Дел од обраќањето на Вселенскиот Патријарх до монашкото братство и сестринство

Обраќање на Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, при посетата на нашата монашка заедница на Вселенската Патријаршија на 15 декември 2021 година


Вашата посета, вашето поколение во дворовите на Мајката Црква ни дава голема радост и нѐ трогнува, од една страна, затоа што тоа го остварувате во деновите што му претходат на големиот празник Рождество Христово, кога се подготвуваме да го примиме вочовечениот Спасител Христос; и од друга страна, што вашето поклонение  го остварувате во годината во која ме удостојува Бог да ги прославам триесетте години од моето смирено патријархување.

Навистина се подготвуваме да го прославиме слегувањето на Бог на Земјата коешто, всушност, е збиднување, остварување на од векови сокриената Божја тајна на Домостројот за спасението на човечкиот род.

Посакувам да го прославите Божик, вие на 7 јануари, малку подоцна од нас, и светото Богојавление, а и целата нова година да ја поминете во духовно здравје и благосостојба и со многу божествени искуства во вашето монашко жителство.

Што се однесува за оној кој зборува, овие 30 години во кои ме удостои Бог да бидам на кормилото на Мајката Црква, се обидов според совеста да ја вршам мојата должност и само неа. Сѐ што се направи, се направи со благодатта Божја и со помошта и поддршката на светите браќа архиереи овде и во целата екумена. Имавме колективна хармонична работа и соработка и се постигна тоа што се постигна во овие три децении.


Еден од големите благослови што ни ги излеа Светиот Бог во овие години е можноста да ги вратиме од прогонство светите мошти на моите велики претходници и вселенски учители: Григориј Богослов и Јован Златоуст, на кои ќе се поклоните. Тие се наоѓаат во левиот кораб на сечесниот патријаршиски храм. Ако го немате веќе направено тоа, да се поклоните пред да заминете. Беше особен Божји благослов нивното повторно враќање во татковината по цели 8 векови. Ни ги зедоа крстоносците во почетокот на 13 век, заедно со многу други светињи и свети мошти. Но за среќа сега тие се вратени назад и ги имаме како многуценето богатство, а со Божја помош ќе бидат овде до свршетокот на вековите.

Сите знаеме дека постои проблем со вашата помесна Црква, еден проблем што ве држи веќе неколку децении надвор од заедничарењето со останатите помесни православни автокефални цркви.

За среќа, тој проблем не се должи на догматски, верски причини. Имаме иста вера, исти догми, исто крштевање, исти икони, исти светители. Проблемот е административен, канонски, па затоа се благонадеваме дека ќе се најде конечно решение.

Мајката Црква во Константинопол не престанува ни за момент да се интересира за решавање на тој проблем и мислиме дека првиот стадиум ќе биде вашето повторно влегување во канонски поредок и во канонско општење со останатите православни цркви и дека другото ќе си дојде со добро настроение и со дијалог.

Една од должностите на Константинополскиот патријарх, согласно со свештените канони од Вселенските собори, е да биде чувар на канонскиот поредок во целата Православна Црква…

Денес – утре ќе си заминете, ќе се вратите во вашите манастири. Сакам да заминете со уверување дека ве следи молитвата и благословот на Мајката Црква во Константинопол.

И сега, додека постои познатиот проблем, но и понатаму, а и вечно, секогаш ќе бидете деца на оваа Црква маченица – прославена, но многу пострадана.

Доколку ги изземеме старите цркви на Исток, сите православни народи, сите сте чеда на оваа Црква. Ве прегрнуваме со љубов, со срдечност, со молитва секогаш!

Христос помеѓу нас!

По патот на мирот!

Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух да бидат со сите вас. Амин!