Велигден во „Св. Јован Бигорски“

Неколку години по ред сум чест гостин во Бигорскиот манастир, во нашето древно духовно светилиште. Неколку денови од Страсната седмица ги минувам во овој прекрасен амбиент. Седам покрај манастирската чешма, и гледам како водата низ трите дулки непрестајно блика, создавајќи прекрасен жубор што ме одмара. Притоа се присетувам на зборовите што поглаварот на МПЦ, архиепископот Охридски и Македонски г. г Стефан, пред шест години, уште како Брегалнички митрополит, ги изрече за ова наше светилиште на денот на преосветувањето на манастирската црква „Св. Јован Крстител“, велејќи дека од овде, како од неугаслив светилник, духовноста надалеку зрачела и зрачи.

Токму затоа, Бигорскиот манастир е реткост и можеби нема друго место каде што толку совршено се надградиле Божјото и човечкото. Она што Бог Творецот му го подарил на ова место и она што човекот мајстор го подигнал на овој простор: манастирската црква со прекрасната купола, неповторливиот иконостас, иконите и живописот, конакот, чардаците, трпезаријата, чешмата и водите непресушни… Овде векува убавината и нема што да се додаде или одземе. Вредните мијачки копаничари, нивната мајсторија, создала дела кои и до денешни дни се совршени и ненадминливи! Во Бигорскиот манастир секогаш царува убавото и совршеното, а во овие торжествени денови до полн израз доаѓа манастирската духовност. Манастирскиот комплекс е украсен и уште на големата влезна порта се чувствува блесокот на ова светилиште.

-Сега, кога навлегуваме во Страсната Седмица, во која со векови низ молитви и богослуженија, Црквата се соживува со Христовите страдања, би требало целиот верен народ со солзи и во големо покајание да учествува во овие богослужби – беа првите зборови на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, тогаш кога влегувавме во манастирот.
Овде човек навистина може да ги почувствува Христовите страдања, болката на Мајката Божја по своето Чедо, патот кон Голгота и Распетието, за најпосле со радост да го доживее и Христовото Воскресение, како свое сопствено воскресение во новиот живот со Христа!

Во предвечерието на Велики Понеделник, симболичното изнесување на иконата на Младоженецот (икона на која е изобразен нашиот Спасител со трнов венец, со врзани раце и држејќи трска), го означува доаѓањето на Спасителот на доброволно страдање. Преку Евангелските параболи, пак, за исушената смоква, за мудрите и безумните девојки и за талентите (духовните дарови), се потсетивме дека нашите души треба постојано да ги украсуваме со добродетели, милосрдие, со постојана будност и молитва.
На Велики Четврток присуствувавме на Тајната Вечера, за која, како што ни вели игуменот Партениј, Бог ни оставил во завет постојано да ја извршуваме на божествената Литургија во Негов спомен. По Литургијата, монасите извршија Елеосвештение, во кое се осветува елеј за целата година, за помазување на болните.

Особено трогателна беше службата отслужена вечерта на Велики Четврток, кога се читаат 12 – те Страдални Евангелија и кога Синот Божји доброволно се распнува на крст заради човечките гревови. Патот кон Голгота беше симболички прикажан со литија, која почнуваше од црквата и се движеше до манастирската капија. Литијата ја предводеше архимандрит Партениј, кој го носеше големиот крст, подобно на Христос. Потоа крстот со распнатиот Христос беше поставен пред Царските Двери во манастирската црква.

Велики Петок, кога го пишувам овој текст во Манастирот Бигорски, е најтажниот ден за секој христијанин. Службите во манастирот зборуваа за Христовата смрт и погребение. За овие служби, игуменот подготви посебен цветен епитаф, украсен со 2000 каранфили, кој го претставуваше Христовиот гроб. Вечерта сиот народ преку прекрасните стихови, собрани во три статии, ја оплакуваа смртта на Својот Создател и Спасител, како некогаш Мајката Божја. Во црквата, сите едногласно пееја: „Народите сите погребението Ти, Христе, со песни го пеат…“

Саботната служба во утринските часови е посебно доживување во Бигорскиот манастир. Тогаш отците, подобно на Ерусалимскиот храм, ги запечатуваат дверите на олтарот, при што Литургијата се извршува на епитафот што го симболизира предворјето на Гробот Господов. Ова е голема привилегија за верниците, зашто на тој начин им се дава можност да ѕирнат во тајната на осветувањето на Даровите, бидејќи тоа се одвива пред нивните очи.

Неописливо е чувството што се буди во секој човек, кога вечерта на Велика Сабота игуменот ќе излезе од олтарот со запалени свеќи, пеејќи ги познатите стихови: „Дојдете примете светлост од невечерната Светлина…“ И како што постепено се палат свеќите, целата црква блеснува, осветлувајќи ги радосните лица на верниците кои го очекуваат Христовото Воскресение. Звукот на камбаните го најавува овој прекрасен настан и тогаш сиот народ собран надвор пред црквата, со трепет на душата го слуша Светото Евангелие за Христовото Воскресение и радосно воскликнува: „ХРИСТОС ВОСКРЕСНА“. Ова го означува и почетокот на Воскресната Литургија, кога сите верници заедно го прославуваат Христовото Воскресение.

Пред годинешното празнување на Празникот над празниците, кога нашиот Спасител Исус Христос, смртта ја победи со смрт, Бигорскиот манастир ја заврши првата фаза од возобновувањето на манастирските конаци, во кои престојуваат над стотина верници од Скопје, Гостивар, Битола, Охрид, Струмица и од други места на нашава држава.