Кој Бог е велик како нашиот Бог, Ти си Бог Кој твори чудеса (Велики Прокимен)
Тие стихови одѕвонуваа во нашите срца, исполнети со бескрајна благодарност кон добриот наш Господ, заради своевидното за нас чудо што ни го направи при вчерашната наша посета на женскиот манастир посветен на Претечата, кога ни ја отвори ризницата на Неговото скриено духовно благо во Акритохори. Имено, во понеделникот, на 17 Јули, со благослов на нашиот Старец, Епископ Антаниски Партениј, сестрите од нашите два манастири тргнаа на поклоничко патување кон светата Обител на Св. Јован Крстител во Акритохори, Грција, кое беше претходно најавено и договорено со игуменијата на Обителта. За повеќето од нас ова беше прва средба со тоа прекрасно светилиште кое еве веќе 40 години проповеда со својот длабоко духовен монашки живот и подвиг. Како и секогаш кога ќе се сретнат души вљубени во Христа, средбата зрачеше со искрена сестринска љубов и посветено гостољубие, слеани во прекрасниот молитвен амбиент и манастирска тишина што и нашите души ги вознесе кон созерцание и благодарење за неописливата Божја милост. Особено што наш посветен домаќин во тоа таинствено откривање на светињата беше никој друг, туку Старецот на ова прекрасно сестринство, високопреподобниот игумен на Светогорскиот манастир Ксенофонт, отец Алексиј. Него Божјата промисла милостиво го донесе токму на тој ден во манастирот, за така да ни ја исполни желбата најпосле да го видиме и да примиме благослов од овој свет Старец, за кого имавме многу слушано од нашиот сакан Старец и владика, епископ Партениј, и од браќата кои ја имаа таа чест да го посетат манастирот Ксенофонт и да се насладат од благодатниот лик на дедо Алексиј. Не само да го примиме неговиот благослов туку и да се удостоиме да ги слушнеме неговите мудри и длабоко созерцателни поуки за наше монашко наѕидание и идна духовна борба во Христа:
„Денес сме посебно среќни затоа што пред нас гледаме сестри монахињи кои зеле удел во подвижничкиот живот, кои имаат повик и храброст да Го следат Бога. Во оваа тешка епоха во која што живееме, сестрите од овој манастир ни овозможуваат контакт со другите манастири, привлекуваат многу луѓе, ја практикуваат молитвата, се подвизуваат во подвигот на воздржанието и послушанието, на љубовта, на верата. Тоа се тие нешта заради кои ние дојдовме тука и се откажавме од светот. Во тие рамки треба да се движиме. Да ја возљубиме молитвата, да се утврдиме во верата, да се подвизуваме во трпението, за да би можеле да ја пружиме нашата љубов, која најпрвин ќе треба да ја најдеме во нашиот Бог, а потоа и во нашите браќа, сестри. Зашто нашите сестри се нашиот ближен. Само така ќе стигнеме до спасението. Да го постигнеме она што е кажано „да станеме свети“, бидејќи светоста не е едно надворешно чудо, туку чудо на нашиот внатрешен свет. Тоа дело на прочистување и очистување на срцето е нашиот поттик и цел на нашата борба. Кога Старец Ефрем Катунакиски дојде во нашиот манастир, и имавме духовен разговор, меѓу другото го прашавме „Кој е подвигот на еден монах?“ Тој одговори: „Да се откажеме од својата воља, да правиме послушание – тоа ќе нè одведе до вистинското спасение“. Тој самиот, нели, остана до крај во послушанието. Тогаш некој од браќата го праша: „На што друго треба да внимаваме? Не ни кажа ништо за молитвата.“ Тој рече: „Правете послушание, и ќе ги правите сите останати добродетели. Ако имате послушание, ќе сакате и да се молите, ќе сакате да одите и на служби, ќе се придржувате и на типикот на манастирот.“ така и јас, сестри, судејќи според мојот досегашен крст и моето духовно искуство, ви велам: послушанието е темелот на монашкиот живот. Големо е тоа дело што го правите сега. Тоа што сте во монашката схима и стоите до Старецот, правите послушание – немојте ни да се сомневате дека тоа ќе даде голем и убав плод. Заедничарењето веќе почна – ќе дојде и до конечното Воскресение! Бидете цврсти во послушанието! Да ви даде Господ да издржите во подвигот и послушанието, да бидете издржливи во вашиот духовен живот и борбата. Да не го мачите и преоптоварувате Старецот. Еднаш го прашавме Свети Пајсиј: „Како ќе ни суди Господ нам кои одговараме за многу други души пред Бога?“ Тој ни рече: „Според нивниот живот“. Затоа, ако го сакате вашиот Старец, трудете се да не го растажувате, да не му отежнувате, да го слушате…тој бдее за вашите души..
Ме радува тоа што вашиот Старец успеал да ви ја пренесе својата љубов и почит кон таткото на целото Православие, Константинополскиот Патријарх Вартоломеј. Нашиот Патријарх е вистинско духовно богатство. Да знаете, вашиот Старец одигра многу голема и најважна улога во решавањето на прашањето за вашата Црква, во примањето на вашата Црква во канонско единство, и за тоа ќе добие голема награда од Бога. Носи тежок крст, но крстот секогаш води до Воскресение. Сега вашата Црква доживува големо раѓање. Господ се молеше сите да станеме едно, тоа беше Неговата последна молитва. За жал политичките случувања многу лошо се одразија на Црквата. Ние секогаш се молевме да се најде решение за вашиот проблем, бидејќи тоа беше голема рана на телото на целата Црква – требаше до сега да се исцели. Национализмот и етнофилетизмот е страшна работа. Потполно ве разбираме во каква состојба сте, и ние сме во иста состојба и околности. Молете се – тоа е начинот да се реши. И тоа што сте сега тука, што одите кај Патријархот – тоа е спасително за вас, бидејќи, како што ви кажал и вашиот Старец, така ќе учите предание. Тоа е голема работа. Голем благослов за сите нас е што ја имаме Света Гора толку блиску – бидејќи таа нè учи низ примерот на многу нејзини светии. Гледате колку многу светии ни даде во последно време. Сите што ги канонизираа од Света Гора ги познавав уште додека беа живи! Св. Порфириј, Св. Пајсиј, Св. Јаков Цаликис, Св. Ефрем Катунакиски, св. Емилијан – тој беше малку постар, Св. Евмениј од Крит, свети Никифор од Атина….Светогорските Светии се дар за целото Православие.
Сакам да ви спомнам и за една друга рана на Православието- технологијата на новото време. Неа треба да ја лекуваме. Тој подвиг треба да почне од монасите, ние да се тргнеме од телефоните. Така, со нашиот пример, ќе можеме повеќе да им помогнеме на децата и ближните, оти луѓето ја губат надежта. До толку што не сакаат ни да се борат со лошото. Гледам дека и на Света Гора доаѓаат млади кои имаат проблем со тоа. Затоа ви велам: Исто како што вие, уште млади, ги оставивте своите родители и роднини, сега оставете ги и телефоните. Дојде еден световен човек кој ми се пожали дека телефонот е многу лоша работа. Му велам: „Не е до телефонот, виновен е твојот прст“. Не го сакаме подвигот, тешко ни е да кажеме „не “на лошото. Но да не ги сметаме луѓето за лоши – туку гревот! Да го разграничиме гревот од човекот. Да не го осудуваме човекот, оти тој може во тајност да се покае, а тебе да ти остане гревот на осудата. Да, осудувањето е наш голем проблем оти можеме и несвесно да осудиме. Да се пазиме од тоа.
Последната мисла кој ми дојде сега и што сакам да ви ја кажам е да не ги слушате помислите. Оти помислите се и од ѓаволот кој дејствува преку нив. Затоа Светите Отци велат: „Остави ги своите помисли на Старецот“, таму е сигурноста. Еден монах беше често искушуван од ѓаволот…му зборуваше, му зборуваше, му зборуваше… и најпосле монахот појде кај Старецот и му кажа. Старецот му рече: следниот пат кога ќе ти дојде ти кажи му вака: Јас имам Старец. Сè што имаш да ми кажеш – кажи му на Старецот!“. така го најде лекот.“
Благословот од присуството на Ксенофонтскиот Старец беше удвоен и со присуството на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот на Сидерокастро, г. Макариј, кој беше почесен гостин на манастирот и кој исто така не пропушти да ја изрази својата радост заради оваа од Бога уредена прилика за вистинско заедничарење во љубовта Христова. Секој негов збор го сведочеше она што и Самиот Христос го посакува од нас: да бидеме едно во Бога, да пребиваме во братољубие, пожртвувано да служиме едни на други, за така да ја исполниме волјата на Оној, Кој на сите ни послужи.
Средбата беше запечатена со еден топол и срдечен разговор на сестрите со игуменијата на манастирот Јакова, која со нас ги сподели своите искуства за почетоците на манастирот пред 40 години. Беше навистина трогателно и за нас сестрите многу поучно да слушнеме за силната ревност на првите 4 сестри кои биле спремни, не само да остават сè во светот туку и да направат напор на една нива што самите ја купиле, со свој сопствен труд и залагање да го изградат нивниот прв скромен дом, што се состоел од само еден објект поделен на црква, трпезарија и две келии. Бог, гледајќи го нивниот пожртвуван труд, го благословил и умножил плодот на нивните раце па сега светилиштето е една прекрасна духовна оаза со огромен храм – своевидно архитектонско чудо во кое уникатно се споени архитектурата и ликот на неколку храма, меѓу кои и нашата прочуена охридска Света Софија, посветена на Премудроста Божја. Храмот бил завршен пред 11 години и навистина во себе ги собрал молитвите, пожртуваноста и благочестивите даренија на верните христијани од тие краишта. Секој негов дел од неговото внатрешно и надворешно благолепие сведочи за големата љубов и верност со кои сестринството, предводено од својот Старец Алексиј, смирено чекори во пресрет на Христа, својот Младоженец. Игуменијата Јакова со топла и срдечна насмевка на лицето ни раскажуваше како смирено тропале од врата на врата барајќи помош оти, како што рече таа, местото било непристапно за дедо Алексиј, немало ни пат што водел до него. Денес сестринството брои 45 сестри, соподвижнички и сопатнички што секој ден неуморно се трудат во послушание и доследно да го исполнуваат типикот, кој како светогорско наследство им го оставил дедо Алексиј, и кој тие го овоплотиле во својот секојдневен подвиг: лично молитвено правило во раните утрински зори проследено со заедничка молитва и богослужба во храмот, трпеза и пладневен молебен канон, после што следат бројните послушанија, а во попладневните часови вечерна богослужба и трпеза, Богослужбениот ред се запечатува со повечерието кое го означува крајот на заедничката дневна молива и почеток на индивидуалната. Дел од сестринството, имено сестра Продрома и уште две сестри по избор, веќе 30 години ревносно го одржуваат жив монашкиот живот во манастирот Балаклија во Константинопол и покрај строгите мерки што турската власт ги спроведува во поглед на нивниот престој таму. Нè восхити таквото ревнување за светињата Христова, придружено со навистина топлата љубов и послушание што сестрите ги имаат една кон друга и кон својата сакана игуменија, која ги напои и одмори нашите души. Сакавме денот воопшто да не заврши. Секаде кај што се движевме додека игуменијата нè шеташе низ манастирските работилници, бевме пречекани со љубовна насмевка и тивко смирение на сестрите кои работеа таму. Секаде се чувствуваше духот на Старецот Алексиј, што цело време ненаметливо ни го проповедаше големото значење на неприкосновеното монашко послушание, кое монахот доброволно му го принесува на Христа преку својот личен труд со кој придонесува во заедницата и преку својата послушност кон Старецот и игуменијата. Всушност тој ден имавме можност да го видиме овоплотено сето она што неговите усти ни го пренесоа на тој за нас многу драгоцен синаксис.
Најмногу нè израдува и утврди почитта и љубовта што дедо Алексиј ја покажа кон нашиот љубен Старец Партениј, неговата топла грижа додека татковски нè советуваше да го слушаме во сè нашиот Старец, да не му причинуваме грижи туку да му го олеснуваме бремето на тешкиот крст што тој го носи за нас и за возљубената ни Црква. Си заминавме од светилиштето збогатени со уште едно големо духовно искуство, утврдени во љубовта, верата и желбата да Му служиме на Бога и на нашиот Старец и со скромна молитва во срцата Бог да нè удостои и ние да имаме можност да го пречекаме во нашите манастири светиот Старец Алексиј што ги освои нашите срца заедно со смирената и толку длабоко духовна игуменија Јакова и нејзините послушни сестри.