Заврши научната конференција „По патеките на Дичо Зограф“ во чест на 1000-годишнината на Бигорски

Заврши првата малореканска научна конференција „По патеките на Дичо Зограф“, а посветена на големиот јубилеј – 1000 години од основањето на Свештената Бигорска Обител.

Дебар, 6 септември 2020 (МИА) – Заврши првата малореканска научна конференција „По патеките на Дичо Зограф“, а посветена на големиот јубилеј – 1000 години од основањето на Свештената Бигорска Обител.

Во големата приемна сала на Бигорскиот манастир, каде што се одржаа и најголемиот дел од предавањата, учесниците беа поздравени и благословени од страна на игуменот на манастирот, Епископ Партениј.

Најнапред, од името на научните работници, се обрати проф. д-р Сашо Цветковски, кој, заедно со епископ Партениј, беше иницијатор и организатор на оваа научно збиднување во чест на илјадалетието.

Цветковски направи кус приказ на заклучоците од научните предавања и му се заблагодари на Епископот Партениј за гостопримството и поддршката при реализацијата на конференцијата.

Тој, меѓу другото, го истакна значењето на Бигорското Светилиште низ вековите, а особено во преродбенскиот 19 век, кога манастирот бил центар на културно-општествените случувања во мијачкиот крај, но и пошироко, а продолжува истото да биде и денес.

-Потоа на присутните им се обрати претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, кој беше наш ценет гостин. Тој истакна дека се чувствува возвишен од убавините на Бигорскиот Манастир и воедно му упати топла благодарност на владиката Партениј, што за изминатите две и пол децении успеа да го воскресне манастирот и да го умножи неговото благолепие. Од својата страна, тој даде ветување и за понатамошна поддршка на МАНУ за слични проекти и соработка, вели отец Кирил.

Завршниот збор го имаше владиката Партениј, кој им се заблагодари на научните работници што со своите дела дадоа значаен придонес во одбележувањето на илјадагодишнината на Бигорски.

-Тој, исто така, им го пренесе поздравот и благословот од нашиот почитуван надлежен митрополит, г. Тимотеј Дебарско-кичевски, а потоа посочи колку важно е надлежните институции и поединци да го помагаат културно-историското наследство, но и да имаат правилен однос кон живите споменици, кон монашките братства, кои не само што свето го пазат наследството од предците, туку и го надополнуваат и творат ново. Старецот го предочи суштественото значение на Бигорската Обител за македонската преродба, култура, духовност и државност и повика на поголема свесност за улогата што ја имал и ја има во нашето општество, додаде отец Кирил.

На крајот од оваа значајна научна конференција,што почна во вторникот, Епископ Партениј им додели посебни признаници на учесниците на истата.

Димитар Крстев Дичов, попознат како Дичо Зограф е македонски иконописец, претставник на дебарската школа. Тој е еден од најпознатите иконо и фреско-сликари на Балканот во 19-век.

Во неговиот краток живот насликал повеќе од 2.000 икони за потребите на правоверските цркви, насекаде во Македонија, Србија и Грција.Неговоро творештво означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста.

Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите.

Роден е во Тресонче, област Мала Река, општина Маврово и Ростуше(некогаш дебарски регион), во 1819 година а починал 1872 или 1873 година. Каде почиваат неговите посмртни останки се уште не се знае.