Сведоштвото на Св. Лонгин Стотник изразено преку звуците на виолина и виолончело

А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа; и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина. А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој бил Син Божји!” (Матеј 27,50-54)

Навистина Овој бил Син Божји! – тоа е сведоштвото на еден обичен римски военоначалник, незнабожец, кој, гледајќи го со своите очи невиното и страшното Распетие на Исус Назареецот – Распетие доброволно поднесено за љубов и спасение на целото човештво – извикал со силен глас и уште посилна вера. И ете, сведоштвото на овој обичен римски незнабожец и до денес така громко како и тогаш прозвучува насекаде каде што се чита Светото Евангелие, а ќе звучи и до скончанието на овој преоден свет. Тој обичен незнабожец, пак, кој, неволно, по својата должност, се нашол под Крстот на Голготскиот рид крај Ерусалим на Велики Петок, бил римскиот воен службеник, Лонгин Стотникот. Откако ги видел чудесните настани при Страданието Господово, тој од римски војник и незнабожец, станал бестрашен воин на Царот Небесен и пламенен сведок и проповедник на Неговото преславно Воскресение, за најнакрај и со крвта своја, маченички да го запечати своето сведоштво. Светата Црква Божја токму денес го слави неговиот годишен спомен и сечесното му заради Христа страдање.

А нашата Света Обител, која со особена почит го слави споменот на Св. Лонгин Стотникот, овој пат, освен со светотаинското литургиско празнување, по Божја промисла, го одбележа и со уште еден невообичаен, но навистина прекрасен настан. За приредба на ова несекојдневно случување се погрижи младиот виртуоз на виолина, 25-годишниот Игор Милевски од Битола. Овој наш генијален виолинист, и покрај младата возраст, има блескава професионална биографија, со многубројни настапи во државата и надвор, пред најзвучните имиња од светот на виолината, со многу награди, позитивни оценки и признанија… Меѓутоа, неговиот силен копнеж по Бога и љубовта кон Бигорската Светиња, и особено кон својот сродник, нашиот Старец Архимандрит Партениј, го исполнија со горешта желба да подари еден мал концерт и во нашата Обител. Така, тој самиот посака токму на овој ден, пред Старецот, братството и манастирските гости, да отсвири неколку композиции од класичната музика. Заедно со својот роден брат, исто така многу познатиот македонски виолончелист Љупчо Милевски, во манастирскиот велик синодикон ги изведоа композициите: „Чакона“ од Ј. С. Бах, „Капричо, бр. 16, оп. 1“ од Н. Паганини, „Капричо ‘Каденца’“ од Х. Виењавски и „Прелудиум за виолина и виолончело“ од Д. Шостакович. Но, она што особено ги стопли нашите души и го израдува нашиот слух е изненадувачката изведба на две чудесни византиски музички творби – „Кратимата на 5-ти глас“ од Петар Византиецот и третата великопеточна статија „Народите сите“. Со изведбата на овие композиции, браќата Милевски покажаа дека веќе запловиле по длабоките убавини на боговдахновената источно-православна музичка традиција.

Најсрдечно им се заблагодаруваме за прекрасната изведба и им посакуваме непрестајно да се возвишуваат во височините на музиката, на таа богоподарена умешност што служи за славење на врховниот Уметник – Бога, а особено во висините и длабините на музиката што произлегува од обожените души на светиите и праведниците Божји!