По благодатното евхаристиско тајноводство од страна на нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј, на споменот на Обрезанието Господово и на Свети Василиј Велики, следуваше традиционалното прекршување на василопитата, во спомен на Свети Василиј Велики и чудото што тој го направил. Оваа година вистинска духовна наслада беше изведбата на повеќе возобновени божикни и новогодишни каланди од страна на составот „Чалгии Мерак“ и четиричлениот женски хор, составен од духовните чеда на Старецот: Исидора, Евангелија, Евангелија и Јована, коишто, заедно со свирачите, со големо достоинство настапија пред него, во големата манастирска одаја за свечености.
Пред Владиката г. Партениј, братството и сестринствата беа изведени неколку бадникарски и новогодишни песни, т.н. каланди, коишто се пееле во периодот од Рождеството Христово – Божик, па сè до после Обрезанието Христово и Новото лето Господово. Со благослов и со огромна поддршка и соработка од страна на Епископот г. Партениј, досега се возобновени или воскреснати повеќе древни божикни и новогодишни каланди. Дел од нив потекнуваат уште од византиско време, од ромејската култура и цивилизација чиј дел и наследство сме и ние, а дел се традиционални македонски словенски песни – некои запаметени по предание, а други запишани во зборниците на народни умотворби.
За подготовката на текстовите и на хорот и за аранжирањете на музиката за годинешниве каланди најмногу се потрудија јероѓакон Анатолиј и монахиња Касијана.
Преку овие бадникарски и новогодишни песни верниот народ сакал, на некој начин, и надвор од храмовите да го слави Рождеството Христово и другите празници поврзани со него или што се слават во тој период. Она што навистина воодушевува е длабокото познавање на православната теологија, којашто наоѓа значајно место во народните стихословија, покрај, се разбира, и традиционалните фолклорни елементи. Така, на пример, во познатата народна коледарска песна „Сива, сива Гулабице“ го среќаваме мотивот на гулабот како знак на добра вест и на спасение, според библискиот настан со потопот и спасението на праведниот Ное. Понатаму во истата песна се спомнуваат „златни чаши“:
Ми правеше златни чаши,
златни чаши и канати,
да послужит млада Бога,
млада Бога и Божиќа.
Всушност, тука народниот песнописец навлегува длабоко во светата тајна на Причесната, каде златните чаши се симболика за Путирот, од кој верните се хранат со светите Тело и Крв Христови.
Во песната „Три цареви од Персија“, со голема теолошка точност е опишано патувањето на тројцата Мудреци од Исток и нивното принесување дарови на новородениот Христос.
Мошне длабока содржински е и каландата „Сношти Христос ни се роди“, каде имаме повеќе алузии на Светото Евангелие. Така, песната започнува со зборовите:
Сношти Христос ни се роди и светот не Го сети,
ни светот, ни вселената, ниту, пак, злиот цар Ирод.
Тука гледаме паралела со Евангелието на Свети Јован Богослов во кое се вели: „Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна. Дојде кај Своите, но Своите не Го примија“.
Исто така, паралела со ова Евангелие („Јас сум лозата, а вие прачките“) гледаме и во стиховите:
Дрвото беше Христос Бог, апостолите – гранките.
Во византиската каланда „Христос се роди денес“, меѓу другото, пејачите се јавуваат и како проповедници, велејќи им на слушателите:
И добра ноќ, одморете, па во црква брзо појдете,
на светата Литургија, со многу побожност и радост.
И дома штом се вратите, на трпеза да каснете,
дајте и на сиромаси, за никој да не снема.
Тука се истакнува литургискиот момент, односно бдението за Божик, т.е. Бадник, како и социјалниот момент за грижа за сиромасите.
Во некои народни каланди се среќаваат и доста фолклорни елементи од просторот каде што настанале. Така, на пример, во новогодишната песна „Чук, лук! Кој иде?“, карактеристична за дебарско-реканскиот крај, кој бил главно сточарски и иселенички, го наоѓаме овој интересен фолклорен момент:
Колку трошки сирење, толку јагниња, јариња – како показател за сточарското стопанство во крајот и:
Колку писма, преписма, толку синчиња, ќерчиња – бидејќи роднините од странство комуницирале со своите домашни преку писма.
Голем култ му се оддавал и на Свети Василиј Велики, како на еден од најголемите учители на Црквата, добротвори, помошници на народот и чудотворци, чиј спомен се слави на 1 јануари според Јулијанскиот календар, т.е. на Нова Година. Неговото име се поврзува со правењето добри дела и давањето милостина на сиромашните во името на Бога.
Чук, чук! Кој иде?
Свети Василије.
Од кај иде? Од Кесарија.
Што носи? Здравје и бериќет од Господа.
Накрај, во сите песни се одбележува радоста од Рождеството Христово и благословите за добра благосостојба во Новата година.
Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.
Колку ѕвезди на небо,
толку милост од Бога,
колку врапци на гранки,
толку в куќи радости.
Црвено јаболко в градина,
живо и здраво до година,
до година – до амина!
Среќна и бериќетна Нова Година!
За многу години!