Четвртиот летен камп во Битуше:Вера, љубов и благодарност

Деновиве, прекрасниот скит во село Битуше, посветен на светите сесловенски просветители и учители, рамноапостолните Кирил и Методиј, беше место каде што во духот на љубовта, дружбата и радоста се собраа четириесетина деца од целата наша држава.

На наша особена радост, меѓу учесниците на овој летен камп, заедно со своите наставнички и воспитувачки Весна Атанасова и Даниела Талевска, ни пристигнаа и дечињата од воспитно-образовниот центар “Академија Атанасова” од Битола. Нивното присуство го збогати кампот со дополнителна креативна енергија, љубопитност и различни таленти, карактеристични за членовите на овој надалеку познат центар, чие што постоење, мисија и беспрекорна работа се нераскинливо поврзани со
стекнувањето на трајно и применливо знаење, преку кое децата се оспособуваат за учење во текот на сиот нивен живот.
Со помош на наставничките Весна и Даниела, низ разни активности: предавања, работилници, креативни игри и разговори во прекрасната природа на Дешат, децата имаа можност не само да се забавуваат, туку и да откријат многу нови нешта толку потребни за нивниот правилен духовен и социјален развој.

Централна тема на овој четврт летен камп беше темата за благодарноста, а во тоа особено голем придонес даде авторката на едукативната игра “Благодарам” – Ана Псалтирова-Давидовски.

Децата, исто така се запознаа и со основите на актерската школа, а изведоа и краток едукативен перформанс пред присутните на скитскиот амфитеатар. Овој пат таа активност му беше доверена на актерот Кристијан Танчевски, чие што искуство, знаење и пристап беше особено инспиративен за дечињата.

Неизоставни беа и интерактивните предавања по Вероучение, во кои најмладите ја изразуваа својата љубопитност за основите на православната вера и се’ што од неа произлегува.

Бескрајно сме благодарни на сите кои придонесоа во организацијата и реализацијата на кампот – наставниците, воспитувачите, културните работници, теолозите, волонтерите и, секако, најповеќе на родителите кои ни ја доверија грижата за своите деца.
Нека насмеаните детски лица, пријателствата и духовните и културни сознанија што тука се стекнаа, бидат утеха за сите нас и надеж за подобра иднина на нашата Татковина.