Македонска митра од Рајчица стана тијара на папата Франциско

ПРОДОЛЖЕНА ВАТИKАНСKА ТРАДИЦИЈА

Подарокот за папата Франциско, направена од рацете на монахињите во манастирот во дебарска Рајчица, е всушност тијара. Тијарата (посебно таа со три реда) папата ја носи при неговото поставување (крунисување) на престолот на свети Петар. Инаку, вообичаено папата при богослужбите да носи митра, која е поедноставна и има ромбоидна форма

Македонска митра од Рајчица стана тијара на папата Франциско

Преубавата македонска митра направена од охридски бисери од страна на монахињите во манастирот во Рајчица, Дебарско, што недамна му е подарена на папата Франциско, веќе е заведена како негова тијара во согласност со ватиканската традиција секој папа да има своја митра. Ова е 25та по ред папска тијара подарена некому од католичките поглавари од страна на различни дарители. Традицијата да им се подаруваат митрите датира уште од средината на 16 век дадена од непознат дарител на тогашниот папа Григориј XIII, кој беше поглавар од 1572 до 1585 година. По него, подароци добивале и другите папи, при што се случувало некој од нив да добие и неколку митри.

Овие подароци се мошне значајни за католичките поглавари бидејќи нив ги носеле на денот на своето поставување за духовни водачи на најголемата христијанска заедница во светот. Сè до пред педесетина години, таа била задолжителна да се носи, но традицијата се сменила во по 1963 година кога папата Павле VI бил последен поглавар што ја ставил на своето „крунисување“. Нешто подoцна, овој папа решил подарокот да се продаде на јавна аукција за парите да се искористат за помош на сиромашните во светот. Таа сега се чува во музејот на националниот храм на безгрешното зачнување во Вашингтон.

Оттогаш во Ватикан е сменета традицијата на задолжителното носење митри и со тоа папите веќе немале обврска да ги носат. Тоа не значи дека подоцнежните водачи на католичките христијани и натаму не ги добивале како подарок.
Така, на пример, тогашниот папа Јован Павле Втори во 1981 година добил т.н. унгарска тијара направена од католичките христијани од оваа земја во периодот кога таму на власт сè уште биле комунистите. Неговиот наследник Бенедикт XVI, пак, ваков вреден подарок доби од германски католици, а таа митра била изработена од страна на бугарските православни христијани. Иницијатор на тоа бил германскиот бизнисмен Дитер Филипи во 2011 година, а врачувањето се одржало на плоштадот посветен на свети Петар во Ватикан.
По доаѓањето на тронот пред три години, актуелниот папа Франциско нема добиено митра и македонскиот подарок всушност е митра што сега во ватиканските архиви неформално ќе се заведува како „митрата на папата Франциско“. Подарокот што по повод чествувањето на сесловенските просветители светите браќа Kирил и Методиј му го врачил претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски во италијанските медиуми веќе е означен како тијарата на папата Франциско.

Митрата, познато е, е симбол на трновиот венец што го носел Исус Христос на патот до распнувањето и своевиден потсетник на одговорноста што претстојателот ја носи пред Бога како поглавар на својот народ. Желбата на македонската делегација беше оваа митра да го носи белегот на нашата специфична култура и уметничка традиција.

– Во нејзината изработка е употребен прочуениот охридски бисер, традиционално произведен од семејството Тилеви, велат сестрите од манастирот во Рајчица.

Овие монахињи досега изработиле приближно 700 митри за христијанските поглавари, а меѓу тие што ги носат се и вселенскиот патријарх Вартоломеј, рускиот Kирил и ерусалимскиот Теофил.

Правило при изработката на овој папски симбол кој се наоѓа на грбот на Ватикан е таа да биде тристепена, но со сигурност не се знае каква симболика е вградена во тоа. При крунисувањето на папите се изговараат зборовите: „Примете ја круната украсена со три круни, знам дека сте татко на принцови и кралеви, владетел на светот, викар на нашиот спасител Исус Христос на земјата, на кој е честа и слава во сите векови“.

 

Наполеон подарил тијара тешка 8 килограми

Во историјата, дарители на митрите што ги носеле католичките поглавари биле значајни луѓе и најразлични институции. Забележано е дека во 1804 година на тогашниот папа Пие XII тијарата му ја подарил неприкосновениот француски император Наполеон по повод на неговата свадба со Жозефина. Интересно е дека таа е направена премногу мала, но и премногу тешка бидејќи тежи осум килограми за да може некој папа да ја носи.

На папата Пие IX кралицата Изабела II во 1855 година му подарила шпанска тијара, а две децении подоцна овој поглавар добил и белгиска тијара. Папата Лав XIII добил и австриска во 1894 година од стана на австрискиот владетел цар Франц Јозеф I.

Во ватиканските трезори се чуваат уште и германска тијара подарена од царот Вилхелм I, париска – подарок од католиците во Париз, како и други вакви подароци од разни градови – Милано, Бергамо, Палатин, од римскиот викар во име на католиците од целиот свет…

Автор: Бранко Ѓорѓевски