Во домот на Светите Браќа под Крчин: кампови на љубов, вера и духовно растење

Со секое ново лето, бигорскиот скит во живописното Битуше, посветен на Светите Браќа Кирил и Методиј, се претвора во мало духовно гнездо, каде што младите срца се собираат здружно, за да се наполнат со светлина, со радост, со мудрост, како и за да стекнат нови пријателства. Овој август, прекрасното подножје на планината Дешат уште еднаш беше сведок на чистата детска радост, искрените и длабоки разговори и инспиративните катихетски работилници. Во тие неколку дена, времето како да застана – сите грижи и брзината на секојдневието исчезнаа, а на нивно место се зацари љубовта, заедничарењето и духовниот мир.

И овој камп беше исполнет со многу креативни работилници и предавања. Овој пат, актерската школа беше предводена од неповторливиот актер Владо Дојчиновски, чиишто присутност, харизма, посветеност и беспрекорна работа го збогатија кампот на посебен начин. Со неговата енергија, духовитост и љубов кон децата, ги водеше активностите поврзани со глумата, поттикнувајќи ја нивната креативност и храброст да застанат пред другите и да ја изразат својата мисла. За многумина, тоа беа први допири со театарската магија, што придонесе тоа искуство долго да се памети.

Креативната работилница со наслов „Патот до книгата од идеја до полица“, којашто веќе четири години се реализира како проект на локалната библиотека „Гоце Делчев“, во Велес, беше особено инспиративна за младите. На неа тие се запознаа со процесот на создавање книга, поточно како се раѓа една идеја што создава книга. Беа согледани улогите на лекторот, илустраторот, издавачот и библиотекарот. Реализатори на работилницата беа волонтерите: проф. по книжевност Наташа Брезовска Богоевска како автор, проф. по македонски јазик Павлина Најдова како библиотекар-каталогизатор, проф. по македонски јазик Стефани Андреевска како лектор и одделенските наставнички Снежана Бошевска и Роза Здравковска. Со нивна несебична помош секое дете изработи своја книга, применувајќи ги сите елементи при процесот на создавање книга.

Покрај овие две особено значајни креативни работилници, младите учесници присуствуваа и на часови по вероучение, каде што ги продлабочуваа своите знаења за верата и потребата од литургиски живот во Црквата. Во делот на домаќинството, учеа како со љубов и внимание сами да се грижат за секојдневните потреби – од готвење и ред, до меѓусебна помош и соработка. Деновите беа збогатени и со рекреација во прекрасната природа и спонтана дружба која младите ќе ја негуваат и откако ќе се вратат во своите домови.

Ова беше последниот летен камп за чијашто реализација, пред сè, неизмерно сме Му благодарни на Бога, а понатаму и на многуте наши верни донатори и спонзори: „Лакталис“, „Жито Лукс“, „Жито Полог“, „Просветно дело“, „Драни Премиум“, „Кристал 1923“, „Витаминка“, „Салмак – МБ“ и многу други. Уште еднаш бескрајно им се заблагодаруваме на: актерите Владо Дојчиновски, Никица Јанкуловски и Кристијан Танчевски, професорката по физичко воспитание и активистка Мими Стојановска, наставничките: Весна Атанасова и Даниела Талеска од „Академија Атанасова“ и „Хелен Дорон“, професорките: Наташа Брезовска Богоевска, Павлина Најдова, Стефани Андреевска, Снежана Бошевска и Роза Здравковска од работилницата „Патот до книгата од идеја до полица“, професорите теолози: Димитар Угриноски и Христијан Василевски, Ана Псалтирова-Давидовски и многу други волонтери и воспитувачи кои помогнаа во целосната реализација на активностите.

Камповите по вероучение не беа само уште едно летно збиднување, туку духовно патување кое остави траен печат во срцата на сите присутни, кои дојдоа не само од сите краишта на Македонија, туку и од Австралија, Австрија, Албанија, Америка, Германија, Италија, Холандија, Шведска.

Веруваме дека семето на љубовта и добрината, засадено во деновите на летните кампови, ќе расте и ќе носи плодови низ целиот живот на дечињата учесници.

Самата идеја, пак, благословот и заложбите за организирање вакви кампови за веронаука на најмладите му припаѓаат на нашиот возљубен Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, за што му изразуваме бескрајна благодарност. Со својата татковска љубов, духовната далековидост и неуморната грижа за младите, тој го посади семето од кое израсна и се разви ова прекрасно дело. Преку неговата визија и трудољубие, кампот во Битуше стана вистинско катихетско прибежиште, каде што младите не само што учат за верата и за животот, туку стекнуваат духовни пријателства и ја живеат радоста на заедничарењето во Христа.