Мошти на св. Николај Мирликиски Чудотворец во Бигорски

Небозрачна светлина ни засветли денес и ангелска радост како таинствен поток ги исполни душите наши! Зашто, според неиспитливото човекољубие Божјо, Бигорската обител се удостои да биде закитена со уште еден бесценет и чудесен украс – мошти од великиот меѓу светите отец наш, Николај Мирликиски Чудотворец!

Дочекувањето на овој прекрасен Божји дар во нашиот манастир беше вистински духовен празник. Радосното ѕвонење на камбаните и молитвените звуци од тропарот на светителот, го придружуваа нашиот старец, архимандрит Партениј, кој со своите монаси и духовните чеда присутни во манастирот, ги презеде светите мошти од игуменијата Петронија и ги пренесе во соборниот бигорски храм. Таму, пак, старецот со голема радост ја искажа својата благодарност кон Бога, кон Неговиот светилник Николај и кон старицата Петронија и нејзиното сестринство, истакнувајќи дека пристигнувањето на моштите на св. Николај во манастирот токму во време кога се зографисува параклисот нему посветен, го смета за вистински благослов од светителот, кон кого отсекогаш чувствувал силна љубов. А верниците, пак, напоени со изобилна благодат од ова духовно торжество, со стравопочит и огромна љубов се поклонија на големиот Христов угодник, упатувајќи му ги своите молитви и благодарења што ги удостои на оваа неовоземна радост.

Чесните и свети мошти на св. Николај на Бигорскиот манастир му ги подари игуменијата на манастирот Робаја од Романија, старицата Петронија Добреску. Имено, минатата година игуменијата Петронија го посети нашиот манастир, каде се запозна со нашиот старец и братството. Водени од светителољубиви побуди, старецот и романската игуменија се договорија двата манастира да си разменат свети мошти. Нашиот игумен благоволи да одвои дел од моштите на св. вмч. Георгиј Победоносец, кои се наоѓаат во метохот во Рајчица и во духот на монашкото братољубие да му ги подари на манастирот Робаја, кој, исто како и Раичката обител, го носи името на светиот Великомаченик. Од своја страна, пак, старицата Петронија, по Божја промисла, подготвила навистина драгоцен дар за Бигорската обител. Таа, исто така вдахновена од големо братољубие и благодарност, издејствувала преку епископот на нивната епархија Аргешулуи ши Мускелулуи, г. Калиник, надлежните чувари на гробот на св. Николај во градот Бари да одвојат честица од светите мошти на Мирликискиот Чудотворец, наменета за нашиот манастир. Така, преподобната мајка Петронија, заедно со своите сестри од манастирот Робаја, со благослов на нивниот архијереј, повторно ја посетија денес нашата обител, дарувајќи ѝ честица од чесните мошти на светиот и славен отец наш Николај.

Со какви зборови да ти се заблагодариме тебе, угоднику Христов, голем помошнику во неволји, неисцрпно море од чудеса, светителу Николае, што за нас, грешните и недостојните, приготви ваква неискажлива духовна наслада? Но бидејќи имаш слобода пред Господа, помоли Го Него, да ни подари прошка на гревовите и духовна сила, та непрестајно да Го прославуваме Троединиот Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух, и твоето силно молитвено застапништво, сега и секогаш, и во веки веков. Амин!