Духовен центар за поткрепа на верниците

Во предвечерието на големиот христијански празник посветен на Св. Великомаченик и Победоносец Георгиј, камбаните го означија доаѓањето на митрополитот г. Тимотеј, а со тоа и почетокот на вечерната богослужба. Црковниот храм беше исполнет до последното место. Тука беа присутни верниците, гостите кои присуствуваа на чинот монашење.

Професорката по англиски јазик, 32 – годишната Јасмина Ристова од Кратово и угостителскиот работник 24 – годишната Наташа Дамјаноска од Охрид, поминаа три години како искушенички во овој манастир. Под будното и грижливо око на својот духовен татко – архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, во чии рамки, како метох, опстојува женскиот манастир во Рајчица, тие преку послушание, смирение, молитва и трпение, три години се трудеа да го соблечат стариот човек со своите страсти и да ги стекнат доблестите кои што ја украсуваат секоја монахиња… Од моментот на осветувањето на манастирот во село Рајчица, на 02 јуни 2001 година, сестрите Јасмина и Наташа во целост ги исполнија послушанијата кон својот старец и од манастирот изградија духовен центар, во кој утеха и духовна поткрепа наоѓаат сите верници и посетители.

Чинот на монашењето е духовно раѓање на нов човек во Христа, кој добива и ново име. Јасмина го доби името Варвара, а Наташа – Екатерина. Двете се заветија дека секогаш ќе ги исполнуваат трите основни монашки завета: доброволна сиромаштија, девственост и послушност.

За време на вечерната богослужба, со која чиноначалствуваше митрополитот г. Тимотеј, надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ, двете искушенички пред влезот на храмот ги соблекоа своите обувки и се облекоа во бела кошула. Тогаш свештенослужителите во литија, двајца по двајца се упатија кон олтарот на црквата, а духовниот отец, архимандритот Партениј ги прегрна двете искушенички со својата црна мандија, пеејќи го тропарот: „Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки, развратно го потрошив својот живот. Спасителу сега не презирај го моето осиромашено срце, кое го вперува погледот на непотрошливото богатство на Твоето милосрдие! Бидејќи кон тебе милостивно викам: згрешив Оче на небото и пред Тебе“.

Идните монахињи направија по три поклони до земјата (големи метании). Првиот поклон беше при влезот, вториот во средината на црквата, а третиот пред олтарот, пред архиерејот Тимотеј. По третото поклонување тие останаа да лежат со раширени раце, со што го симболизираа крстот.

Потоа тие одговараа на голем број прашања од владиката Тимотеј, меѓу кои и тоа дали со својот слободен разум и по своја слободна волја пристапуваат кон Господа. Јасмина и Наташа одговараа: Да, со Божја помош високопреосвештени Владико. Мирот беше нарушуван со молитвени воздишки од присутните проследени со радосни солзи. Како што овој торжествен чин се приближуваше кон својот крај, кај најблиските и роднините на искушеничките растеше увереноста дека нивните чеда доброволно и со голема љубов кон Бога стапуваат во сестринството, дека тоа е нивна одлука и животна определба.

Владиката Тимотеј од новите монахињи ги прими ножиците со кои тој ги пострижа на главата во вид на крст и притоа рече: Варвара ја потстрижува косата на својата глава во знак на откажување од светот и од сe што е во него, во знак на откажување на својата волја и сите телесни желби, во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Потоа, монахињите се облекоа во риза на доброволно сиромаштво, го примија параманот како потсетник на страдањата, ја облекоа мантијата – облеката на веселба и духовна радост. Владиката им го подаде кожниот ремен, расото, паната, бројаниците, чевлите, крстот и на крајот им подаде запалена свеќа и при тоа им рече: Прими ја сестро Варвара, оваа свеќа и внимавај, од сега со чист и добродетелен живот и со добра навика да бидеш светлост на светот. Во чест на замонашувањето на првите две искушенички во манастирот Св. Георгиј, митрополитот г. Тимотеј одржа беседа, на која посебен акцент стави на значењето на монаштвото и на тоа зошто некој одбира да појде во манастир. Монаштвото е возвишен повик, а во исто време и возвишена одлука – полна со привидни противречности и несфатлива, гледана низ призмата на овој наш секојдневен живот, а значајна причина е и природата на времето во кое живееме, полно со духовни кризи и аномалии од секаков вид – констатираше г. Тимотеј. Монах означува човек кој живее сам, се одвојува од обичниот начин на живеење заради повозвишени цели и идеали.