Денес се навршуваат 35 години од упокојувањето на првиот Архиепископ на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, нашиот возљубен духовен пастир г. г. Доситеј.
Бескрајно сме Му благодарни на Бога што ни го издигна овој доблесен архипастир, монах и татко на монасите, роден на 7 декември 1906 година, којшто во монашкиот живот зачекори во 1924 година, во својата 17 годишна возраст, и кој покажа невидена смелост, пожртвуваност и љубов кон својот народ и Татковина. Зашто само благодарение на неговата смелост и пожртвуваност, како и на сите други кои целосно се посветија на тоа благородно дело, особено по ослободувањето во Втората светска војна, 200 години после укинувањето, повторно е возобновена Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. И како одговор на сите оние кои скептично мислат дека таа одлука беше погрешен чекор, би рекле само дека прашање е дали воопшто ќе имавме своја Држава во 90 – те години доколку не се случеше тоа возобновување на Охридската Архиепископија, бидејќи токму Црквата, домородниот клир, беше во многу заслужен и потребен да се поткрепи и негува слободарскиот дух кај народот и неговата самосвесност за националната припадност, што помогна тој да се ослободи од великосрпскиот хегемонизам, кој особено владееше во редовите на Српската Православна Црква, во лицето на нејзините стари хегемонистички настроени митрополити. Така се спречија силното настојување и апетити на овие српски архиереи, кои сакаа преку политичка поддршка да се вратат во нашата земја, иако беа крајно неомилени кај народот. Навистина ние никогаш не смееме да го заборавиме она што тој го направи за нас, не смееме да ја погазиме одлуката којашто беше донесена уште пред 50 – тина години и со која на овој народ му се запази најпрвин самобитноста, за потоа со Референдумот од 1991 година, да се создадат и услови тој да го направи вистинскиот избор за своја сопствена, независна Држава.
Вечно ќе си спомнуваме за него во своите скромни молитви и ќе просиме од него да се застапи пред Бога, по молитвите на нашите славни и свети духовни татковци Св. Климент, Св. Наум Чудотворец, да се исправи неправдата и нашата Црква МПЦ – Охридска Архиепископија да биде прифатена. Се надеваме дека поради неговото свето и благородно дело, неговиот храбар чекор, Господ ќе ги услиши неговите и наши молитви за помирување и духовно вразумување на нашите браќа од Српската Православна Црква, за тие да ја прегрнат нашата Црква во духот на Христовото братољубие.
Вечен му спомен на овој великан на нашиот народ и голем црковен деец.