Замонашување на сестри од манастирот „Св. Георгиј“

Првпат во Дебарско-кичевската епархија на МПЦ

Завчера вечер, во предвечерието на големиот христијански празник посветен на св. Великомаченик и победоносец Георгиј, во манастирот посветен на овој светија, што се наоѓа во село Рајчица, близу Дебар, за прв пат во Дебарско-кичевската епархија се одржа чин на монашење на првите две сестри од сестринството на манастирот, кои го примија ангелскиот потстриг и положија завет пред Бога.

Замонашувањето на триесет и двегодишната Јасмина Ристова, од Кратово и на дваесет и четиригодишната Наташа Дамјаноска, од Охрид,

го изврши надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ, митрополитот г. Тимотеј. Јасмина го доби името монахиња Варвара, а Наташа, монахиња Екатерина.

Двете сестри во манастирот се од неговите почетоци во 2001 год., кога всушност тој беше и осветен. Тие се под духовното раководство на архимандрит Партениј, кој е игумен на овој манастир, а сестрите со своето послушание допринесоа да заживее овој древен дом на св. Георгиј.