„Долни Палат“ ги прими првите гости

Бигорскиот манастир го враќа првобитниот изглед

 

За празникот на Христовото Воскресение – Велигден, верниците кои во манастирот ќе ги минат торжествените денови пред Воскресението на нашиот Спасител Господ Исус Христос , од денеска ќе бидат сместени во реконструираните соби на манастирските конаци, во таканаречениот „Долни Палат“, што се наоѓа во југозападниот дел на манастирскиот комплекс.

Манастирското братство, предводено од игуменот на манастирот, архимандрит Партениј, пред неколку месеци започна со реализација на еден крупен и мошне значаен зафат – враќање на првобитниот изглед на манастирскиот комплекс „Св. Јован Бигорски“.

Манастирските конаци на таканаречениот „Долни Палат“ во далечната 1912 година, ги зафатил пожар, при што изгореле покривот и двата ката со чардаците. Санацијата била извршена во периодот од 1927 до 1930 година, при што не се водело сметка за првобитната архитектура на конаците.

-Нашата цел беше да го доведеме манастирот во првобитната состојба. Ние ја имаме должноста да ја продолжиме традицијата на монасите кои успеале да го сочуваат овој прекрасен манастир, да го надградуваат и да ја сочуваат неговата убавина и значење. Пред Велигден успеавме да ја завршиме првата фаза: ги исчистивме подрумите, кои не се користени од 1912 год., ги саниравме ѕидовите кои добија нов изглед. На првото и второто ниво изградивме по четири односно по пет големи манастирски соби, кои се наместени со современ мебел. Секоја соба има купатило – вели сегашниот игумен на манастирот, архимандрит Партениј.
Во наредниов период се планира да се довршат третото и четвртото ниво, во кои ќе се наоѓаат еднокреветни и двокреветни соби, три апартмани, чардак, неколку работни простории, кабинет за надлежниот архиереј, а на источната страна на четвртото ниво ќе се изгради Параклис.

Но, за целосно довршување на оваа надградба на манастирскиот комплекс, што се изведува според проектот изработен од страна на архитектот Ѓурѓица Лековска од Скопје, врз основа на сочувани фотографии пред пожарот од 1912 год., потребни се уште средства. Монашкото братство верува дека верниците и дарителите сепак ќе ги донираат потребните средства за да се доврши зафатот за враќање на првобитниот изглед на Бигорскиот манастир, а очекуваат овој зафат финансиски да го поддржи и Министерството за култура, кое сe уште се нема огласено.

Инаку, досегашната реконструкција со свои донации ја помогнаа бизнисменот Трифун Костовски, „Мобимак“, „Цементарница Усје“, столарската работилница „Мебло“ од Гостивар, сопственост на Живорад Маркоски и други.

Текст и фотографии:
Киро КИПРОСКИ