Нашите манастири, Бигорски и Рајчица, денес беа удостоени да бидат домаќини на корисниците на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Нова“ од Струга.
Оваа несекојдневна и за нашите монашки заедници особено радосна посета, беше организирана по иницијатива на Спортскиот центар „Форма Вита“, предводен од Мими Стојаноска, а со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј. Посетата беше дел од проектот на „Форма Вита“: Шириме љубов преку спортот.
Овие чисти и светли души од Центарот „Порака Нова“ имаа можност да се видат и да си земат благослов од Старецот на нашите обители, како и да се подружат со дел од браќата и сестрите. Љубовта и радоста што взаемно ги споделивме, јасно се оцртаа на нивните лица, озарени во најубави и најтопли насмевки.