Во вчерашниот прекрасен ден, озаруван од зраците на попразненството на Воскресението Христово, нашиот Манастир беше средиште на еден прекрасен културно-уметнички настан – детската ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“. Оваа уметничка манифестација беше организирана од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски. Стотина млади уметници од 20 земји во светот (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Индија, Израел, Јапонија, Кина, Македонија, Малезија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Словачка, Турција, Франција, Хрватска, Чешка, Црна Гора), со своите штафелаи, четки и палети и пред сè, со својот уметнички талант и младешки творечки дух, вчера го красеа манастирското двориште, пренесувајќи ги на сликарско платно архитектонските и природните убавини на Манастирот, секој преку својата лична естетска перцепција.
Младите уметници беа гостољубиво пречекани и благословени од нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој на официјалниот прием ги поздрави ценетите гости со срдечна љубов.
Организаторите на настанот срдечно му се заблагодарија на Старецот Епископ г. Партениј, за дадениот благослов и за великодушното гостољубие и по тој повод, од името на сите учесници, му подарија три икони: Пресвета Богородица со Богомладенецот Исус, Свети Јован Крстител и Свети Партениј Ламсакиски, изработени од школата на Православната богословија „Венјамин Костачи“, Романија (Православна Црква на Романија). Тие, исто така, на Старецот му ги подарија и делата од минатогодишната колонија.
Во продолжение, младите уметнички души веднаш се фатија за четките со рацете, за на свој начин да ја доживеат и пренесат убавината на Бигорското Светилиште. На крајот од денот на учесниците им беа доделени пофалници, а како најдобри цртежи беа избрани четири дела на учесници од: Португалија, Кина, Чешка и Србија. Децата направија навистина голем потфат, бидејќи во краток временски интервал од 8 до 10 работни часа, мораа да почнат од нула и да завршат целосно еден цртеж. Жирито беше во состав на: Теодолинда Паскоал од Португалија, Вселоводив Романков од Русија, Марија Дима од Романија и Детското ликовно студио од Битола.
Во знак на благодарност за искажаната поддршка и соработка, „Малиот Битолски Монмартр“ му додели на епископот Антаниски и игумен Бигорски г. Партениј свечена Плакета за придонес во сликарската уметност.