Прославување на светите Пречистански преподобномаченици

Како овци на Господа, доброволно се потчинивте во божественото Трло на Пречистата, и секојдневно искачувајќи се по лествицата на добродетелите, од достојнопрезрените страсти се очистивте, зголемувајќи ја љубовта кон Владиката. Затоа во време на искушението, Него не Го оставивте, туку јасно исповедајќи Го како Бог и Човек совршен, со меч бевте сосечени, поради тоа вашиот спомен денеска, преподобномаченици уважувани, радосно го празнуваме

(стихира од службата на светите Пречистански преподобномаченици).

Има мигови кога од штедрата рака на милостивиот, благиот и човекољубив Бог се излеваат бранови на толку силна благодат, што срцето и не сакајќи само од себе пее прекрасни химни на благодарност и бескрајна љубов. Еден таков редок и скапоцен миг беше и чинот на прославувањето на тројцата Пречистански преподобномаченици и исповедници, светите Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, кои со својот маченички подвиг беа удостоени од Подвигоположникот Христос со нераспадливиот венец на вечната слава, станувајќи силни и постојани молитвеници за нашиот народ и оваа наша убава татковина.

Прекрасната обител на Богомајката – „Пречиста“ Кичевска, облечена во својата најпразнична одежда, радосно ги рашири своите раце и ги отвори своите порти за неброеното мноштво верници, кое како река се слеваше во манастирот од сите страни на нашата земја. Импозантниот храм на светото Благовештение, во сета своја големина беше премал за да ги прими придојдените гости, за кои не беше доволен ни пространиот манастирски двор. Сите сакаа да бидат дел од тоа небесно доживување, да бидат сведоци на земното прославување, да го стекнат благословот на Преподобномачениците и на нивната хранителка, Пречистата Владичица наша Богородица. Најпрво за тоа, сепак, се удостои искушеничката Душица од Раичкиот манастир на Победоносецот, која во моментот кога на вечерната богослужба со особено умиление се пееја чудесните стихири на Пречистанските отци, од рацете на Дебарско-кичевскиот митрополит, г. Тимотеј, прими апостолник, и со татковскиот благослов на својот старец, архимандрит Партениј, а под молитвената закрила на Пресвета Богородица и на Преподобномачениците, доби нова благодат за утврдување во монашкиот живот.

Всушност, насекаде низ манастирот тој Илинден силно се чувствуваше благодатното присуство на светите Пречистански монаси, се чувствуваше нивната радост, која како во огледало се одразуваше на лицата на сите присутни, слевајќи се во едно сеопшто чувство на неовоземно торжество. Таа свештена радост најсилно бликна во душите кога од страна на епископот Хераклејски г. Климент свечено беше прочитана одлуката на Светиот Архијерејски Синод за вбројување во диптихот на светите на преподобните Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, и кога по читањето на житието од страна на митрополит Тимотеј, за прв пат пред народот, носена на рацете на високопреподобните архимандрити, о. Нектариј и о. Партениј, со побожен трепет беше изнесена нивната прва зографисана икона. Тогаш Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, кој чиноначалствуваше со светата архијерејска Литургија, ја благослови и издигна иконата, благословувајќи го со неа целиот народ. Потоа таа беше положена на посебно украсена, раскошна целивална, поставена на средината од храмот, каде верните со голема љубов и страв Божји пристапуваа кон неа за поклонение. Нескриена беше и радоста и умилението на лицата на нашите драги гости од Романија, јеромонахот Климент и игуменијата Петронија со свои сестри од манастирот Робаја, како и свештеникот Тодиј од Албанската црква, кои Божјата промисла ги донесе на овој ден во обителта на Пречистата и ги повика да присуствуваат на чинот на прославувањето.Како претставник, пак, на Владата на Р. Македонија, на свечениот чин присуствуваше проф. д-р Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници.

И како подостојно можеше да заврши ова прекрасно небесно собитие, ако не со свечена литија, проследена од серадосните тропари на Пречистанските преподобномаченици, што со посебен восхит и вдахновение беа отпеани од нашите драги псалти. Така со светата икона на новопрославените светии беше благословен и целиот манастир, како и темелите на идниот конак, со кој ќе му се врати автентичниот изглед на ова големо светилиште. Во рамките на новиот конак предвиден е и параклис посветен на светите пострадани за Христа Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, новопрославените наши молитвеници пред престолот Божји.

Со солзи радосници, збогатени со едно прекрасно духовно искуство и неискажлива благодат, го напуштивме манастирот, додека во срцата ни одѕвонуваа чудесните стихови на отпустителниот тропар на Пречистанските преподобнострадалници, на први глас, подобен на „Пустински жител“:

Подигнувајќи го крстот Господов на плеќите, животот подвижнички со меч го запечативте, Евнувие славен атлете, Пајсие на мачениците подражателу, и Аверкие христодушен подвижнику, нечестието го изобличивте; затоа пред Христа застапете се, и нам да ни ја дарува, со силата на Духот божествен, посакуваната Рајска светлина.

Свети Пречистански преподобномаченици, Евнувие, Пајсие и Аверкие, кои како словесни жртви на животворната Троица се принесовте, слава на Црквата и на родот православен станавте и топли посредници за светителољупците се покажавте, со Пречистата Богомајка молете се пред милостиовиот Бог, да ја запази во мир Црквата и татковината наша и да ги спаси душите наши, дарувајќи ни голема милост. Амин!