Денеска, во овој претпразничен ден на светлото Преображение Господово, нашиот старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, ја оствари својата прва официјална средба со новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Неговото високопреосвештенство г. Георгиј.
Средбата, којашто сте оствари во просториите на светата Митрополија во Охрид, помина во искрена и конструктивна атмосфера, исполнета со љубов кон Црквата Христова и со заедничка грижа за спасението на доверениот народ Божји. Најнапред, нашиот старец, од името на целата наша монашка заедница, му посака на митрополитот благословена и плодотворна архиерејска служба, душевно и телесно здравје, просветление и мудрост одозгора, за благобитието на епархијата, на монаштвото и свештенството, на верниците и на сите граѓани. Потоа, во текот на разговорот, старецот го запозна Високопреосвештениот со динамиката на мисијата и животот на нашата монашка заедница, како и со делувањето на светите манастири што се наоѓаат под негово духовно раководство.
Се молиме и се надеваме дека оваа средба ќе биде почеток на плодотворна соработка, во духот на апостолското единство и евангелската љубов, на духовна полза за народот Христов, и за сите и за сѐ.