Откако пред неколку години во два наврати беше извршена реставрација на старопечатени книги и ракописи, овие денови заврши реставрацијата на најстарото Евангелие од книгохранителницата на Бигорската Обител. Според натписот на почетокот, Евангелието е печатено во градот Москва, во 1703 година, во времето на „царот и велик кнез Петар Алексиевич (Велики), самодржец на целата Голема, Мала (денешна Украина) и Бела Русија.“ Во текот на деветнаесеттиот век, поточно во периодот помеѓу 1837 и 1857 година, како што се докажа од испитувањето на користената хартија, е извршена реставрација која значително го променила неговиот изглед. За жал, неповолните услови во кои се чувала оваа старопечатена книга придонеле за нејзино скоро уништување. Но, по иницијатива на Игуменот на Свештената Обител, Архимандрит Партениј, а со штедра донација од страна на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, се изврши целосна реставрација на оваа книга, со што ѝ се врати нејзиниот поранешен сјај.
За спроведување на овој значаен потфат беше повикан професорот по реставрација на книги и ракописи од Вишата црковна академија во Солун, господинот Николаос Манѕурис, познат по неговата работа во библиотеките на светогорските манастири Ватопед, Дохијар, Ксиропотам и др. Беше одлучено да се користи методот на санација при која ќе се задржи последниот изглед на книгата, а реставрацијата беше спроведена во текот на четириесет дена. Грбот беше зацврстен, хартијата исчистена од прашина и восок, сите искинати и нагризани делови од хартијата и дрвото беа надополнети, се стави нова прекривка од кадифе, а металните украсни делови беа поправени и повторно позлатени. Сите интервенции – лепење, шиење и сл. – се извршија на истиот начин кој се користел во времето на создавање на книгата, односно на нејзиното прво реставрирање, а за надополнување се користеше рачно изработена јапонска хартија со тежина како оригиналната.
Овој проект е дел од многуте потребни мерки кои треба да се спроведат за прописно функционирање на бигорската книгохранителница, како би можела таа да ги отвори вратите за сите заинтересирани истражувачи. Сеуште е потребно уредување на соодветната просторија која ќе се користи како депо, со што ќе се исполнат условите нашата Свештена Обител да си ги поврати и изложи за јавност своите десет ракописи од 15 и 16 век, а кои денес се наоѓаат во Државниот Архив.
Изразувајќи ја нашата благодарност до оние кои овозможија ова свето Евангелие да си го врати стариот сјај и да стане врвен украс на нашата книгохранителница, повторно упатуваме апел до сите благочестиви Христијани и родољубиви Македонци да го помогнат реставрирањето на старите бигорски книги и опремувањето на депото и на тој начин да придонесат за зачувување на историските споменици на Христијанството во овој наш херојски крај.