Во пролетните денови на Преполовението, среде сѐ уште присутната силна пасхална радост, блесна посилно од сонцето новиот раскошен руски крст што со својата импозантна големина и убавина го закити Пречистанскиот храм, откако претходно беше осветен од митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Ова прекрасно изработено знамение на Христовата победа, издигнувајќи се високо на небото, им донесе голема радост на новото сестринство во манастирот на Преблагословената и Пресвета Богомајка. И така совршено се слеа со околината како отсекогаш да бил тука, сведочејќи за силата на Православието на овие простори, дури и тогаш кога неблагонаклоната иноверна власт го држел во мрак и ропство нашиот верен народ.
Нека ова крсно знамение до крајот на вековите го осенува со своите благодатни зраци пречистанското светилиште и нека со силата на Христа Кој доброволно се распна заради нас, ги чува и заштитува оние што ќе пребиваат во него. Амин!