Прва крводарителска акција во Бигорски

Со благодарност и љубов кон животодарителот Бог, известуваме дека денешната крводарителска акција во нашиот свештен манастир, под мотото „Подари капка живот“, беше успешно и благословено сведоштво на човекољубие и солидарност.

Овој хуман чин, реализиран со благослов на нашиот сакан Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, и организиран во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Гостивар, како и со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, привлече навистина голем број дарители. Во релативно краток временски период беа собрани над триесет драгоцени крвни единици – триесет крвни зрнца на надеж, триесет можности за спасување на човечки животи.

Крв даруваа членови од нашето монашко братство, жители од околните краишта, како и поклоници и посетители на манастирот. Нивната жртва беше тивка и едноставна, но со тежина поголема од зборови – како сведоштво на она што нашиот Старец честопати го повторува: дека вистинската вера секогаш се претвора во љубов, а љубовта – во дело.

На организаторите и на сите хумани луѓе што ја отворија својата рака и срце им благодариме од душа.

Нека добриот Бог им возврати со изобилни духовни благослови, здравје и мир, а Неговата благодат да го умножи секое дело на љубов и добрина.

Бигорски останува дом каде што милосрдието се претвора во радост, а радоста – во заеднички благослов.