Спортски великани во Дебар: Панел дискусија за успехот, дисциплината и предизвиците на врвниот спорт

Во салата на хотел „Венец“ во Дебар, вчера се одржа несекојдневен настан кој ги обедини спортот, духовноста и животната мудрост. Под мотото дека спортот не е само физичка сила, туку прочистување на „храмот на телото“, петмина врвни спортисти ги споделија своите интимни приказни за успехот, падовите и нескршливата волја.

Настанот беше отворен со силна и мотивирачка порака до присутните, меѓу кои беше и претседателот на Советот на Општина Дебар, г. Африм Керкути. Тој во своето пригодно обраќање ја истакна цврстата посветеност на локалната самоуправа во поддршката на спортските клубови и развојот на младиот спортски дух во градот.

Својата почит кон спортските великани ја изразија и бројни претставници на локалната самоуправа, истакнати професори, претседатели и тренери на спортски клубови, како и претставници на Бигорското братство и Рајчичкото сестринство, меѓу кои и архимандритот Доситеј, како претставник на епископот Антаниски г. Партениј, чие присуство му даде на настанот една поширока духовна и општествена димензија.

Панел-дискусијата, која изобилуваше со емоции, ги претстави патиштата на петмина великани:

Едина Муса говореше за својата неверојатна трансформација од NCAA кошаркарските терени до светскиот бодибилдинг врв. Таа ја нагласи важноста на поддршката од семејството, како и менталната сила при враќањето на теренот по мајчинството, порачувајќи дека улогата на мајка и професионален спортист не се исклучуваат, туку се надополнуваат.

Алпинистката Ирина Камилоска, направи паралела помеѓу суровите предели на Хималаите и она што таа го нарекува „најтешката експедиција“ – мајчинството. Камилоска истакна дека стравот на планините се совладува со смиреност, а вистинската смисла на успехот се постигнува преку потполната себепредаденост на новите животни улоги.

Таа ја сподели својата мисија која веќе стана вистинско движење – поттикнување на десетици мајки со своите бебиња речиси секојдневно да го искачуваат врвот на Водно. Со овој подвиг, Ирина докажува дека активниот живот и авантуристичкиот дух не застануваат со родителството, туку добиваат нова, уште поблагородна смисла, мотивирајќи ги младите жени да останат активни и да не се откажуваат од своите соништа.

Пулексенија Јовановска, олимпијката која го стави македонското карате на светската мапа, објасни како дисциплината на катите (перфекционизам во движење) се пренесува во лидерството во Олимпискиот комитет. Нејзината одлука да остане во Македонија и да се бори за еднаква застапеност на мажите и жените во спортот беше поздравена со силен аплауз.

Берат Јакупи, четирикратниот европски шампион, го сподели клучот за континуитетот на врвот. Тој направи силна паралела меѓу спортот, пренесувањето на спортските вештини на младите и политиката, истакнувајќи дека вредностите од каратето – трпението и самодисциплината – се неопходни за секој општествен напредок и за градење систем кој произведува медалисти.

Харис Беќири, човекот чиј што Everesting подвиг (што ја претставува еквивалентната висина на Монт Еверест, искачена во еден здив), ја пренесе планинарската философија како лекција за младите. Како педагог, тој истакна дека планината е метафора за животот, каде истрајноста е клучна за пронаоѓање на сопствената смисла.

За време на дискусијата, панелистите одговараа на прашања кои навлегоа длабоко во нивната приватност – од тоа како се „преговара“ со умот кога телото откажува, до важноста на тимот и семејството во индивидуалниот успех.

„Видовме дека секој од нас носи свој ‘Еверест’ во себе. Видовме дека падот не е пораз, туку подготовка за нов подвиг. Кога телото се уморува, духот е оној кој нè носи до целта,“ беше истакнато во завршното обраќање.

Панел дискусијата во Дебар заврши со порака до помладите генерации: да не бараат брз успех и трендови, туку да се фокусираат на упорност, чесност, дисциплина и градење на карактерот.

Овој настан, организиран од Здружението Рајчица, а насловен како „Да водиме со личен пример“, кој собра на едно место спортисти, духовни лица и граѓани, покажа дека Дебар знае да ги препознае и слави вистинските вредности, оставајќи искра на храброст кај секој присутен во салата на хотел „Венец“.