луѓе со муслиманска вероисповед. Овде населението е претежно со муслиманска вера, но уште од дамнина, секогаш кога имале проблем, доаѓале тука по помош – да наполнат од светата вода – агиазма, или да се поклонат во црквата. Има и љубопитни странци кои прочитале за манастирот и дошле да ја видат неговата убавина.

„Тој – вели сестра Јасмина, многу направил за Бигорскиот манастир, а со самото тоа и за овој. Штом е изградена црквата, таа веднаш била фрескописана од страна на монах Данаил и неговиот татко Михаил, според желбата на игуменот Арсениј. Вториот дел подоцна го фрескописал нивниот ученик Дичо Зограф. Во оваа црква има доста убави фрески, како што се онаа на св. Кирик, тригодишниот маченик за Христа, на св. Наум Чудотворец, која е земена како образец за другите цркви од 19 век, потоа сцени од мачењето на св. Георгиј Победоносец каде е прикажан и неговиот мачител – царот Диоклецијан, со турска чалма на главата. Тоа историски е неоправдано, зашто царот живеел многу пред да се појават Османлиите, но во свеста на нашите предци од тој период Османлиите станале поим за мачител. Полиелејот неодамна е донесен од Грција и во одредени моменти на богослужбите се ниша, симболизирајќи го присуството на Св. Дух.

На сите кои пристапуваат со вера, Господ им помага. Сестра Јасмина не знае за примери на исцеление, сепак манастирот е се уште релативно скоро возобновен. Но таа цврсто верува дека копијата од чудотворната икона на Св. Георгиј има голема благодатна сила и силно го сведочи присуството на Победоносецот во манастирот, кој се грижи за сестрите и им помага. „Не ретко – кажува таа, се случува нешто да ни притреба, и следниот ден веќе некој ни го донел. А доаѓаат многу верници на поминување. Сепак има само една гостинска соба.

Идејното решение за новиот конак е на отец Партениј. Нему, дамнешна желба му била да се возобнови манастирот, зашто откако е дојден во св. Јован Бигорски, секој Ѓурѓовден кога доаѓал и служел во Црквата, тој тажно ги гледал урнатините, посакувајќи тука одново да никнат конаци. Манастирот е правен според светогорските манастири. Отец Партениј подолг период минал во манастирот „Григоријат“ на Света Гора и оттаму го имапренесено целото светогорско искуство. И трпезаријата е направена по примерот на Светогорските. На самото чело, во олтарниот дел, каде што е местото за владиката, насликана е „Тајната вечера“. Оваа голема просторија се користи за славите и има капацитет од 120 луѓе, така што по богослужбата на Ѓурѓовден сите доаѓаат тука на заедничка трпеза.

Чудотворната икона на св. Георгиј Победоносец

Во црквата „Св. Георгиј Победоносец“ се наоѓа копија на чудотворната икона на Св. Георгиј од манастирот Зограф на Света Гора. Поврзана е со едно чудо. Тројца браќа од Охрид го граделе манастирот и не знаеле кому да го посветат. Решиле да размислат и кога ќе се договорат да стават икона на местото каде што требало да стои патронот. Меѓутоа, Бог по Својата промисла, направил иконата сама да си дојде на тоа место. Така, иконата исчезнала од Лида, некогашниот град на св. Георгиј и се појавила на новото место, во манастирот Зограф на Света Гора. Кога браќата ја виделе иконата, веднаш сфатиле дека манастирот треба да му биде посветен на св. Георгиј Победоносец. Но во Воденско некој владика не поверувал во тоа чудо и сам дошол да се увери. Застанал пред иконата, почнал со големо непочитување да се однесува кон неа, и невнимателно ја допрел. Како што ја допрел, така прстот му се залепил за неа. Не можеле да му го тргнат, не помогнале ни молитвите на тој владика. Тогаш св. Георгиј му се појавил во видение и му рекол: „ Затоа што не веруваше, нека остане трага од твоето неверие на мојата икона“ и монасите морале да му го пресечат прстот. На оригиналот сеуште имало парче од кожата. А овде ја имаме неговата копија, која е подарок од отец Пајсиј, некогашниот игумен на св. Прохор Пчински“.

Дел од сестрите се дојдени, откако манастирот бил отворен. Во неговата историја тој за првпат функционира како женски манастир. Сега се девет сестри – сите искушенички. Сестрата вели дека Св. Георгиј ги собрал од сите краишта на Македонија.

„Има сестри од Охрид, од Скопје, од Кадино, Виница, Гевгелија, Радовиш, од Кратово. Покрај секој- дневните послушанија, имаме и секојдневни служби, утринска богослужба, Литургија, вечерна богослужба и завршуваме со повечерие. Ова е еден од ретките женски манастири во Македонија што се привилегирани да го имаат целокупниот богослужбен ред , а тоа е само благодарение на близината на св. Јован Бигорски, и големата поткрепа од братството, особено од нашиот игумен. Имаме и работилница каде што изработуваме мантии и епископски митри, кои се прават само кај нас. Изработката на митрите е мајсторска тајна која се пренесува од генерација на генерација. Нам оваа тајна ни ја откри отец Партениј. Тука изработуваме и темјан, по урнек на Светогорскиот, но го користиме само за наши потреби“, раскажува сестра Јасмина.

Раката на св. Георгиј

Параклис е мала црква во рамките на конакот, каде што се одржуваат богослужбите во зима. Овде тој е посветен на тројцата светители: св. Григориј Палама, св. Јован Кукузел и на св. Нектариј Битолски. Во него, од пред неколку месеци е сместено делче од раката на св. Георгиј. Сестра Јасмина кажува дека, според отец Партениј, овој манастир се удостои да стане кивот во кој се чуваат моштите на св. Георгиј, и навистина само Божјата промисла можела да направи тие да дојдат овде на чудесен начин. Подарок се од о.Епифаниј, ефимериј на Црква во Атина, некогашен светогорски монах. Тој извесно време поминал во аскетскиот предел наречен Кавсокаливија на Света Гора. Тука живееле неколку старци, монаси и тие чувале мошти на св. Георгиј. На заминување, бидејќи го носел името на светиот и сакал да му изгради црква, монасите се договориле да му дадат дел од моштите. Но, по Божја промисла, тој подоцна се замонашил и го добил името Епифаниј и наскоро потоа бил испратен да служи како ефимериј на црква во Атина. Тој ги зел со себе моштите и подоцна, на една средба во Атина, му ги подарил на отец Партениј. Кога му ги предал на о. Партениј му рекол: „Ете зошто сум ги чувал моштите, за да ви ги дадам вам“. Кога отецот ги донел моштите, со самото негово доаѓање во манастирот, тие почнале да мирисаат, да испуштаат благоухание. Делчето е вградено во позлатено сребро во вид на рака. Таа, по барање на отецот е направена во Солун. На самата рака е направен отвор, за да се гледа делчето и да се целива.