24 декември 2018/6 јануари 2019 лето Господово
Во пресрет на долгоочекуваното Рождество на нашиот Господ Исус Христос, во вечерните часови започна торжеството во светата Бигорска Обител, каде од сите страни на нашата земја, притекна многу народ, соединети во истата љубов кон нашиот смирен Господ, Кој избра скромна пештера за да се јави меѓу нас, па и сега ги бара нашите смирени срца како Свој дом. Според веќе воспоставената традиција на пеење божикни каланди на Бадниковата вечера, Бигорски и неговите бројни гости во неколку наврати имаа можност да уживаат во богатите изведби на ансамбл „Македонија“. Оваа година за првпат, во топлата атмосфера на манастирската галерија, присутните беа почестени со прекрасниот настап на етно составот „Љубојна“, кои за оваа своја прва посета на Бигорски, исполнија неколку византиски каланди и со својата ведрина веќе ја најавија божикната радост.
Понесен од оваа навистина пријатна и топла атмосфера, среде толку многу драги и насмеани лица на своите чеда, Бигорскиот Старец, Архимандрит Партениј, ја пренесе од своето срце најубавата божикна порака на љубовта и смирението:
„Мили мои, ви благодарам на сите што сте вечерва овде заедно со нас, да се радуваме за Раѓањето на нашиот Спасител. Особено им благодарам на членовите на групата Љубојна, кои така искрено и со љубов се погрижија нашата радост да биде уште поголема.
Впрочем, пред малку Верче добро кажа дека веќе отпочнуваме да празнуваме во знакот на радоста Христова. Токму затоа, покрај преубавите божикни каланди, тие испеаја и неколку народни и авторски песни, за коишто некои, можеби, ќе помислат дека не прилега да се пеат сега, бидејќи сѐ уште е пост. Меѓутоа, во овој случај, би сакал да ве потсетам на светото Евангелие што отците на Црквата предвиделе да се чита во втората недела пред Рождеството Христово. Имено, станува збор за онаа позната приказна на Спасителот Христос, во која тој говори за големата вечера што ја направил некој богат човек (Лука 14,16-24). Во Евангелието според Свети Матеј, оваа вечера е претставена како свадба на царевиот син (Матеј 22,1-14). Господ Исус го споредува Царството Небесно со цар кој направил свадба за сина си. Гледате ли, Господ сите нѐ повикал на едно големо духовно веселие и радост. Ни подготвил гозба на верата, гозба на вечноста, гозба на љубовта. Призвани сме сите на таа таинствена гозба, којашто е извршена во знак на спасението на светот. На таа Божествена вечера, на Светата Литургија, каде што Синот Божји се принесува како духовна храна, како леб небесен, за духовно веселие на сите нас.
Оној Чиешто Рождество денес Го празнуваме, се раѓа во пештера, се полага во јасли како кроток, за целото човештво да го направи кротко. Се раѓа како смирен, за нас, луѓето, да нѐ поучи на смирение. Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши (Матеј 11,29). Токму тоа е пораката на Христијанството, порака на смирението, на кротоста и на љубовта. Оваа порака некогаш го освоила и преобразила суровиот римски свет, а и останатите пагански народи. Пораката на љубовта Христова го освоила светот без оружје, без никаква земска сила. Господ Исус Христос ги испратил апостолите како јагниња меѓу волци. А сепак тие победиле и цел свет го придобиле за Христа. Со тоа покажале дека вистинската движечка сила на Христијанството е токму љубовта, самопожртвуваноста, слободата на духот, а не слепата и ропска потчинетост на закони и правила, што го уморува и онака заморениот човечки дух. Месијата Христос дојде при израилскиот народ, кој во буквална смисла, беше постанал роб на многуте законски одредби од Мојсеевото петокнижие. Не дека самиот Закон бил нешто лошо. Напротив, од историјата на Стариот Завет гледаме дека и преку запазување на Законот, или поточно кажано, преку верата во единиот вистински Бог, многу личности се осветиле. Всушност, старозаветниот Закон бил само подготовка, еден вид чувар и воспитувач на избраниот Божји народ, до доаѓањето на Спасителот, до времето на благодатта. Меѓутоа, голем дел од израилскиот народ, особено првосвештениците и народните старешини, ја заборавиле оваа преодна улога на Законот и станале негови слепи поклоници. Се поклонувале на буквата, како луѓето да се создадени за правилата, а не правилата за луѓето. Таквиот дух, Христос го нарекол фарисејско лицемерие. Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие – ги предупредил Он Своите ученици (Лука 12,1). Затоа, Христијани мои, да бегаме од тој дух на лицемерие и осудување, и Да Го возљубиме Христа, Кој е љубов. Треба да бидеме носители на Неговата порака на љубовта, доколку сакаме да бидеме вистински Христијани. Тогаш ќе можеме да ја спознаеме и вистинската смисла на каноните и правилата.
Да се молиме прилежно, Господ да ги просветлува денешните водачи на Црквата, за да ја имаат постојано на ум пораката што Христос им ја испратил на старозаветните свештеници: Вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате! (Матеј 23,24). И ден денес гледаме како многу црковни великодостојници се препираат за канони, за територии, за титули и јурисдикции, заборавајќи ја притоа суштината на Христовата наука. За жал, и ние, другите Христијани, не сме подалеку од овој дух. Доволно е само да ги погледнеме или слушнеме коментарите на некои верници во однос на одредени актуелни прашања во Црквата, како што се, на пример: календарот, приматот во Црквата, доделувањето автокефалии итн. Ќе прочитаат некој теолошки текст, или нешто што се однесува на патријарсите, архиереите, свештениците, теолозите – и веднаш се чувствуваат повикани да напаѓаат, да осудуваат, да делат правда, да го бранат „вистинското“ Православие. Ваквите луѓе едноставно ги храни да има некаков проблем. Тоа не е Христијанство, тоа е чисто фарисејство. Навистина многу се жалостам, гледајќи како тој старозаветен фарисејски дух, осуден од Христа, дејствува и денес во срцата на некои Христијани. Но Христос со Својата порака на љубов кон целиот свет јасно ни покажа дека лицемерието, осудувањето и поделбите не се дел од Неговото учење. Напротив, Он ни даде пример на совршено смирение – прво, раѓајќи се во бедната Витлеемска пештера, а на крајот и распнувајќи се на крстот, во љубовна прегратка за светот. Затоа, ве молам, наместо да осудувате, прегрнувајте се духовно едни со други во Неговата љубов. Така успешно ќе ја пренесуваме пораката на Евангелието меѓу луѓето. Кога доаѓаат кај мене млади на разговор, често им велам: „Христос нема да ве оддели од вашите друштва, од вашите забави и радости. Погрешно е Христијаните да се изолираат и сепарираат од останатите. Вие треба да ги донесете другарите в црква, за на сите да ви биде убаво. Оти во Црквата е вечното веселие, вечната радост“. Еве, денес запеавме неколку прекрасни народни песни, од нашата богата византиска традиција, и тие се дел од нашата радост. Односно, преку Христа, и тие песни, и сите нешта добиваат вистинска смисла и стануваат повод за духовна радост. А без Него, без „Причинителот на радоста“, и најголемите радости од овој свет ќе бидат минливи, краткотрајни и ќе завршат со тага.
Ве молам да се трудиме да бидеме великодушни и да се богатиме со Христовото благородство, да ја пренесуваме таа порака на радоста и на љубовта, особено потребна во ова време, кога насекаде се чувствува голема духовна жед. Многу души околу нас, свесно или несвесно, копнеат да Го допрат и спознаат Христос – Оној на љубовта, на простувањето, на великодушноста и слободата, а не некаков христос на осудувањето, поделбата, зависта. Само Христос на љубовта можел и го преобразил светот.
Мили Христијани мои, запомнете го добро ова: доколку не успевате ближните од вашето опкружување да ги придобиете за Христа и да ги донесете во храмот, проблемот не е до нив, туку до вас. Тоа значи дека вие погрешно го интерпретирате Христијанството, прикажувате некој друг христос, а не Оној од Евангелието.
Би сакал сега да им изразам огромна благодарност на пејачите од македонската естрада, кои ја испеаја прекрасната каланда Небо и земја; како и на продуцентите и актерите во спотот; на организаторите на бадниковите поворки, и на сите коишто несебично, без никаков материјален надомест, помогнаа цела Македонија денес да биде средиште на рождественската радост. До солзи се радував кога гледав како атмосферата во многу наши градови денес беше во знакот на Божик. Безброј деца на сите страни, пеејќи ја каландата Вечниот Бог, го навестуваа торжеството Христово. Вакво нешто до пред неколку години не можеше ни да се замисли, а камоли да се види кај нас. Се сеќавам додека бев на Света Гора, еднаш пред Божик, во една од просториите на манастирот забележав како неколку дечиња пеат преубави божикни каланди, коишто некогаш одамна се пееле и кај нас, како дел од нашата византиска култура. Застанав и се восхитував на убавината од песните. Притоа, некои од гостите ме прашаа: „ А што се пее кај вас за Рождеството Христово?“ Јас малку излажав, па им реков: „Најчесто Го пееме тропарот на празникот: Рождеството Твое, Христе Боже наш…“. Зашто, ако им ја кажев реалната ситуација и текстовите на оние примитивни пагански песни, кои немаат никаква врска со празникот, сигурно ќе нѐ помислеа за варвари. Но, ете, слава Му на Бога, со помош на сите оние искрени луѓе што ги спомнавме, и што зедоа удел во радосната објава на Христовото Рождество, денес Македонија стана пример во регионот како достојно се слави Бога.
За крај, ќе повторам дека Христијанството е вера на љубовта, слободата и убавината. „Убавината ќе го спаси светот“ – напишал Достоевски. Христос ќе го спаси светот, но и ние треба да станеме убави како Него, преку љубовта, смирението и кротоста.
Честито Рождество Христово!
Христос се роди!“