Заврши првиот летен камп по Веронаука

 

Децата ќе се научат од светите отци. Светоотечкото учење ќе ги научи нашите деца за исповедта, за страстите, за злобата, и како светителите го победувале злото во себе. А ние ќе се молиме Бог да се всели во нив.

Преподобен Порфириј Кавсокаливит

Голем и свет влог е евангелското слово посеано во детското срце. Таа сеидба е благородна, но истовремено и многу одговорна дејност. Носи преголема радост и исполнетост, но бара и сериозен труд и посветеност. Зашто ништо на земјата не е толку скапоцено како охристовените детски души. Барем тоа го докажува повеќегодишното искуство на нашите свештени Обители во духовната работа со младите. Впрочем, и Самиот наш Учител и Спасител, Господ Исус Христос, кажа: Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно (Матеј 19,14). Раководен од оваа Христова заповед, која истовремено е и завештание од нашите предци да им го предадеме најважното на најмладите, нашиот Старец Партениј и ова лето посака и благослови децата да ги посетуваат нашите две Обители – Бигорската и Рајчичката – и да им овозможи малку поодблизу да го запознаат монашкиот богослужбен живот, основните вистини за православната вера, но пред сѐ да ја почувствуваат неизмерната Христова љубов и радост посеана во нивните души. Meѓу другото, тие ја својата благодарност ја искажаа и со пишаниот збор, со што, всушност, нѐ задолжија уште повеќе да се молиме за нивната светла духовна иднина:

Петар Цветко од Ресен, 11 години: Отец Партениј, како прво, Ви се заблагодарувам што нè примивте во овој прекрасен манастир, во кој се чувствував како да сум во рајот. Вие се грижевте за нас како да сме Ваши деца, Ваши чеда… Бев многу среќен кога си игравме некои многу убави игри со монасите, кога работевме на овоштарник, кога помагавме в кујна, кога учевме да пееме песни, кога отидовме во природа и правевме хамер, и кога монасите ни читаа приказни пред да заспиеме, а најубаво ми беше кога се исповедавме и се причестивме. Отец Партениј, јас ве засакав многу сите вас и никогаш нема да ве заборавам, ќе ми останете во сеќавање цел мој живот.

Гоце Крстески од Битола, 10 години: Како прво сакам да му се заблагодарам на отецот Партениј што нè прими да престојуваме во манастирот. Откако дојдов во овој манастир ми се допаднаа многу работи, како прво што научив многу за Господ Исус Христос и за Свети Јован Крстител. Научив за животот на монасите, повеќе работи научив за Светата Литургија и за многу други свети работи. Но, најмногу од сè ми се допадна црковниот хор, фреските, чудесните икони и што неколку дена бевме без интернет и телефони.

Петар Котларовски од Ресен, 12 години: Мене најмногу ми се допаднаа часовите по веронаука и работата со монасите. Во овој манастир Господ ме оттргна малку од телефонот и отворениот свет. Многу ми е мило што го запознав игуменот и старецот, отец Партениј и му се заблагодарувам што нè прими во манастирот да престојуваме… Им се заблагодарувам на сите монаси за најубавото дружење отсекогаш во историјата. Ве сакам!!!

Мартин Чакаревски од Ресен, 11 години: Отецот Партениј е многу добар човек, возљубен и нежен, тој нè учи на послушание и верност. Овој манастир е свето нешто… И кога ќе го прочитате ова писмо немојте да мислите дека ве заборавив или нема да дојдам пак. Вие сте во моето срце и таму ќе останете…

Дејан Ѓирѓиоски од Ресен, 11 години: Најмногу им благодарам на отците и еден голем поздрав до нашиот духовен татко, отец Партениј. Тој беше многу добар со нас, нè сакаше и секогаш ни велеше да бидеме мирни.

Анастас Зузаровски од Ресен, 12 години: Овие денови беа прекрасно дело на отец Партениј, бидејќи го отвори овој црковен летен камп. Си поминав необично. Со сите отци се дружев и работевме како едни сложни браќа… А тоа заправо што ми го наполни срцето беше тоа што се исповедав и причестив.

Јован Марковски од Битола, 10 години: Најмногу ми се допадна што научив за Светата Литургија, за црковните песни, за Господ Исус Христос и за тоа како било во Негово време… Научив и за историјата на Бигорскиот Манастир…

Тука би сакале да додадеме, дека часови и работилници по Веронаука се одржуваат и во Кнежинскиот манастир, кој се наоѓа во непосредна близина на градот Кичево, каде што неуморната сестра Драгица и искушеничката Каролина постојано ги поучуваат најмладите Кичевчани во духот на Христовата радостотворна наука.