И месната заедница на славното мијачко село Гари, родното место на легендарниот копаничар на бигорскиот иконостас, Петре Гарката, испрати честитка по повод изборот на нашиот Старец, отец Партениј, за Епископ Антаниски.
Гари е четвртото мијачко село кое упати честитка до Старецот, заедно со Галичник, Лазарополе и Тресонче.
Во продолжение ви го наведуваме во целост писмото од Гарчани:
„Со голема радост во срцето ја примивме веста дека нашиот почитуван отец Партениј е прогласен за владика. Неговото водење на четирите манастири во нашата земја, игра огромно значење за јакнење на христијанската вера, покажување на она што значи скромност, добрина, помагање на оној на кого му треба помош.
Бигорскиот манастир за Гарци е посебно место – светилиште на кое секогаш со радост се навраќаме. Тој за нас значи традиција, место каде што го наоѓаме нашиот мир и спокој, место каде што сме правеле и ќе правиме венчавки и крштевки за нашите деца. Нашиот отец Партениј со целото братство од Бигорскиот манастир и сестринствата од манастирите: Св. Георгиј во Рајчица, Пречиста Кичевска и Кнежино, се секогаш тука за нас, да ни ги воздигнат и да ги направат подостоинствени славите кои ги празнува Гари, особено за Светијовановите празници, а помошта која ја добиваме е секогаш добредојдена и е од непроценливо значење.
Отец Партениј, Ви посакуваме добро здравје, љубов, спокојство, трпение и мудрост во сите идни предизвици и да продолжите и понатаму да работите со истиот ентузијазам и елан, а ние и понатаму ќе се радуваме за Вас и со Вас, за сите Ваши идни успеси, радости и јубилеи.
На многаја лета!
Од фамилија Петрушевски – кумот за Водици од 2018/2019 и од Месната заедница од село Гари“.