Денеска во посета на Игуменот на Свештената Бигорска Обител, Епископот Антаниски г. Партениј, допатуваа членовите на Црковниот одбор при славниот храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец од мијачкото село Лазарополе.
Целта на посетата беше одблиску да му честитаат на нашиот Старец за неговата неодамнешна хиротонија за епископ и да му ја изразат својата благодарност за досегашната соработка и грижа за православните светињи во Лазарополе и во Мијачијата. Истовремено тие, според досегашната повеќегодишна пракса, го поканија да им отслужи архијерејска Литургија на празникот Илинден, така што, со благослов на нашиот надлежен Митрополит, почитуваниот г. Тимотеј Дебарско-кичевски, се очекува на 2 август, недела, во храмот „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец“, да биде отслужена празнична богослужба.