Посета на епископот Велички г. Јосиф на Бигорскиот манастир

Колку неискажливо и несфатливо нешто е духовната љубов меѓу старецот и духовното чедо. Тоа е вистинска света тајна, една нераскинлива врска, создадена за вечноста. На таа љубов, која не е од овој свет, ништо во светот не може да и наштети, „ни ангелите, ни началствата, ни властите, ни сегашнината, ни иднината…“, зашто е изградена врз вистинскиот темел – Христа. Задоен со таква љубов од страна на својот духовен старец, архимандрит Партениј, епископот Велички г. Јосиф деновиве дојде во посета на својот родоначален Бигорски манастир, и со најголема љубов и почит беше пречекан од својот старец и своите собраќа. Божјата промисла посака епископот Јосиф најпрвин да ја сподели радоста со сестринството во Рајчица на прекрасната и многу благодатна вечерна богослужба, која ја отслужи заедно со нашиот старец и о. Бобан Митевски. Денес пак, одбележувајќи го одданието на празникот Богојавление, тој им ја посведочи својата љубов на браќата, отслужувајќи света Божествена Литургија во параклисот посветен на светото Благовештение. А како украс на прекрасното богослужение беше неговата вдахновена беседа во која, покрај поуката за Евангелското четиво, тој ја искажа и својата благодарност и голема радост што е повторно во својата возљубена обител, заедно со старецот и браќата, споделувајќи ја љубовта Христова, што таа лубов кон својот татко во Христа и кон своите браќа нема никогаш да престане, без разлика каде и да се наоѓа:

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух…
Возљубени во Господа,

Денешното евангелско четиво ни упатува прекрасна порака и поука – Господ нè учи како да се бориме со искушенијата, односно како да се бориме со страстите. Приказната за младиот човек од денешното Евангелие е лична приказна на секого од нас – тоа го искажува индивидуалниот подвиг на секој човек, односно ни ја презентира содржината на нашиот живот на земјата кој е исполнет со постојана борба. Духовната борба е нашето секојдневие, нашето минато и нашата иднина. И добро е кога имаме борба со себе и со она што се обидува да нè зароби и оддалечи од Бога, зашто само така, само доколку успееме, со Божја помош, да останеме слободни и да го победиме она што не е дел од нашата природа и нашето предназначение, ни се отвора можноста да растеме и да се оствариме.

Богатиот младич бил заробен од страста на среброљубието. Приоѓајќи Му на Бога, тој го прашал што треба да направи, за да наследи живот вечен – а Господ Му одговори дека треба да ги исполни заповедите на Законот. Кога тој одговорил дека сето тоа го исполнил, Господ гледајќи ја во него надменоста, но и она од кое бил духовно заробен, му рекол да го продаде сиот имот и да врви по Него. Но, продолжува Евангелието, младиот човек си замина нажален. Значи, тој бил роб на страста и одбил да ја стекне слободата од гревот, а основно за секој православен христијанин е да ја стекне рајската слобода.

Да не сфатиме погрешно – богатството што се спомнува во денешнотоЕвангелие, само по себе не е зло – зло е кога ќе станеме заробени од она што како дар, како труд ни е дадено, што ни е дадено за спасение и како залог за идното Царство.

Возљубени,

Особено сум радосен и ја чувствувам Божјата милост, што, еве, сум овде со вас, во оваа најсвета светиња на македонската земја. Овде и духовно се родив, и духовно растев. Со овој манастир и со вас, возљубени браќа и сестри, е поврзано и моето минато, и мојата сегашност, но и мојата иднина. Благодарение на мојот возљубен духовен отец, архимандритот Партениј, овде го стекнав она што секој треба да го има на секој духовен почеток, но и треба да го задржи и да го истакнува – љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот, љубовта кон Црквата, кон богослужението, кон Преданието, кон молитвата… Особено онаму каде што секогаш безрезервно ни покажувале и љубов и почитување, таму секогаш треба да се навраќаме – зашто таквото место претставува тивко пристаниште, духовно прибежиште, животно училиште и место на утеха. Сите во животот имаме падови и успеси – она што треба да го примиме од нив – е поуката, како падот да не го повториме и да го преобразиме, а како успехот да нè смири, за повеќе да нè издигне.

Особено ви благодарам и за гостопримството и за особената љубов што ми ја покажавте и секогаш ми ја покажувате. Се надевам на вашите свети молитви, а јас ветувам дека никогаш нема да го заборавам ова свето место на духовна утеха и поткрепа, нема да ја заборавам вашата љубов и секаде ќе спомнувам за вашиот подвиг, за вашиот труд. Голема благодарност и до митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј заради благословот да служам во овој манастир. Господ да го благослови ова свето место, а нашиот старец и браќата да ги дарува со сили да го продолжат и преумножат ова што го прават и создаваат во слава на Бога, а кое е вистински пример за секаде, за секого и за сè. Амин!