На наша голема радост, во пресрет на Рождеството Христово, низ цела Македонија заѕвонија распеаните гласови на илјадници деца, кои подобно на ангелите, со стиховите на традиционалната Божикна песна „Вечниот Бог“, насекаде го најавија доаѓањето во тело на смирениот и човекољубив наш Господ. Оваа година Божикните поворки беа еден силен и незапирлив бран што не можеше да го спречи ни снегот, ни студеното време. Напротив, најмалите со својата заразна радост и чиста вера, насекаде го топеа студенилото, внесувајќи во сите човечки срца неискажлива топлина, љубов и мир. И пренесувајќи ја насекаде онаа порака на надеж којашто денес на нашиот народ му е најпотребна: дека се роди Оној Кој го победува злото, Кој ги одгонува искушенијата, Кој ги утешува безнадежните и внесува светлина во душите. Со Него секоја борба е извојувана победа. Да, секој човек денес има потреба да слушне дека Бог е со нас, дека заради нас се раѓа во скромна пештера, дека го сака нашето спасение, и дека животот го полага за нас. Сѐ што се бара од нас е само да Му го отвориме срцето и да Му дозволиме да го исполни со Својата љубов. Токму тоа извира од секој стих на оваа Божикна песна, и затоа овие стихови добиваат посебна сила кога се изговорени од детските усти. Нека Бог ги слушне молитвите на овие мали ангели, и нека во годината што доаѓа го излее својот мир врз нашиот народ, нека ни ја чува земјата од секакви внатрешни и надворешни непријатели и нека ги стопли со Својата љубов студените срца, та сите заедно сплотени да се радуваме на Неговото пресвето раѓање.
Им благодариме на сите оние кои на каков и да е начин дадоа свој придонес во реализирањето на оваа вест, што ни испратија и дозволија да ги искористиме фотографските и видео материјали.