Митра од македонските монахињи и за Папата Франциск

Папата Франциск се вброи во листата светски христијански поглавари кои во својот кабинет имаат митра, рачно изработена од монахињите од бигорското сестринство. Му ја подари претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски при денешната аудиенција во Ватикан. Станува збор за уникатна и раскошна рачно изработена митра со белег на специфичната македонска култура и уметничка традиција изработена со охридски бисери.

Монахињите од манастирот посветен на „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица, инаку метох на надалеку познатиот Бигорски манастир оваа митра ја изработувале специјално за Папата Франциск. До сега имаат направено околу 700 митри за целиот Православен свет, вклучително и за Вселенскиот, Рускиот, Ерусалимскиот Патријарх.

Митрата како што е добро познато е символ на трновиот венец Христов и своевиден потсетник на одговорноста што претстојателот ја носи пред Бога како поглавар на својот народ. Иако пред неколку децении со Ватиканскиот Концил беше укинато носењето на вакви митри, сепак, митрата беше подарена како израз на почит и еден специфичен украс во спомен на пријателството со нашата земја. Желбата на македонската делегација беше оваа митра да го носи белегот на нашата специфична култура и уметничка традиција, нешто што ќе го чува споменот од нашата убава Татковина, па затоа во нејзината изработка е употребен прочуениот Охридски бисер, традиционално произведен од семејството Тилеви, велат сестрите од манастирот во Рајчица, од чии раце, молитвата и трудот е направена оваа митра.

Инаку, покрај оваа митра, македонската делегација на Папата му подари и длабока резба со флора и фауна од Македонија, уметничко дело кое симболизира сплотеност.