Големо е и прекрасно човекољубивото благоволение на нашиот Господ! Каква силна духовна радост ни донесе, и тоа на само неколку дена пред изгревот на божествените зраци на сесветлото Воскресение! Ете Он, Предобриот, како чедољубив Татко веќе се погрижи да ни испрати благовесник за таа претстојна пасхалната радост. Така, благолепното и раскошно Бигорско светилиште ликува со својот нов свештен украс – новата камбана, наречена „Благовесник“. Љубовта и силната желба на нашиот старец, архимандритот Партениј, да се излее ѕвоно во чест на јубилејните 1700 лета од објавувањето на Миланскиот едикт од страна на светиот благоверен цар Константин Велики и 1150 лета од славната богоблагословена Моравска мисија на светите рамноапостолни учители и просветители Кирил и Методиј, не остана без плод. Премудриот наш Творец, Кој за сѐ се грижи и сѐ добро устројува, го испрати Својот верен слуга, благочестивиот дарител и ктитор Иван Постоловски со неговото семејство од Скопје, кој со благослов на нашиот игумен, а за свое лично и за спасение на своето семејство, воден од света ревност и голема љубов, се потруди со лични средства да ја покрие изработката на ова големо ѕвоно, тешко 1 850 килограми, и да го донесе во нашиот манастир. „Благовесникот“ е излеан во Заводот за производство на камбани „Вера Воронеж“, во рускиот град Воронеж. Украсен е со четири прекрасни икони – на Воскресението Христово, на Рождеството на св. Јован Крстител, на свв. цар Константин и царица Елена и на свв. Кирил и Методиј. На него се врежани два натписа; едниот е на црковно-словенски јазик и е характеристичен за овој вид камбани: „Благовѣствуй, земле, радость велїю, хвалите, небеса, Божию славу“ (Благовести, земјо, радост голема, фалете ја небеса Божјата слава), а другиот, пак, е ктиторски натпис: „Во слава на Троичниот Бог и во чест на св. Јован Претеча ова ѕвоно го приложи семејството Постоловски за благослов и вечен спомен, во време на Н. В. митрополит Тимотеј и во време на смирениот игумен и нов ктитор, архимандрит Партениј, со неговите во Христа браќа, во летото од Христа 2013“.
Камбаната ќе биде осветена после пасхалните празнувања, од страна на нашиот надлежен владика, митрополитот Тимотеј.
Нека ова благородно и благочестиво ктиторско дело на семејството Постоловски им послужи за спасение и вечен спомен на нивните души. Амин!