Деветти мај за нас ќе остане ден на духовна и народна памет

Беседа
на Неговото Блаженство
Архиепископ Охридски
г. г. Стефан
(На Вечерната на Св. Ап. Вартоломеј и Варнава, 09.06.2022 г.,
манастир на Живоприемниот Источник – Балаклија, Константинопол
)


Сесвет и Божествен Архиепископе Константинополски, на Нов Рим и Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј,

Со радосни срца и исполнети со восхит дојдовме во Царскиот град Константинов од древниот наш Охрид, кој, во своите славни години, имал 365 жртвеници, колку што се и деновите во годината.

Доаѓаме од „Света Софија Охридска“, кај Вас, во Великата Христова Црква; доаѓаме од Охрид, од градот украсен и со значајни фрески и икони на Пресвета Богородица, кај Вас, во свештениот Богородичен Град, во градот великомаченик  помеѓу градовите; доаѓаме од кај свети Јован Богослов, од Канео – од храмот што со векови бдее на брегот од Белото Езеро, кај Вас, во Црквата во која овој апостол ја проповедал евангелската вистина вера, каде што го доживеал Откровението, каде што се упокоил и во прегратките Господови се преселил; доаѓаме од Плаошник, тврдината од храмови, од каде што секоја човечка душа ги „плакне“ очите во синилото езерско, доаѓаме од таа Божја убавина, од храмот посветен на свети Климентм рамноапостолот, и на свети великомаченик Пантелејмон, милостивиот лечител, кај Вас, во  милостивата Константинополска Црква, која еднакво ги милува сите свои чеда и сиот народ Божји. Доаѓаме и носиме поздрави и од Светинаумовиот, и од Велјушкиот и од Трескавичкиот, и од Нерешкиот, и од Зрзескиот, и од Лесновскиот, и од Осоговскиот, и од Бигорскиот и од сите манастири и светињи, кај Вас, во Градот – престол на сите престоли.


Дојдовме, значи, во мајчинските прегратки, Ваша Сесветост, по периодот поминат во духовната пустина – во самоиспитување и во осаменост. Секој прави грешки, исповедаме дека и ние бевме нестрпливи, но, кон покајание притекнувајќи, Ве замоливме да го отворите Вашето големо срце и Вие, еве, не нè отфрливте, туку во Вашите татковски прегратки нè прифативте. Ние слушавме, а сега и знаеме дека Вие, како Константинополски архиепископ, многу добро ги лекувате раните и ги исцелувате повредите. Всушност, веќе со векови Константинополската Црква го прави тоа свештено и љубовно дело, и на тоа му служи. Таа е Црква на пожртвуваност и принос, на подвиг и исцрпување, на неисцрпна милост и обилни благослови. Таа постојано се испразнува, но никогаш не е празна од љубов и благоутробно сожаление. 

Дојдовме при Вас, веруваме во исполнето време, време во кое Вие го слушнавте крикот на нашето срце и го почувствувате копнежот на нашите души! Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена. 

Затоа, стоејќи денес пред Вас и со привилегијата да стоиме со Вас, дојдовме да Ви кажеме едно голема благодарам! Еве, токму во оваа благословена вечер, во која се собрани многу благодатни добрини: празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава и соборот на првата светогорска икона „Достојно ест“; оваа ставропигија во која се наоѓаме и живата вода која се роди од Живоносниот источник; мртвите во гробовите и мртвите што воскреснавме; еклитонот кој кон Вас го упативме и преку чие оправдување нè прифативте во општење со Вас и со сиот православен свет; и Вие, Архиепископе Константинополски, Вашите привилегии и Вашето срце полно со љубов.

Сесвет и сечесен Владико,

Патријаршискиот и Синодален Акт за нашето враќање од страдањето во осаменост е, а и ќе се погрижиме да биде темелот врз кој ќе ја изградиме нашата иднина – секогаш придржувајќи се на мудрите совети на Мајката Црква Константинополска, што се покажа и со исполнувањето на послушанието на кое нѐ упативте за надминување на недоразбирањата со сестринската Православна црква на Србија, кое се потврди со заедничките свети литургии. 

Но, деветти мај за нас ќе остане ден на духовна и народна памет, ден на благодејание, ден на чест и спомен – духовен и народен празник.

На многаја лета, Ваша Сесветост! Вашите чеда од светата Охридска архиепископија, архиереите, клирот и народот, на чело со моето смирение, со преклонети колена за благодарност, признателност и почит, Ви посакуваме нашата Пресвета Владичица да Ви дарува уште многу години на кормилото на првопрестолната Цариградска Црква и на нејзиниот Град, за да се радува христоименитиот народ, та и ние со него да извикуваме: „Ваков архиереј и ни требаше!“ Амин!

На многаја лета, Сесвет Владико!