Благиот и семилостив наш Бог, „радоста на Мачениците и пофалбата на Апостолите“, продолжува штедро да ја милува нашата Свештена Обител со Своите обилни благослови, преку Свои избрани верни и богопредани слуги. Овој пат Неговиот нежен татковски допир дојде во вид на благодатна апостолска посета, и тоа на Светиот првоврховен Апостол Петар, преку неговата преубава, виртуозно изработена икона, којашто пристигна во нашиот Манастир вчера, како особен дар за нашиот Старец, Преосветениот г. Партениј Епископ Антаниски, од нашите драги и сакани пријатели Димчо и Антонија Димчовски од Р. Бугарија.
Иконата на Светиот Апостол Петар не е само едно уметничко црковно дело, туку пред сè, олицетворение на силната верба, неразнишаната посветеност и внатрешниот духовен сјај на нејзините зографи и воедно дарители. Со други зборови, Димчо и Антонија не сликаат само со боја и четка, туку и со длабоко чувство, молитва и љубов. Овие благословени зографи – сопружници во повеќе наврати ги имаат дарувано нашите манастири со скапоцени творби, изработени со вештини на древните мајстори, во традиционален источно-православен (византиски) манир, користејќи како материјали злато, сребро, олово, емајл, бисери и полудрагоцени камења.
Иконата на Свети Петар, Димчо и Антонија му ја подаруваат на нашиот Старец како надополнение на нивниот претходен дар – икона на Светиот Апостол Павле, а во чест на неговата хиротонија во епископски чин, којашто се случи на празникот на Светите Првоврховни Апостоли. Сега, пак, иконата на Свети Петар ја носат токму во пресрет на роденденот на Епископот г. Партениј.
Дарувањето и великодушоста од нашите возљубени дарители – зографи не остана само на иконата на Апостолот. Тие овој пат ни го донесоа и благословот на православна Грузија, со тоа што на гости ни дојдоа заедно со Високопреподобниот Архимандрит г. Серафим, почитуван старешина на историски многу значајниот Соборен храм на Православната Црква на Грузија Светицховели, сместен во древната престолнина Грузија, градот Мцхета, каде што до ден денес се чува Светиот Хитон Господов. Архимандритот Серафим донесе со себе не само благослов од чудесната земја на Свети Георгиј, туку и икона на новојавениот Светија од Грузија, Свети Гаврил Ургебадзе – исто така прекрасно и со љубов изработена од Димчо и Антонија – како и честичка од неговите свети мошти, за поклонение и духовно поткрепување. Овие светињи, чесните мошти и иконата на Свети Гаврил, ќе бидат упатени кон нашиот почитуван Блаженејши Архиепископ г. г. Стефан, во знак на длабоко почитување од страна на Архимандритот и на зографите, додека иконата на Свети Петар останува да го краси наши Манастир.
Пристигнувањето на ценетите гости и на светињите беше пресретнато со голема љубов и нескриена радост од страна нашето братство. Со свечениот пречек, во топлата духовна атмосфера, под закрилата на Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, на гостите и на светињите им се оддаде достојна чест и благопочитание. Со очи наполнети со благодарност и усни од кои се излеваат благослови, Преосветениот Старец го дополни свечениот момент со благодарствено слово:
Чесни отци, возљубени браќа и сестри,
Господ денес, со доаѓањето на уважените гости, Високопреподобниот Архимандрит г. Серафим и на благочестивата зографска двојка г. Димчо и г-ѓа Антонија Димчовски, нè удостои да се поклониме на свештените ликови на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле и на чесните мошти на новопрославениот свет Старец од Грузија, Свети Гавриил Ургебадзе.
Прекрасната икона на Светиот Апостол Петар е, всушност, дел од комплетот икони на Светите двајца Првоврховни Апостоли, бидејќи иконата на Светиот Апостол Павле, изработена на ист начин и со исти димензии, благоверното семејство Димчовски ми ја испрати пред три години, како дар во чест на мојата хиротонија. И еве сега, по Божја промисла, пристигна и оваа икона, којашто авторите посакаа лично да ми ја подарат за мојот роденден.
Сесрдно им благодарам на овие прекрасни Христови души и за скапоцениот и свештен дар, како и за тоа што заедно со почитуваниот отец Серафим од Грузија, ги донесоа за поклонение иконата и моштите на Свети Гавриил. Овој голем современ Старец од Грузија, кој во најново време стана особено омилен и славен по сето Православие, имал пророчки и проѕорлив дух. Неговите молитви и благослови нека бидат со сите нас! Иконата и моштите од Свети Гавриил се за нашиот Архиепископ, но еве, по Божјата милост, ние се удостоивме порано да се поклониме и на светиот образ, а и на неговите свети мошти.
Уште еднаш безмерно им благодарам на благородните г. Димчо Димчовски и на неговата сопруга г-ѓа Антонија Димчовски, кои заедно ги творат овие прекрасни икони во ромејска уметност. Навистина, оваа икона не е само подарок за Манастирот, туку, пред сè, за нашите души. Ова благословено попладне за нас навистина преставува благодатна апостолска и светителска посета! И како што нè учи православната теологија на иконите, тие не се само обични слики; тие се прозорци кон небесата низ кои го гледаме Првообразот на Творецот на сè видливо и невидливо, Го гледаме преслаткиот наш Спасител Господ Исус Христос“.
Загледана, пак, во тие чудесни прозорци кон духовното Небо, Бигорската Обител продолжува да зрачи со светла благодарност и љубов кон оние кои знаат да изработат и да подарат вакви бесценети дарови. Нека нивниот пат кон Бога биде осветлен и украсен со Светиите чиишто образи со љубов ги сликаат!