Промовирана книгата ВИЗАНТИЈА ВО ДИЈАЛОГ на отец Милан Ѓорѓевиќ

На 12.05.2016, во свечената сала при соборната црква „Св. Климент Охридски“, се одржа промоција на книгата Византија во дијалог (Магор, 2016 г.) од презвитер д-р Милан Ѓорѓевиќ (1981, Скопје), доцент и продекан за меѓународна соработка на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Тоа е втора објавена книга на отец Милан Ѓорѓевиќ, а прва на македонски јазик. Имено, во 2015 година издавачката куќа Peeters од Белгија, на германски јазик ја објави студијата Nikolas Kabasilas, ein Weg zu einer Synthese der Traditionen (Никола Кавасила, пат за една синтеза на традициите).

Промоцијата започна со пристапна беседа на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан, чие слово го објавуваме во целост:

СТЕФАН

Архиепископ охридски и македонски

ВРЕМЕ НА СИЛА И УБАВИНА

Кога ќе се спомне Византија – секогаш тоа име асоцира на силна држава, на империја, на царштина. Кога ќе се спомне Византија – секогаш се мисли и на период на врвна богословска мисла, на длабока духовност, се мисли на времиња со богата книжевност, со стил во уметноста – во архитектурата, иконографијата, музиката…

Византија, всушност, е источниот дел од Римската империја, која постоела од 324 до 1453 година. Имено, Великиот Константин изградил престолнина на местото од некогашниот Византион, подигнал град кого отците на Првиот вселенски собор го нарекле Константинопол, Словените – Цариград, а Османлиите – Инстанбул.

Историјата на Византија е поделена на три периоди: I –рановизантиски (324-610); II – средновизантиски (610-1025) и III –доцновизантиски(1025-1453).

Првиот период се карактеризира како време во кое Византија доживеала длабока и трајна преобразба, време на кое особен белег му дале богомудрите цареви и царици, тоа е време на христијанизација на империјата, време на вселенски и помесни собори, време и на ереси но и на златна епоха во Црквата, време на силни богослови и црковни мислители, време на кападокиската и антиохиската богословска школа, време на свети Василиј Велики (+379), свети Григориј Богослов (+390), свети Јован Златоуст (+407), на свети Роман Слаткопевец (+510) и сцети Андреј Критски (+712), време во кое ќе се изгради неповторливата Света Софија, време на создавање на трајни духовни и материјални вредности.

Вториот период од 610-1025 е време на реформи, време на замена на латинскиот со грчкиот јазик, време во кое Црквата ќе добие поголема улога во византиското општество, време во кое ќе зачестат воените судири со источните народи и посебно со следбениците на исламот. Тоа е време на Јован Лествичник (+563), Максим Исповедник (+666),Јован Дамаскин (+776) и патријархот Фотиј (+891)… Тоа е време на иконоборството и време во кое конечно ќе победат православието и почитувачите на светите икони…, време во кое на светите Браќа од Солун покрај другите ќе им се довери и мисијата меѓу Словенските народи во Моравија и Панонија, време во кое на македонските простори ќе продолжи кирилометодиевото дело благодарение на враќањето на светите Климент и Наум, врз чија дејност ќе се создаде славната Охридска Архиепископија…,време во кое монаштвото ќе ја освојува Света Гора, време во кое се покрсти Рускиот народ…

Третиот период е време во кое ќе се случи трагичната поделба (1054) и време на неуспешните разговори меѓу стариот и новиот Рим за повторно единство на Црквата.Тоа е време на обиди да ѝ се вратат славните времиња на Византија, особено во владеењето на династијата на Комнените, но тоа е и време во кое Цариград ќе го освојат крстоносците(1204) и ќе го создадат Латинското царство од кое на Византија ќе ѝ останат трајни последици. Владеењето на императорот Михаил VIII Палеолог е последен обид да ѝ се врати достоинството, славата и улогата на Византија. Тогаш ќе се појават и црковните мислители ГригоријПалама (+1360) и Никола Кавасила (+1397)… За жал, внатрешните несогласувања и надворешните напади ќе „помогнат“ Цариград конечно да падне во рацете на Османлиите, а со тоа да заврши повеќе од единаесетвековното постоење на империјата, која помогна со Христовата светлина да се просветат многу варварски народи, која разви своја култура, наука, право, државност, која бдееше врз верата во Христа и беше чувар на учењето на Вселенската Црква.

Ниедна друга држава или империја не владеела толку и не така, и ниедна друга не создала ни толку ни такви дела како Византија. И по повеќе од петипол столетија од нејзиното распаѓање, еве, живеат и ќе продолжат да живеат спомените за неа. Особено се неизбришливи присуството и влијанијата во богословската мисла, во иконографијата, во духовноста и во науката воопшто, и денес, а верувам и во иднина. Траењето на Византија го потврди и изложбата на икони и сакрални предмети, организирана по повод 2000 години на Христијанството, поставена во Метрополитен музеј во ЊуЈорк, од 23. Март до 4. Јули во 2004 година, која беше насловена: Византија – сила и убавина.

Имав можност, по покана на организаторот, да ја посетам таа изложба на која беа преставени икони и од Синајската и од Руската збирка и икони од Македонија и од земјите што биле во составот на некогашната Византија и од земјите во кои имало и има влијание од византиската уметност и култура, и да се уверам во тоа колку некогаш хармонично опстојувале и делувале и духовната убавина на силата и духовната сила на убавината, со што на најуверлив начин се покажа дека траењето на Византија продолжува и без неа, чиниш – како со неа!

Професорот на Православниот богословски факултет, отец д-р Милан Ѓорѓевиќ, со своето дело насловено како Византија во дијалог, во нашиве дни ни нуди разговор инспириран од личности и дела кои твореле и создавале на просторот и во времето на Византија, а имале и имаат отсјај и влијание и денес на нашиве простори и на наши личности. Неговото ангажирање во темите од неисцрпната тема – Византија, е потребно и во ова наше време, зашто за Византија има и што да се слушне, и што од неа да се види, и што од неа да се научи и, секако – да се ползува.

Со ова кратко изложување се обидов да направам пресек и мало навраќање по просторот и времето на Византија. Сега ве препуштам на другите предвидени да продолжат секој со својот дијалог со Византија.

Потоа, слово одржа деканот на Православниот Богословски факултет, проф.д-р Ѓоко Ѓорѓевски кој, сосредоточувајќи се на вториот дел од книгата, ја истакна суштествената важност од дијалогот, кој како конверзација на заединичка тема на различни личности кои иако имаат различни гледишта, сепак, за заедничка цел имаат секој од оние кои дијалогизираат да научи нешто од другиот, и притоа сите да се променат да осозреат и да тргнат на прав пат, суштествено се разликува од дебата, расправа во кои по секоја цена е потребно да победи сопствениот аргумент, аргументот кој се брани. Дијалогот, толку потребен во Византија, е насушен и денес, затоа што мноштво на монолози не секогаш прават дијалог, истакна професорот. Подвлечувајќи ја потребата од дијалогизирање, тој потцети на зборовите на Митрополитот пергамски д-р Јован Зизиулас, кој вели дека „дијалогот не значи рамнодушност кон вистината или нејзино релативизирање, напротив, тој означува силно убедување, верност комбинирана со отвореност. дијалогот е чекор напред пред толеранцијата, тој подразира признание дека другиот, различниот, не постои само за да постои, туку тој е секогаш оној кој има и мене нешто да ми каже, тој е оној од кој јас имам нешто да слушнам“. Своето слово д-р Ѓорѓевски, пак, го заврши со мудра мисла од Патријархот цариградски Вартоломеј кој вели: „Дијалогот е единствениот пат кој Му е угоден на Господа. Тоа е затоа што Бог секогаш и на разни начини дијалогизира со нас, барајќи притоа слободен принос на нашето срце, а не усилено претставување пред Него. Тој бара пред Него да ги принесеме нашите срца а не срцата на другите“.

Следна со пригодно слово настапи г-ѓа Павлина Аџи Митревска – Лазаревска, главен уредник на издавачката куќа Магор. Таа истакна дека само преку дијалогот е можно „читањето“ и разбирањето на сопствената традиција. Преку дијалогот не само што можеме да го согледаме другиот, туку и од нов агол и со нови сознанија да се гледаме и себеси.

Книгата на о. Милан Ѓорѓевиќ, рече г-ѓа Аџи Митревска – Лазаревска, го истражува духовното наследство на византиската култура и нејзиното значење во современото општество. „Со тоа авторот докажува дека тоа наследство е живо наследство, нешто што иако претставува дел од едно минато, преку својата вграденост во сегашноста, несомнено е и неодминлив дел од нашата иднина, од културата на нашата иднина. Заземајќи го периодот меѓу епохата на антиката и епохата на западната ренесанса, Византија ја игра улогата на клучен посредник помеѓу антиката и совремието. Според авторот, кажа Аџи Митревска – Лазаревска, дијалогот лежи во основата на византиска духовна и интелектуална култура. Токму затоа трудовите собрани во оваа книга ги обработуваат различните димензии преку кои дијалогичноста се пројавува како централен мотив во современата филозофска и телошка византологија“, рече таа.

Следен кој зеде слово беше промоторот на книгата, академик Витомир Митевски. Осврнувајќи се на првиот текст од книгата, посветен на одредени аспекти од мислата на свети Никола Кавасила, тој истакна дека во него отец Милан ни покажува дека сакраменталниот еротизам, разбран не во неговата профана, туку таинствен смисла, Кавасила го изградува врз византиската теантропоцентрична богомислена традиција, поставена врз основите на свети Максим Исповедник и на еротичното учење на псевдо Диоисиј. Во втората студија, посветена на евхаристиската еклисиологија, определувајќи ја Црквата како собор на верните и како тело Христово, авторот, следејќи го Кавасила, главниот акцент го става врз евхаристијата, преку која се извршува соединувањето со Христос. Обединувањето на овие два аспекта на црковноста зависи исклучиво од евхаристијата, Во тој поглед, отец Милан, рече Академикот, „прави решителна дистинкција. Имено, Црквата не е проповеник на некаков стерилен етички систем, ниту начин на живеење со одредена нормативна рамка. Христијанството не може да се поистоветува со прописи за христијанско живеење. Еклисиологијата на свети Никола Кавасила е бесконечно христоцентрична – животот на Црквата е живот во Христа, т.е. совршена заедница со Самиот – Личносен Бог“.

Потем промоторот се сосредоточи на понатамошниот тек од книгата, кој е разбиен на низа помали текстови, во кои авторот внесува теми кои со право ги нарекол теолошко-философски, оти тие видно излегуваат од рамките на стриктно богословски етуди, и во нив отец Ѓорѓевиќ се впушта во смели филозофски расправи. На примерите на византиската мистика се покажува дека наспроти официјалното богословие кое постапно се претвора во схоластички коментар на светоотечките текстови, има место за творештво во еден посебен облик. Носители на таквото творештво меѓу другите се свети Симеон Нов Богослов, св. Григориј Палама и свети Јован Дамаскин.

Кон крајот на своето излагање академикот Митевски го истакна темелниот и научен приод кон проблемите од страна на авторот на книгата.. „Тој не им приоѓа на проблемите како на добар предмет за добар, пригоден текст, туку со страст и внатрешна потресеност, затоа при читањето на книгата не можеме а да не бидеме потресени“

Потоа, збор зеде и отец Ѓорѓевиќ. Иако, рече тој „само еден од текстовите екслплицитно се занимава со темата за дијалогот, сепак, ретроактивно, сите тие се проникнати од него. Тој е „исонот“ што ги држи“. Затоа, „Земајќи го византиското духовно и мисловно предание за цивилизациски столб на нашата вековна култура се исправуваме пред предизвикот современите искуства и предизвици да ги измериме токму со умот (фроонима) на светите отци, не со цел да се потчиниме на некаков идеализиран и конзервиран византиски цивилизациски идеал, туку со цел да си го запазиме тлото под нозете, со други зборови да го запазиме дијалектичкиот континуитет на културата што ја идентификуваме како сопствена. Преку непрекинатиот континуитет на аскетско литургискиот живот на Православната Црква, Византинизмот ги трансцендира сопствените георграфско- историски рамки, на тој начин стапувајќи во однос како со дискурсите на античкото минато и на западното средновековие, така и со современата философија, литература, уметност и наука. Византија небаре го премолчува сопствениот пад, ослободувајќи се на тој начин од географско – историскиот детерминизам и сведочејќи ја вечноста на царството кое не е од овој век. Дијалогичноста на молчението за свој темел го има воскресението Христово. За да се стапи во жив и автентичен дијалог потребно е другиот да стане ближен, тогаш пак, зборовите секнуваат. Тие се недоволни да го изразат таинството на неговата личносна уникатност и убавина. Но недостатокот на адекватни зборови не се надминува со многусловие, туку со безмолвие, тогаш секој збор произлезен од безмолвната душа станува логосен алтан, збор со тежина, збор со значење, збор со сила и со смисла, впрочем исто како што и недостатокот на живот, наречен смрт, не се компензира со интезивно потрошувачко живеење, туку со умртвување на таквиот недостаточен и острастен живот. Затоа секој еден од напишаните зборови на оваа книга останува празен и безвреден ако прво не замолкне, ако до смрт не се смири пред неизглаголивото таинство на Оној за кого се обидува да пропелтечи. Терирем. Нашите зборови нека биднат првопричасници на смртта Христова, еда би станале живи мартири на воскресението за живот вечен. Амин“.

На крајот од Промоцијата настапи црковниот хор Хармосини, под диригенство на проф. д-р Ристо Солунчев.

Му посакуваме на отец д-р Милан Ѓорѓевиќ, да се исполнат зборовите на деканот Ѓорѓевски, па повторно да не помине ниту една цела година, а тој пак да нѐ израдува со нова книга.