„Сè е второстепено за нас, во споредба со нашата грижа за децата и нивното подигање во поуките и науката Господова“ (Свети Јован Златоуст).
Од сите науки на овој свет, само една наука го распламтува Божествениот оган што ја топли и грее душата, влевајќи ѝ неискажливо спокојство и радост. Тој Божествен оган што гори во срцето е верата во Бога, а таа единствена наука, која од многу големи умови е наречена наука над науките, е веронауката. Само веронауката дава вистински и точни сознанија за Бога, за душата, за духовниот живот, за смислата на нашето постоење. Веронауката е, всушност, највозвишеното образование, зашто само преку неа се образува образот Божји во душата на детето.
Токму поради овие причини, нашите две свештени обители, Бигорски и Рајчица, по иницијатива и со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и ова лето организираат неколкудневни кампови по веронаука за најмладите. Денес заврши првиот од вкупно деветте летни кампови, кој започна минатиот четврток. Во него, нешто повеќе од триесет деца имаа можност да се запознаат со основите на православната вера, на православното богослужение, на животот во манастир. Освен часовите по веронаука, децата учествуваа и во практичните манастирски задолженија. Оваа прва група се удостои и да присуствува на торжественото бдение и богослужба во чест на Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница. Исполнети со благодатта на Светиот Дух, дечињата денес имаа средба и со игуменот Партениј, на кого му ги искажаа своите детски и најискрени впечатоци од нивниот престој во манастирите. За Старецот, пак, и за сите нас, најголема награда ни беа насмевнатите детски лица и радоста што зрачеше од нив.
Во продолжение наведуваме дел од впечатоците на децата:
„Драг наш отец Партениј! Ви благодариме што нè удостоивте да бидеме гости во овој свет манастир. Ви благодариме што се грижевте за нас со полно срце љубов. Ние научивме многу од Вашите проповеди. Вашите монаси беа многу добри… Нè учевте да се однесуваме како прави православни Христијани. Уште еднаш Ви се заблагодарувам за целиот труд што го вложивте во нас да излеземе како големи луѓе“ (Јован Велјанов, 15 г.).
„Да ви кажам искрено, сè ми беше убаво и удобно. Немаше ништо што не ми се допадна. Главниот отец на отците е о. Партениј. Отците се многу добри и љубезни“ (Константин Чиплаковски, 10 г.).
„Јас си поминав многу убаво овде. Сè е прекрасно. Монасите се многу добри и љубезни. Главниот монах, отец Партениј, нè пречека многу љубезно… Литургиите се долги, ама многу корисни. Јас многу го засакав овој манастир и тешко ќе ми биде да се одделам оттука. Многу е мирно и спокојно. Секој би требало да го посети овој манастир“ (Богдан Чиплаковски, 11 г.).
„Фала ти, отец Партениј, што нè прими во овој прекрасен манастир… Овој манастир е прекрасен. Преубави свештеници и преубав двор. Фала за подароците и се гледаме следната година“ (Ангел Симјаноски, 10 г.).
„Манастирот беше многу убав. Имаше многу убави работи. Одевме во овоштарник и одевме на Литургија во ден и ноќ. Таму учевме песни и многу убави работи“ (Мика Миленковиќ)
„Мене најмногу ми се допаѓаше црквата и црковните песни. Нешто многу впечатливо што беше се позлатените икони и малите делчиња од светците (светите мошти)… Отец Партениј, ние многу Ве засакавме и Ви благодариме за сè што сторивте за нас“ (Давид Калимановски, 10 г.).
„Кога дојдовме во манастирот, научивме многу за Господ и да ги сакаме мама и тато, оти така и нас ќе нè сака Господ. Треба секогаш да се молиме на Господ. Господ да ве благослови и да ве чува од лошини и ќе доаѓам кога можам со брат ми Давид“ (Антонио Калимановски, 7 г.).