на Н. Б. Сесветост
Вселенскиот Патријарх
г. г. Вартоломеј
за В. Вечерна на Неговиот именден
(Свет манастир на Живоприемниот Источник Балаклија, 9 јуни 2022)
Најсвештен Архиепископе Охридски, господине Стефане, со Вашата чесна придружба,
Сечесни претставници на братските Цркви на Ерусалим и Кипар,
Свештени и Богољубиви браќа Јерарси,
Превосходен господин Министре,
Чесни Архонти офикијали на Мајката Црква,
Чеда во Господа возљубени,
Постојаното повторување на спасителните настани од Божјиот Домострој во животот на Црквата претставува крајаголен и непоместлив камен врз кој таа е изградена и извор што вечно излева и од кој таа се оживотворува. Без празничното повторување на неповторливите настани и ненаситната желба за наше проникнување во длабочината на таинствата на верата во Христа, Црквата не би можела да го објави спасението и да ги увери слушателите во вистината.
Ова бескрајно повторување на црковните празници не претставува просто осврнување на историски настани. Историчноста не е доволна за Црквата, бидејќи нејзиното барање е Есхатонот и копнежната средба на сите нас со Господа Исуса. Празниците го прикажуваат минатото за да ѝ дадат смисла на сегашноста и да отворат пат за иднината.
Празниците на Црквата се обновување на внатрешниот свет на нашето срце и преображение на нашето постоење, бидејќи претставуваат станица за да се поставиме повторно под благиот јарем Господов и да го почувствуваме олеснувањето на бремето од секојдневното подигање на нашиот крст. Празниците се едно двонасочно движење. Тие се покана и одговор. Христос е домаќин, а ние учесници во гозбата на верата. Во нашиот слободен одговор лежи вкусувањето и радоста на големите и надразумни дарови, кои ги подарува и раздава Црквата. Без нашето учество со топло срце во празниците на Црквата, односно во оваа вера што е во неа, животот нема вредност за човек што верува во Христа. Верниот црпе сили, храброст и надеж од црковните празници. Во нив го гледаме Евангелието како постојано современо, бидејќи сите спасителни настани се наоѓаат трајно остварени во лицата на обожените верници, односно Светиите. Од Пресветата Владичица наша Богородица, светите Апостоли и од нив до денес и во веки, Светиите на Црквата сведочат и го држат живо и современо Евангелието. Црквата, браќа и чеда во Господа возљубени, подмладува и оживотворува. Со овој нејзин подмладувачки здив, таа го обновува светот и сите нас.
Од длабочината на срцето благодариме на сите вас што со сесрдно дојдовте овде за празникот на сефалниот Апостол Вартоломеј. Навистина, тој е ментор и сопатник во нашиот црковен живот. Тој е заштитник и пријател на нашата душа во нашите црковни трудови во текот на сите овие десетлетија. Тој е наше освежување и оросување во тешкотиите на црковната печка. Тој е наш посредник кон Господа Бога и наш утешител во часовите на труд и исцрпување. Го блаженствуваме, го чествуваме и го почитуваме, бидејќи стои покрај нас постојано, бидејќи нè укрепува и нè вдахновува. Истовремено му благодариме и на секогаш споменуваниот наш Старец, Митрополитот Халкидонски кир Мелитон, зашто нè украси со ова апостолско име, сакајќи да го почести и споменот на една велика и славна рожба на нашиот роден Имврос, јеромонахот Вартоломеј од Кутлумуш и ни ја даде можноста да се насладуваме од апостолската ревност и да се укрепуваме од неговата осветена личност.
Ве замолуваме сите да се молите, Господ нашиот Бог, по молитвите на Апостолот Вартоломеј да ни дава сила за носење на патријаршискиот труд, уште за онолку време колку што Он посакува.
Но денес, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.
Денес помеѓу нас стојат овде, во сечесниот и севидлив Католикон на нашиот свет, патријаршиски и ставропигијален Манастир на Живоносниот Источник, Балаклија, Најсвештениот во Христа брат, Архиепископот Охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и Синодален Акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит.
Денес станува голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух.
Денес мноштвата на Православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква.
Денес Константинополската Велика Христова Црква извикува радосно: – Дојдете и видете ја Мајката што се радува за своите чеда.
Денес се радуваат душите на овде покојните, секогаш спомнувани наши претходници Атинагора и Димитриј, бидејќи во Црквата на Небесата го уживаат овој миг, кој го очекуваа педесет и пет години.
Денес се уверуваме во точноста на нашата вера, зашто најјасно се покажува вредноста на црковната двонасочност и нераскинливата врска помеѓу нејзините Ороси и Канони.
Денес, значи, уште еднаш се покажува вредноста не само на Оросот на светиот Четврти вселенски собор во Халкидон, но и на каноните кои го запазуваат единството и целоста на Господовото Тело, преку поставувањето на тешки и свештени одговорности врз рамената на секој Архиепископ Константинополски. Се сеќаваме на зборовите што во врска со ова ни ги напиша Вашата љубов пред четири години: „оној што владее врз Седумридниот (Град) и ги надгледува над сите редовни и вонредни, свештени прашања на Соборната Црква“ (22 октомври 2018).
Одговорноста на Константинополскиот за Еклитон, на која се сетивте и Вие, Свети Охридски, во скорешното Ваше благодарствено писмо кон Вашата Мајка Црква, потпишано и од сите чесни Архиереи околу Вас, не претставува привилегија, но жртва и исцрпување, заради спасението на верните.
Одговорноста за Еклитон, како што е одредена на претходно споменатиот Четврти вселенски собор, а се потврдила и на други Вселенски собори, но, најважно, како што е толкувана, употребувана и осветена од страна на Црквата во текот на едно и пол илјадалетие, без никаква несогласност или погрешно толкување, не претставува празна буква и примат на чест, како што во последно време некои недоделкани и заблудени се обидуваат да тврдат.
Одговорноста за Еклитон за Константинополскиот е негово секојдневно учество во крсната жртва на Господа и радоста на Неговото Воскресение.
Одговорноста за Еклитон на Константинополскиот во текот на многу векови го поддржува православното Тело и преку неа се запазува единството и точноста на верата. Колку во благопријатни, толку и во несреќни историски времиња, преку таа константа се движела Источната Христова Црква и од неа и само преку постојаната свештеноканонска безбедност, за која не се преговара, се образувала денешната внатреправославна стварност. Доколку православното единство се толкува низ призмата на општествените и политички обрасци и се смета за комонвелт и федерација, тогаш сме отпаднале од вистината.
Сите Патријарси, во свое време, го чувствувале како сведоштво и одговорност применувањето на овој долг и должност кон Соборната Црква. Ова длабоко чувство на Патријарсите, за давање на спасителните нешта на секое посебно барање и повик што доаѓа отсекаде од вселената, не е лесна работа. За ова е потребна борбена молитва, расудување, стрпливост, долготрпение, толерантност, оценување на фактите, советување, зрелост, настојчивост и, главно, просвештение за изнаоѓање на потребното за обезбедување на најголемиот интерес на Црквата.
Така стана и во конкретниов случај. Свештенејши Архиепископе г. Стефане, Мајката Црква Константинополска болуваше, се молеше, долго трпеше, очекуваше, се надеваше, советуваше и се подготвуваше за наоѓање решение за проблемот што ја засегаше Вашата помесна Црква. Вистина е дека етнофилетистичките влијанија, за жал и во внатрецрковните согледувања на нештата, влијаат негативно на целата наша Источна Христова Црква. Нема потреба од повеќе разјаснувања, бидејќи сите ги имаме вкусено породите на ваквите ставови. Оваа болна и погрешна гледна точка, брате Свети Охридски, како резултат ја донесе изолираноста и состојбата на раскол на Вашето црковно битие. Разликата во мислењето со најсветата Црква во Србија, по она што се однесува на вашите работи, како и непоместливото настојување на своите ставови и дејствија што не водеа кон излез, ги доведоа работите во безизлез кој беше замрзнат повеќе од половина век и имаше потреба од тешко исцеление.
Гледате колку е мудра праксата на Црквата! Доколку не беше предвидено правото на апелација кај Константинополскиот, безизлезите ќе беа подолговечни, а можеби и неисцеливи. Прибегнавте кон промислата на Великата Црква и таа погледна со човекољубие и со мајчинска љубов кон Вас. Не го пренебрегна проблемот. Не се заглуши. Не избега од своите одговорности и од трудот. Не беше негрижлива. Истражуваше. Се грижеше за овдешното и за тамошното ублажување на непријатности. Упати покана и кон Вас и кон најсветата Црква на Србија за заедничка соработка со нас, кон исцрпен преглед на целото прашање, со цел изнаоѓање на најпогодно решение. На крај, собирајќи ги сите параметри и убедувајќи се за вашата зрелост, штом веќе се напуштени неоснованите еклисиолошки и инакви ставови, кои порано беа образувани и дека сега сте повеќе од кога било подготвени за плодоносен дијалог со Црквата на Србија, одлучи, како што имаше свештен и неодземлив долг, да ве востанови, под конкретни услови и одредби, во црковното општење. Ви препорача, пак, да се потрудите со неа, за смирено и спокојно изнаоѓање на понатамошната пастирско-управна форма, што – според освештената пракса на Црквата – ќе ни биде доставено за одобрување и последователно известување на сеправославното Тело.
Ги разбираме вашите потешкотии, искрснатите дилеми, внатрешните соображенија, променливите различни мислења; но решенијата сакаат жртва и храброст. Така ја чувствуваме и радоста на сите вас за настанатиот развој. Од денес, кога добивате положба и служба во сесвештеното Тело на Црквата, се надеваме дека ќе се покажете еднакво достојни на благонаклонетоста на Великата Христова Црква кон вас.
Се надеваме дека ќе бидете постојани во вашите ветувања и дека грешките на минатото ќе претставуваат извор на знаење заради избегнување и повторување на слични такви. Се надеваме дека постојаната опасност за Православието, етнофилетизмот, ќе претставува далечно и неповратно минато. Очекуваме од вас поголемо внимание и подлабок пристап кон црковните прашања и ве уверуваме дека имаме намера да стоиме покрај вашата страна засекогаш. Константинопол претставува Ваше родно место и Вие имате долг да одгледувате уште повеќе, и поголеми од сите, нераскинливи врски, преку силата на семожниот Свет Дух.
Со овие многу и добри надевања ве овенчуваме. Го благословуваме Народот на најсветата Архиепископија Охридска. Ја поздравуваме видливата, добра и братољубива расположба на најсветата Црква на Србија кон вас. Очекуваме и официјално известување од вас за напредокот на дијалогот помеѓу вас. На крај, ви го врачуваме востановителниот за црковното општење Патријаршиски и Синодален Акт и го претвкусуваме сослужението со вас на претстојната недела на Педесетница, „а Бог на мирот нека биде со сите вас, амин.“ (Рим. 15,33).