Во средата, на 23 септември, по завршетокот на свечениот и прекрасен концерт на Филхармонијата во чест на Бигорското илјадалетие, нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, со дел од братството и сестринството, го посети нашиот почитуван Архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан, во неговиот дом кај црквата на Свети Великомаченик Георгиј. Во топлата атмосфера, збогатена со срдечното гостопримство на Архиепископот, Старецот му се заблагодари на нашиот домаќин за неговото присуство на концертот, како и за неговата постојана духовна и молитвена поткрепа за нашето монашко семејство. Од своја страна, Претстојателот на МПЦ-ОА возврати со благодарност за поканата, но и за севкупната организација на торжествениот настан, истакнувајќи дека „историјата не е само она што се напишало во минатото, туку и она што се пишува сега“.
Во оваа пригода, од името на сестринството во Рајчица, сестра Касијана му подари на дедо Стефан еден скромен архијерејски жезол, со следнава посвета:
Ваше Блаженство, наш возљубен архипастиру,
Таму, во Дебарскиот крај, каде што пламти огнот на благодатта, среде мноштвото иноверни, таму каде што „силата Христова се покажува потполно во слабоста“, таму каде што големиот Победоносец, заради жртвата и подвигот на нашиот Старец и Владика Партениј, засади многу фиданки, живи кандила Божји, ете таму го просиме Вашиот Архипастирски благослов, зашто таму благодат најголема треба.
Во проповедањето на радоста Господова – храбра војска, во трпението – ученици на богопрославените предци, во воскресението – сведоци на Воскреснатиот…
Примете го од нас овој скромен дар, како спомен за молитвено сеќавање и богомудро раководење на словесното стадо Христово.
Со синовска љубов, од Вашите сестри од Манастирот на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица.
На многаја лета, Ваше Блаженство!